Утринско кафе со Наташа Малинкова: Важно ми е ќерките да се хранат здраво

Некако во последно време многу ми се изместени некои навики што порано сум ги имала, станувањето рано и секојдневните ритуали затоа што многу патувам во последниве години. После настапите ноќе морам наутро и да поспијам до подоцна, но затоа во деновите кога немам настапи станувам рано за малата Емилија да ја носам во градинка и стануваме во 8 часот. Се подготвуваме и кога ќе ја однесам се враќам дома и до 9 часот јас се спремам за на работа. Ако ми останат 15 минути дома си правам цеден лимон со ѓумбир и со сопругот го пиеме утринското кафе , но ако немам многу време тој ритуал го уживам на работа. И веќе денот може да започне.

Работата со музиката и настапите се моја најголема мотивација. Тоа што знам дека пред мене е уште еден ден и уште една недела на нови предизвици. Затоа што сама се менаџирам, во текот на денот го прегледувам календарот, правам организација каде сè треба да се појавам за викендот и контактирам по неколку пати на ден со мојот автор за музичкиот дел и за тоа каде треба да патуваме.

Имам и голема одговорност и обврски кон моите две ќерки, големата има 15 години па сама може да функционира, а на малата (5)  и сум повеќе потребна. Важно ми е да јадат здрава храна, домашно зготвена, па во текот на денот наоѓам време и да им зготвам дома.

Во деновите преку неделата навечер или одмарам дома, сакам да се видам некогаш и да се дружам со пријатели затоа што сè поретко се гледаме или работиме во студио на нов материјал. А ноќите преку викендите се долги и завршуваат во раните утрински часови.

Пред некое време редовно читав , во слободно време знаев да изгледам и некој филм, сега сè по ретко, но кога станува збор за филмовите сакам да знам што има ново и да погледнам некој добар филм во слободното време... тоа ме релаксира.

(Наташа Малинкова- пејачка)