Утринско кафе со Мила Миливоевиќ: Кога силно посакувате нешто, нема утка - ваше е

Денот ми почнува со огромна доза на љубов, а кафето го пијам со млеко. Ова е мојата формула за ден исполнет со позитивна енергија.

После првото кафе денот ми почнува со работа, работам во полето на дигиталниот маркетинг каде ги спојувам моите три омилени работи: технологија, човечко однесување и малку бројки. Ручекот сакам да го поминам со најблиските, а попладневните часови ми се секогаш зафатани со различни обврски, а доколку не се, заменети се со кафе или пијалак во некое кафуле.

Колку што можам, избегнувам да се возам во автомобил и истото го заменувам со пешачење. Овој дел од денот си го посветувам себеси. Во последно време кога пешачам не ни слушам музика на слушалки, се задлабочувам во моите мисли слушајќи ги сите звуци на модерното време околу мене. Слободното време сакам да го поминам во природа, подалеку од градскиот метеж кој го слушам секојдневно. На овој начин комплетно ја обновувам мојата позитивна енергија.

Најважно од се’ и покрај сите обврски е да посветуваме време на себеси.

Мотивација добивам од целта и искуството. Јас сум тип на човек што кога ќе зацртам нешто дека сакам да го остварам, го остварувам. Доколку силно посакувате нешто, имате желба и сте спремни да дадете се’ од себе, нема утка - ваше е. Патот кој ќе го изодите ви „подарува“ и искуство. На крајот на денот, во денешно време човек може да ви украде се’, па дури и идентитет, ама искуството не. И ова колку и да звучи дека го мислам само за кариера, не е така, ова го мислам и за пријателство, и за љубов, искористување на слободното време, хоби итн.

Во ова „брзо“ време кога нон-стоп трчаме по нешто мора да најдеме нешто што ќе ги „наполни“ нашите батерии. Секогаш треба да наоѓаме баланс кој ќе ни помогне да одиме напред. За мене тоа е поддршката и љубовта која ја добивам од моите блиски.

Повеќето од моите настаписе навечер, што значи дека вечерта најчесто ми започнува со многу луѓе и многу музика. После настапите, доколку чувствувам дека ми треба уште повеќе музика и забава, обавезно вечерта продолжува во некое диско, но знам и некоја вечер да завршам дома играјќи „Candy Crash Soda“пред спиење. Бидејќи сум навикната вечерите да ги поминувам окружена со многу луѓе, во слободните вечери сакам да излезам со друштво, особено на некоја свирка.

Во деновите кога сум преуморна од обврски, сакам да гледам некој добар филм со пуканки (обавезно), за релаксирање, па и некогаш знам да заспијам порано од вообичаеното. Сакам и да читам и тоа особено книги поврзани со маркетинг или бизнис.

* Мила Миливоевиќ, пејачка