Утринско кафе со Борко Ристовски: Денот ни го „планира“ синот Душан

Овој период денот ми започнува во шест часот кога синот Душан е веќе разбуден, насмеан и подготвен за играње и доручек. Ќе се изненадите колку само обврски има околу едно четиримесечно бебе (се смее). 

По завршувањето на обврските, Душан заедно со сопругата повторно продолжуваат со спиење, а нормално јас со своите обврски и заминувам на првиот утрински тренинг. Кафето го пијам во меѓувреме, набрзина и најчесто немам време да уживам во него.

Ме мотивираат толку многу работи кои што со самата помисла ми даваат толку енергија, толку решителност и толку желба да секојдневно бидам подобар во она што сум и што го работам. Силата и мотивацијата ја црпам од мојата фамилија, моето семејство, мојот син Душан по кој сум неописливо луд (се смее).

Денот најчесто ми завршува со семејството. Иако со сопругата Николина сакаме да ги истражуваме рестораните низ Лисабон, вечерните планови најмногу зависат од расположението на Душан. Ако имаме „дозвола“ од него тогаш сме некаде низ Лисабон. 

Нормално дека за добра книга и добар филм секогаш се трудиме да најдеме време. И двајцата сме љубители на книги. Често гледаме и филмови. Живееме еден убав, нормален фамилијарен живот во кој нашиот син е на прво место, а нашите желби зависат од времето што Душан ќе го дозволи.