Утринско кафе со Марија Костадиновскa: Моето прво кафе е секогаш момент од различна магична дестинација

Како што поминува времето се повеќе и повеќе ги засакаувам утрата со сета нивна свежина и ведрина. Во принцип важев за спанка и личност која наутро функционира зашто „мора“. Горда сум што повеќе тоа не е така, тоа „мора“ се преобрази во задоволство со многу љубов. 

Моето прво утринско кафе го пијам на палуба во друштво со утринското сонце, морето, ветерот, галебите... Секогаш на различно место, остров, залив, марина или пак пристаниште, во зависност на програмата која ја следиме. А веќе потоа разговарам за дневните планови и обврски со екипажот, одговарам на меил и на „ватс апп“ – пораките.

Во текот на моите пловења, работата, слободното време, научив дека најважна е самомотивацијата. Така што најчесто ме мотивира сѐ околу мене. Новите места, запознавањето на нови култури, пријателства и проширувањето на мојата рецепција. Желбата за взаемно запознавање со светот во вистинска смисла на зборот.

Моите дневни планови и обврски се засноваат врз основа на програмата на јахтата која ја следиме. И тие се менуваат во зависност во која фаза е истата. Имаме „чартер период“ кога имаме гости кои ја изнајмуваат, „delivery“ кога пловиме од една до друга дестинација и „mаintainig“ кога техничарите се задолжени за поправки и проверки, а јас го користам тој период за одмор и посета на семејството и пријателите, или за некое егзотично патување.

Денот ми завршува секогаш различно. Некогаш со пријатели на вечера, пијалак, диско. Некогаш само долги прошетки. А често знам да изгледам и цела сезона од некоја серија.  

Читањето е мојата најголема страст. Како дипломиран книжевник научив да разграничам што да читам и со компетентност. Претходно како незадолжителна литература читав странски автори, најмногу постмодернисти. А сега им отстапувам место на нашите, и тоа оние најактуелните во моментот.


* Марија Костадиновска- дипломиран филолог, професионален едриличар и стјуардеса на приватна/чартер јахта.