Утринско кафе со Дијана Атовска: Клучна е самомотивацијата

Денот ми започнува околу 6 часот, со подготовки за работниот ден и подготовка на децата за во училиште и градинка. Во својата утринска подготовка прилично сум брза, утрата се резервирани за дечките мои, обиди за нивно будење, утринско гушкање и носење во училиште и во градинка. Првото утринско кафе го пијам со „Кроациа осигурување - Живот“, потсетувајќи се на агендата за тековниот ден и координација со колегите.

Денот ми е максимално исполнет, динамичен и слободно можам да кажам дека ми недостасуваат часови. Во мојата канцеларија многу ретко сум сама (се смее). Работниот ден започнува со преглед на дневната агенда, координација со колегите, поставувајки дневни цели, каде и во кој дел од денот сум им потребна. Понатаму, почитување на одредени зададени рокови, асистирање или менторирање на продажни состаноци, одржување лични продажни состаноци... Деновите кога заклучуваме одредени продажби дополнително го зголемуваат адреналинот и ентузијазмот, па често знаеме да си се почестиме колегијално. На крај на работниот ден си се „пребројувам“, си правам една кратка анализа на сработеното, дали се исполнети дневните цели и планот за следниот ден.

Многу работи ме мотивираат. Сметам дека за личен успех, и кога Вашата работа подразбира мотивирање и инспирирање на други луѓе, клучна е самомотивацијата. За среќа, јас имам една суштинска мотивација која ме води секој ден, а тоа е да бидам пример за своите деца, да им покажам како да бидат успешни во она што го прават и да се гордеат со својата мајка. Понатаму, ме мотивира синергијата во службата која ја водам, желбата за заеднички успех и напредок. Ме мотивираат луѓе кои се посветени и  амбициозни во својата работа, луѓе кои се стремат да бидат најдобри во она што го работат. Како директор на Директна Продажба во „Кроациа осигурување - Живот“ имам обврска да асистирам во исполнување на амбицијата на секој вработен, да асистирам до патот на успехот. Среќните и задоволни вработени остваруваат врвни резултати и максимална продуктивност.

Во втората половина од денот за мене почнува нов ден, нова енергија. Секако, се посветувам на семејството. Ми треба попладневна семејна прошетка за да си ги избистрам мислите, тоа е мојата релаксација. Некои луѓе сакаат да дремнат за да се одморат, мене ми треба прошетка и воздух за да се одморам. Често во вечерните часови организираме дружби со роднините и пријателите, уживам во друштво и во комуникацијата со драгите луѓе. Искрено, не се сеќавам кога последен пат сум била сама (се смее). Јас и сопругот сме најсреќни што имаме деца „гушкалчиња“, гушкањето е лек за сите помалку убави моменти кои можеби сме ги доживеале во текот на денот, па за момент ги заборавате сите грижи кои ги имате. Ги негуваме традиционалните семејни вредности и често знаеме да изиграме некоја партија „Брза географија“, местиме големи сложувалки, играме пантомима и слични друштвени игри.

Преферирам филм, добар трилер или филмови со астролошка тематика. Секојдневно читкам некои техники за продажба, техники како да бидеш подобар лидер, како да бидеме успешни во она што го работиме... но за жал тоа не е повеќе од 20-30 минути.

* Дијана Атовска, Директор за Директна продажба во Кроациа осигурување - Живот АД Скопје