Утринско кафе со Сара Бабуновска: По напорен лет се релаксирам со добар филм

Денот секогаш ми започнува со кафе. Првото секогаш го пијам сама, правејќи планови што треба да завршам во текот на денот. Второто кафе, пак, секогаш сакам да го испијам заедно со пријателките, секако кога работните обврски ни го дозволуваат тоа.

Секој ден имам различни планови. Кога сум на работа, а земајќи предвид колку е напорно летањето, претходно сакам убаво да се одморам, да испијам кафе и потоа да се средам за на работа и денот за момент ми поминува. Кога сум слободна, денот сакам да го поминам во дружење со најблиските, кои ми се извор за црпење на позитивна енергија. Но, кога имам неколку напорни летови, за време на слободните денови едноставно сакам да се релаксирам со добар филм.

Мотивација црпам од се’. Од филмови, книги, слики, песни.. Но, најмногу ме мотивираат моите соништа, целите во мојот живот и поддршката од другите. Истите се трудам сама да ги остварам, но секако без поддршката на најблиските ништо не би успеала.

Денот секогаш гледам да ми заврши со добро друштво. Добар коктел со пријателките е секогаш во игра или пак романтична вечера со моето момче.

Љубител сум на книги, но многу повеќе зависна од филмови. Слободните денови често ги користам во кино. Мистерија, трилер или пак романтична комедија за опуштање, ми се на листата омилени жанрови.

* Сара Бабуновска, стјуардеса во WizzAir