Утринско кафе со Д-р Борислава Спироска: Ме мотивираат самите пациентки, секоја со својата уникатна енергија

Добивај вести на Viber

Денот ми започнува со дигање ролетни по дома. Омилената утринска аткивност, да дозволиш првите срамежливи, утрински сончеви зраци да влезат во домот и да ги погалат заспаните детски лица. Се оставаат заспани дечиња и се тргнува кон ординација. И таму кревам ролетни, вклучувам апарати, мал милион копчиња.....како во контрола на летање, ама земјена оваа контрола, копнена.

Кафето е привилегија на цел останат свет освен на мене. Не можам да го пијам. Од кафето доживувам срцеви земјотреси. И никогаш не сум го пиела освен на факултет во втора година во една многу тешка испитна сесија. И од тогаш, фала, ама не фала. Јас кафето и не го разбирам. Не знам што му е убавината. И не знам добро кафе да варам. Што би рекол брат ми, „сестра ми прави (ретко) добро кафе”. А многу друштвен, социјален ритуал за кој ми е баш криво што не можам да го уживам. Да седнеш на кафе. Да се шеташ низ парк со чашата кафе во рака.Да знаеш каде во градот го прават најбавото кафе и да вртиш, да сучиш таму да знаеш дека мораш во деноноќието да застанеш на кофеински пит-стоп. Да направиш пауза за кафе. Да се одушевуваш на мирисот додека се вари кафето. Или да подзамижеш од задоволство со максимална носна инспирација ( вдишка)  додека поминуваш покрај старите продавници што печат и мелат тазе печено кафе..... Баш би сакала да сум тој тип на уживач. Ама не, кафето и јас не сме добри другари. Не дека не може тоа и со чај да се прави, ама не иде некако. Еве све од горе да смени, каде што пишува кафе да стои чај....не иде.

Една година своето образование го поминав во Англија. За една година се соживуваш со просторот и со луѓето и нивните обичаи. Таму научив за почит, култ спрема чајот. Чај со млеко. И вечната дискуија дали се става чај во млекото или млеко во чајот.  Пијам јас чај без млеко. Од камилица и липа најчесто. Или од душица. Ја знаете која душица?  Да, од мајчина една душица. Ме потсетува на мајка. Секоја мајкина прегратка како чај од мајчина душица.

Одам толку рано на работа ( останало врежано родителското воспитување –  „ти да чекаш, тебе да не те чекаат” ) така што првиот чај го пијам сама со себе и со лаптопот пред мене. Средувам мисли и документи. Во глава почнувам многу проекти, кои дел почнуваат да добиваат и хартиени ликови, скици. Интересно е тоа. Во глава сè е можно ама хартијата молчи кога ја стискаш со моливот пустата, не опоменува каде и колку излегуваш од дозволеното, а некогаш реалноста има друга облик. Арно ама кога тоа замисленото, тешко изводливото, „само хартија трпи тоа” планираното, ќе се реализира е тогаш екстазата е неспоредлива со ниедно друго задоволство.

Бидејќи испивам по 2-3 чајници чај останатите ми се во пријатно друштво на сестрите и на пациентите. Срамежливо крадам голтки меѓу две пациентки. Добив на подарок од многу драга личност еден прекрасен чајник кој го чува чајот топол долго време, па во ова ладно време е многу корисен и користен реквизит. Да не споменувам колку ми провоцира чувства на едно старо, мирно време. Како да пијам спокој од тој чајник. Како да сум на стар чардак во есенска квечерина. Некоја чудна медитиција ми е тоа. Ме телепортира на среќно место, ми влева мир. А е еден порцелански, мал, убав чајник, ништо егзотично.

Никогаш не сум се мачела со недостаток на мотивација. Зависно на кое поле се однесува различни работи ме мотивираат.  Постојано пред очи ми се татко ми и мајка ми и нивната жртва во текот на животот да не образуваат мене и брат ми, да не научат на вистинските вредности, на примат кон семејството и децата, на почит спрема послабите од тебе, на хуманост на тие во потреба од помош, на емпатија кон болниот. Ме мотивира потребата да бидам родител како нив, да бидам грижлива мајка, сèприсутна, потребна и достапна, да им овозможам на ќерките барем колку што мене ми било овозможено. Не материјално, не пари, куќи и станови, не одмори и луксузи, туку љубов, топлина, потреба и достапност на мајчин совет. Е затоа копнеам, да сум Мајка како Мајка ми. Чај од Мајчина душица. Тоа да сум.

На професионален план ме мотивира потребата да помогнам, да излечам, да олеснам. Многу ме мотивираат случаеви кои се запоставени, толку замрсени, комплицирани што не се знае за почеток и компликација туку се личи на еден хаос. Имам потреба да ги наредам сите коцки во нивните здравствени мозаици по мој ред, по редот на боите на виножитото, да се знае почетокот и крајот на секоја една боја.  Ме мотивираат самите пациентки, секоја со својата уникатна енергија. Секоја една жена носи свој посебен печат, една аура која зрачи од влегување во ординација до излегување. Секоја една различно ме плени. Има пациентки кои ги решавам за многу кратко време. Но има пациентки за кои многу се вложувам и трошам енергетски. Знам дури и од дома, после работно време да им се јавам да ги прашам за нивната состојба. Ме прогонува додека не разрешам некои случаи. Ама затоа кога ќе ми се потврди работната дијагноза со конечната, се чувствувам многу корисно, задоволно. И тогаш ми иде да се честам едно добро, убаво миризливо кафе. Ама не, јас пијам чај! Живот! За некој миризливо кафе со кајмак дури, а за некој чај од камилица.

Дневните планови и обврски започнуваат со работата во ординацијата. Во тек сум на реализирање на 4 нови планови, ама за тоа друг пат, не се зборува однапред за такви работи. Ангажирана сум многу и со тие случувања. Многу телефонски повици, многу резултати за проверување, пациентки за консултирање. Работниот ден обично ми завршува околу 17ч и потоа брзам дома. Следи ручек и преслушување на тоа кој што правел, планови за наредниот ден. Почнав да одам во теретана, да вежбам после работа по 1 час секој ден. Многу убаво се чувстував. Ич не кажувам колку долго одев, зашто така ме спопаднаа моите планови, што морав да престанам. Ама си дадов збор дека ќе продолжам одма после празниците. Таман кога ќе се заврши руската.

Денот ми завршува со борба дали да каснам благо или не и со Општество за петто одделение. Тоа учиме сега со постарата ќерка. Сопругот е задолжен за бебешкото заспивање, а со постарата работам јас. Мора да има поделба на работите за да функционира сè како што треба.

Во последната година и половина од кога ја добивме втората ќерка, некако и се нема нешто многу време за слободни активности. Поточно слободните активности се различни од досегашните и се сведени на активности што ги анимираат најмалку едното, а оптимално и двете деца. Читам стручна литература, за останата литература не наоѓам време. Последната книга што ја прочитав беше пред 2 години, во текот на бременоста, „Ќерката на математичарот“ од Венко Андоновски. А порасната сум со книги. Мнооогу книги. Домашната библиотека ни броеше сериозен број на книги. Од прилика околу 800 наслови. Белетристика, детски книги ( не сликовници и боенки), литература за сите хоби ( цвеќиња, кактуси, општо хортикулура, пчеларство итн) што ги имаше татко ми на македонски, романски, српски/хрватски јазик. Цела една соба, нивната спална беше со огромни полици со книги. Ѕидови таа соба како да немаше. Имаше огромни полици со книги. И врз нив уште книги. И моите родители многу читаа и сè уште купуваат книги и читаат. Веројатно од нив е и навиката и потребата за читање. На летниот распуст од петто спрема шесто одделение прочитав четири книги од Перл Бак. Тоа лето ми ставија наочари.  Ама од читањето не се откажав.

За филм пак воопшто се нема време. Освен ако Том и Џери, долгата верзија не се брои. Тоа да, во неделата два пати.

Празниците ќе ги поминеме во пријатна домашна атмосфера, со семејството дома. Немам желба во дадениве услови за патување. Гледам ризик во секое непотребно движење. Веројатно ќе бидеме на „повик со гледање” со фамилијата и пријателите.

Мојата Новогодишна порака до сите е да внимаваат на сопственото здравје. Да се почитуваат меѓу себе и да се сакаат повеќе. И нека ни е посреќна и поздрава Новата 2022 Година.


(* Д-р Борислава Спироска - специјалист по гинекологија и акушерство во ординацијата „Д-р Борислава“ во Тетово)