Утринско кафе со Ивана Стела: Ги сакам долгите прошетки низ лондонските паркови

Денот ми почнува со 10-минутна медитација. Ми помага да ги средам мислите и да ги испланирам дневните активности. Првото кафе го пијам со сопругот. Можам да кажам дека ми е еден од омилените моменти од денот.

 Домот и семејство се мојот извор на светлина и инспирација. Тие се моја сила и моја слабост. Последнава година, ми се чини, сите научивме да наоѓаме инспирација во мали нешта. Она што во последно време ме мотивира, е помислата дека, се си има свој почеток и крај. Искуствата што ги стекнавме се бонус. 

Во еден ваков самрак на цивилизацијата после кој разумот би требало да е утрото на посмирена и похармонизирана реалност, насмевките на моите најблиски ми даваат мотивација и сила да се соочам со предизвиците.Пандемијата целосно ми го промени дневниот ред. Но, не се жалам. Работните обврски ми се моментално на пазуа и тоа ми овозможува да посветам време на нешто што, во нормални околности не би можела. 


Инспирирана од многу крими - романи и тв- серии, почнав да посетувам онлајн курс за Психологија на форензика на Future Learn. Тоа е материја што отсекогаш ме интересирала, но поради недостиг на слободно време, не сум можела да ѝ се посветам. Во целосниот lock down, кој трае со месеци, открив одредени афинитети кон кулинарството. Да бидам попрецизна, Сицилијанската кујна. Уживам готвејќи заедно со сопругот. Читам доста во изминатиов период. Мислам дека читањето во последниве месеци ме „одржа во живот". Моето сидро во бурни времиња, кога не ни останува ништо друго, освен да чекаме работите да тргнат на подобро. Ги сакам долгите прошетки низ лондонските паркови. Уживам во зеленото и природата која се буди. Сè на сè, периодов ми е повеќе исполнет со мали задоволства отколку обврски. Една од малкуте позитивните страни на глобална пандемија. 

Вечерта ми е поделена на неколку етапи. Првата ја посветувам на син ми. На мое огромно задоволство, љубовта кон книгите ја имам пренесено на Луиџи (6) и приказна за добра ноќ ни е еден од омилените заеднички моменти. Вториот дел од вечерта ја посветувам на сопругот. Заедно гледаме филмови, документарци и квизови. Последниот дел од вечерта го си го посветувам себеси. Најчесто тоа се книги и се што е поврзано со книги. Би ја споменала мојата омилена книжевна група „Моја библиотека - скриените пораки на видливите букви", во која активно членувам. Покрај нови искуства во врска со книгите, ми донесе и многу пријатели кои се составен дел од моето секојдневие (Ана П., Билјана Н. и Симона Т. - ве сакам!).


 Филмовите ми се хоби, но книгите се дел од мене. Би го цитирала George R.R. Martin: "Сум проживеал илјада животи и сум искусил илјада љубови. Сум чекорел во далечни светови и сум го видел крајот на времето... затоа што читам".



(*Ивана Стела, магистар по финансии и финансово право)