Утринско кафе со Ема Станковиќ: Чувајте се, вакцинирајте се, за да ја пребродиме кризата

Добивај вести на Viber

Дозволете на почетокот да ги поздравам читателите на zenskimagazin.mk, да се заблагодарам на поканата да бидам дел од рубриката “Утринското кафе“ Доколку со следните неколку реда за моето секојдневие дадам барем мал придонес за афирмација на вистинската улога на жената како столб на семејните вредности, ќе бидам уште посреќна. 

Во текот на работната недела деновите ми почнуваат со брзање. И со најдобрата организација, секогаш е потребно повеќе време да се одговори на сите домашни обврски. Сакам да ја подготвам ќерка ми за училишниот ден и да бидам сигурна дека нема ништо да и недостасува за онлајн наставата. Мислам на се’. Сепак, ритуалот со првото кафе, кое преферирам да биде „турско“ не го пропуштам, бидејќи тие мигови си ги посветувам себеси и се подготвувам за работните обврски. За време на викендите пијам „еспресо“ со сопругот во домашна атмосфера. Тоа е квалитетно време поминато заедно, во кое си ги средуваме впечатоците од работната недела. Во последно време, фантазираме за добар летен одмор без секојдневниот страв од вирусот.

 Мотивацијата ја добивам од најблиските, ќерката и сопругот. Тие се погонот и енергијата која ме движи напред, ме исполнуваат со среќа и ми даваат сила да се справувам со сите предизвици. Се разбира, тука се и моите колешки и колеги со кои меѓусебно, како добро воигран тим, се бодриме и успеваме да ја зачуваме ведрината, духот и професионалниот елан за време на оваа страшна пандемија, во која стресот ни е дел од секојдневието.


Попладнето и вечерта ги минувам со семејството. Сакам да пешачам или да возам велосипед, иако во последно време знаеме да се качиме во автомобил, да слушаме гласна музика и возејќи се низ Скопје да си ги полниме батериите. Ќерка ми ја презема улогата на караоке забавувач. Уживаме во добра вечера која е замена за недостатокот од вообичаениот социјален живот и старите животни навики. 

Зависничка сум и од филм и од од книга. Знам да се навлечам на добра ТВ серија, иако неретко заспивам со книга во рацете. Се трудам да ги оттргнам мислите од она што не измачува сите повеќе од една година, но не сакам да бегам од реалноста. Гледам комедии, анимирани филмови, но и психолошки драми. Глобалната криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19 некако не натера, паралелно со менувањето на животните навики, да се преиспитаме колку ни е важно времето поминато со нашите најблиски. Човечки е во секоја криза да се трага и да се извлече некоја поука. Затоа, мојата порака е чувајте се, вакцинирајте се и да се надеваме дека ќе успееме да ја пребродиме кризата.


(*Ема Станковиќ, Дипломиран економист, Раководител на смена во НЛБ Банка АД Скопје)