Утринско кафе со Неда Аницин: Функционирам како да утре нема ден за работа

Денот ми почнува со грижата за сè и сите околу мене. Првото утринско кафе го пијам дома и вообичаено сама, и тоа откако ќе ја завршам грижата за децата и ќе ги испратам на училиште и во градинка. Иако ритуалот „утринско кафе" ми се одвива набрзина, сепак избегнувам да е од нога и во движење. И да имам време само за една голтка кафе практикувам да ја испијам на раат. И колку и да е напорен денот што ме очекува, утринската грижа за домашните ми ја дава потребната стартна енергија за дневните предизвици. Таа љубов ми го дава потребниот кислород за денот.

Ме мотивираат „умни", мудри и остроумни луѓе од кои има што да се учи и чие искуство е за восхит. Сакам да се дружам со паметни луѓе, луѓе кои се вистински соговорници со кои можам да разменам идеи и да разговарам за секакви теми. И да бидам искрена сè почесто ја правам таа селекција и настојувам времето да го „трошам“ само за добро друштво. Ме мотивира секаков тип на успех кај другите. Ме мотивира грижата за другите, како и вниманието кое треба и сакам да го подарам особено кога станува збор за „омилените“ луѓе. Ме мотивира секојдневниот предизвик на работното место и неуморниот тим на ЛЛ Кетеринг, каде секој ден е ново искуство и новодоживување.

Вообичаено се раководам од подолгорочни планови, а дневните обврски ми се движат како на лента без прекин.

Кога денот е растеретен со активности, кај мене се вклучува аларм дека нешто не е во ред. Секој ден функционирам како да утре нема ден за работа. Мотивот „да се прават вистинските нешта дури и тогаш кога никој од вас не ги бара“ како и оптимизмот во насока на таа девиза ми е секојдневниот двигател на енергијата која не опаѓа во ниту еден дел од денот. А со тоа мото практично невозможно да немате набиена агенда на обврски. Дополнително што работам во голема компанија каде не секој ден може да се одвива согласно плановите, скоро секогаш има нешто плус и непланирано, но тоа е дел од креативниот процес кој во моментов се одвива со голем интензитет.

Во време на изменети и изгубени вредности настојувам вечерта да ја минам со семејството, да се видиме сите заедно и да поразговараме.

Денот ми завршува со ретроспектива на денот и интроспекција на себе, на постапките и емоциите со која сакам да се погледнам себе си и да бидам со себе. А инаку денот ми завршува многу доцна во тишината на ноќта. Секогаш откако ќе заспијат останатите по дома сакам да си земам време за себе. И вообичаено тоа време го користам за размислување, за пресек на денот и за тоа што ме очекува утре. Во последно време во текот на вечерните часови сакам да се опуштам со музика.

Сè уште многу го почитувам пишаниот збор, и сум поборник на читањето затоа што дигиталниот свет кој го живееме нè одалечува од книжните извори на инспирација и знаење. Во тој дух ги воспитувам и децата. Им демонстрирам личен пример и редовно ги потсетувам на бенефитите од читањето и на потребата да размислуваат „надвор од кутијата“. Сметам дека читањето ни го подобрува животот, и за мене освен како средство за релаксација и ослободување од стресот, читањето е и ризница на нови видици, за себе, за светот, како и поттик на креативноста. Во периодите на недостиг од инспирација, скоро секогаш креативниот пламен -за стремеж кон тоа да ги променам нештата на подобро, за правење необични и големи работи, за преминување на границите, за доживување нови искуства - го разгорувам исклучиво со читање.

За мене нема лоша книга, и не постојат изговори за немање време за дружба со книга. Така да мојот избор дефинитивно е книгата пред филмот. Искрено, не се ни сеќавам кога последен пат сум гледала филм.

(Неда Аницин- проект менаџер во ЛЛ Кетеринг)