Утринско кафе со Нина Јанева- Николовски: Го сретнав вистинскиот, со него можам светот да го освојам

Првото утринско кафе го пијам со сопругот доколку не е на работа, а ако во моментот сум сама и немам обврски да излегувам наутро од дома, го пијам на омилениот начин – со гледање серии. Секако почетокот на денот ми е секогаш различен во зависност од обврските, но последниве година и половина сум малку послободна, па имам време и да уживам во мојата самотија, тишина и мир почесто. „Ми лајк ит“.  

Мотив во животот ми е љубовта, откако ја сретнав вистинската личност и сфатив дека со него и светот можам да го освојам. Ме мотивира желбата за семејство, за подобрување на квалитетот на животот, за искусување нови нешта.... Едноставно ме мотивира обичниот живот проткаен со семејството, пријателите, музиката и сите вредности на кои за жал во последно време малку им се обрнува внимание.

Животот ме научи дека и покрај внимателното планирање, не излегува онака како што си планирал, па после еден кус период на посветување на самата себеси, сфатив дека плановите треба да ги сведам на минимум и да уживам во сегашноста. Малку сум контрол-фрик и морам да признаам дека тешко ми оди, но станувам сѐ подобра во тоа да ги пуштам нештата сами да се одвиваат. 

Вообичаеното секојдневие кај мене вклучува грижа за домот и една брлива црна мачка која е веќе една година ѕвезда во нашето маало, тековни дневни обврски во врска со организација на настани на кои се појавувам или настапувам, работам на проучување на бихевиорални науки, па читам и прегледувам се околу тоа, обврските околу проби со бендот и избор на нови песни и аранжмани итн.

После сѐ, најубаво ми е кога денот ми завршува со Александар. Најчесто сме во друштво на кумот и со најблиски пријатели, но претежно сме сами со еден тон занимации по дома: гледање серии и филмови, документарни програми, играње карти, Монопол, Јамб и заразни игрици на телефон, хахха.

Јас сум многу едноставна личност кога станува збор за социјално дружење – не сакам да губам време со досадни луѓе и теми, па затоа и сум повлечена од широките социјални кругови низ кои константно функкционирав до пред 3-4 години. 

Инаку манијакално гледам серии, претежно историски, фан сум на добар филм но се помалку ги има во последно време, а од дете моите родители ме научија на читање книги. Заедно со Александар ги правиме сите овие работи и обожавам што сум пресреќна со едноставни нешта кои мене навистина ме исполнуваат. Добра книга или добар филм можат да бидат како добар разговор, затоа се трудам што повеќе да ги практикувам.