Утринско кафе со Јасна Апостолски Николов: Секој успех е мотив за уште поголем успех

Со оглед на тоа дека моите денови се исполнети со бројни обврски и секојдневието ми е многу динамично, утринското кафе ми е посебен ритуал од денот и го пијам сама. Тоа ми е единствен дел од денот кога можам да се „сокријам” и во мир и тишина да го направам распоредот на обрските за тековниот ден. Друштво од неодамна ми прави нашето домашно милениче, едно прекрасно мило кутре.

Она што најмногу ме мотивира е мојот успех на било кое поле како родител, на професионален план, како сопруга. Во последно време најголем мотив и водечка сила ми е мојот успех на професионален план. Секој успех во работата и како медицинска сестра мојата примарна професија и како Сертифициран консултатнт за доење (IBCLC) е мотив да се едуцирам сè повеќе и повеќе, а со тоа и да напредувам повеќе. Со текот на времето и самата се уверив дека нема ништо поубаво од тоа да си исполнет и да го работиш тоа што го сакаш, да постигнуваш успех кој те води да се трудиш да се искачиш едно скалило погоре.

И на прашањето кои се и колку се моите дневни обврски, одговорот е многу се. Како што напоменав моето секојдневие е динамично, кога и да помислам дека поголемиот дел од тековните обврски сум ги завршила постојано доаѓаат нови. Она што најмногу го исполнува моето секојдневие е мојата работа како медицинска сестра. Покрај тоа секојдневно имам консултации со мајки кои имаат потреба од помош и поддршка околу доењето, часовите со трудниците „Часови за психофизичка подготовка за породување” кои се одржуваат во попладневните часови, тековни секојдневни обврски околу работата на советувалиштето „Здраво бебе-Центар за мајки” и обврските околу семејството.

Денот ми завршува доцна во ноќта. Бидејќи мојот работен ден трае повеќе од 12 часа, завршува доцна, после моите работни обврски следуваат домашните обврски, обврските околу мојот 12 годишен син, околу училиштето, да ги провериме домашните задачи, обврските како мајка, сопруга... Кога ќе завршам со тоа останува да одговорам на сите пораки на мајките на кои им е потребна помош и поддршка околу доењето, да проверам како се мајките со кои тековно сум работела во изминатите неколку дена, и веќе настанува ноќта. Навистина ретко наоѓам време да се одморам најчесто вечерите ги минувам дома со моето семејство, но сепак со обврски. Благодарна сум до моето семејство што има трпение и разбирање бидејќи во текот на денот најмалку време ми преостанува за нив. Единствено моите другарки се „строги” па знаат да ми го променат секојдневието договорајќи некое дружење кое никогаш не смеам да го одбијам. Понекогаш и самата се прашувам како го издржувам денот, но да се навратиме на погоре напишаното дека секој успех е мотив за уште поголем успех.

Книгата ми е најдобар пријател, библиотеката ми поприлично голема. Не стасувам сите книги кои во месецот ќе ги купам да ги прочитам, посебно во последно време бидејќи повеќе читам стручна литература, но кога сакам да се одморам од работата и тековните едукации одбирам читање книга, навистина ме одмара. Сакам да гледам и филмови, но повеќе преферирам добра книга.

(*Јасна Апостолски Николов-дипломирана мед.сестра,Сертифициран едукатор за психофизичка подготовка на трудиници и единствен Меѓународен сертифициран консултант за доење IBCLC во нашата држава)