Утринско кафе со Бојан Ковски: Бојата ми е главна мотивација и радост во денот

Добивај вести на Viber

Првото утринско кафе секогаш го пијам со себе, станувам, влегувам во атеље и си правам кафе. Зависи од денот и од тоа како се чувствувам пијам еспресо или филтер кафе дури си го правам планот за тоа како ќе тече престојниот ден. После кафето, денот може да започне.

Моите дневни планови и обврски зависат од денот, но поголем дел од времето секако ми е посветен на сликање и создавање на дела. Атељето е моето место каде се чувствувам сигурен и среќен, веројатно затоа и тоа е местото каде што поминувам најголем дел од моето време. Во изминатиов период, дел од моите дела на кои што работев изминативе две години беа презентирани на самостојна изложба во Галеријата „Акантус“, така да секојдневно бев присутен и таму за средба со посетителите. Тоа е дел од работата на авторот.

Бојата е мојата главна мотивација и радост во денот. Прелевањето на различни бои и нијанси, како што проаѓа времето, секогаш ме прават среќен. Нивната разиграност ме мотивира во работата, а начинот на кој што бојата се прелева од една во друга нијанска и формира слика која што ние ја гледаме, е, тоа е она што ја нахранува мојата инспирација.

Време со најблиските е најубав завршеток на денот. Затоа на крајот од секој ден најчесто сакам да сум опкружен со луѓето што ги сакам, а доколку е убаво друштвото активноста не е ни толку важна.

Книга или филм? И двата медиуми ми се подеднакво драги, но морам да речам дека почесто практикувам гледање на филм, веројатно поради целата визуелна приказна која што е веќе сервирана од некој друг и самата можност да се влезе во имагинацијата на некој автор и да се видат неговите мисли, тоа дополнително ме фасцинира.

* Бојан Ковски, уметник