Утринско кафе со Мерсиха Шукри, харфист: Патувањата ми се извор на мотивација

Зависно од обврските кои ги имам така ми започнува и денот. Генерално, се будам рано и сакам утринските часови да си ги посветам на себе. Тоа ми е најубавиот период од денот. Кога не сум на работа, поточно проба во Филхармонијата, утриснското кафе го пијам со моето семејство. Многу често се случува наместо кафе да пијам чај или природно цедени сокови кои ми даваат доволно енергија за да се справам со сите обврски во денот. Понекогаш првото утринско кафе, околу 11 часот знам да го испијам со колегите на работа.

Прочитана инспиративна мисла ми е најдобриот мотиватор.  И музиката е таа која секогаш знае да мотивира. Но кога ќе размислам подлабоко, секој миг поминат со луѓе кои се исполнети со мудрост, едноставност и несебичност, секогаш отвараат некои нови теми за размислување. Патувањата се непресушен извор на мотивација. Посебно кон некои нови места и запознавањето на нови луѓе. 

Моите дневни планови и обврски зависат од планот на пробите кои ги имам со оркестарот. Најчесто во утринските часови имам проба која трае до 13.30. Потоа во деновите кога немам часови со дечињата, си давам време на таканаречен одмор. Тој одмор понекогаш е дружба со пријатели или прошетка во природа. Многу сакам да готвам и тоа го правам секојденвно. Готвењето го гледам како една голема уметност каде најважниот зачин е љубовта. Секако вежбањето харфа е исто така една од секојдневните слатки обврски во денот. 

Завршувањето на денот е често со концерт. Кога сум ангажирана, тогаш тоа е во мојата матична институција, но секако, и како слушател на други концерти. Во летниот период, често при крајот на денот, сакам да пешачам на кеј или да возам велосипед. Што и да правам, вечерта ја минувам со мои драги и блиски луѓе.

Книгата е една магија која ви овозможува фантазија на безброј слики кои само вие можете да си ги замислите. Деновите кога немам обврски, најчесто сакам наутро да прочитам по некоја страница. Го сакам и филмот. Неговата големина и магична привлечност дава посебна димензија. Тој е добар повод за дружба со пријателите и за посета на некое од кината.