Утринско кафе со Силвана Жежова: Девицата во мене не остава ништо на случајност

По враќањето од Анталија со инфо-турата на Фибула, и спомените кои од таму ги донесов, морав повторно да се прилагодам на реалноста. Денот го почнувам со „зјапање“ во телефон, да не случајно нешто важно сум пропуштила во текот на ноќта, што е непотребно губење на време. Потоа, ја испраќам ќерка ми на училиште стоејќи на тераса, мислиш, ако се најде во неволја ќе скокнам и ќе ѝ помогнам. 

Утринското кафе го пијам сама, за да можам да се видам со себе и да направам план како ќе го организирам денот. Девицата во мене, не остава ништо на случајност и сѐ мора да биде запишано, подредено. Обврските да се завршат по план и програма. Никој не може да ми наметне пресија, колку што сама можам да се товарам, бидејќи се однесувам како утре да нема ден. 

Она што ме мотивира е успешно да одговорам на сѐ што сум си зацртала во глава. Тоа од една страна бара многу енергија, но од друга страна ми причинува задоволство што задачите кои сама на себе сум си ги поставила, сум ги исполнила. Ако одговорам на сопствените барања, ќе одговорам на сечии. Според мене, таквиот однос кон помалите и навидум ситни работи, го поплочува патот кон успехот за исполнување на одредена поголема цел. 

Новинарството како возбудлива професија, овозможува секој ден да е различен. Бидејќи во оваа професија тешко може да разграничите професионално и приватно време, новинар сум и дома. Она што секојдневно ме празни, го надополнувам со дружење со луѓето кои ги сакам, игри со ќерка ми и децата на сестра ми. 

Најголем извор на енергија, црпам од планинините. Планинарењето ми стана начин на живот, бидејќи таму  го доживувам најголемото прочистување, и физичко и ментално. Природата ја апсорбира целата негативна енергија од мене, а ми враќа со филозофија, што е смислата на животот. Планината ми помага да го сочувам духот и да го најдам внатрешниот мир, кој ми е потребен за балансот со себе.

Во однос на урбаното полнење на батерии, сакам да изгледам убав филм во кино. Јас сум страствен читател и книгите ги „јадам“ во еден здив. Во моментов ја читам „Несвети а свети“ раскази напишани од архимандрит Тихон. 

Колку повеќе сфаќам за минливоста и менливоста на се, толку повеќе се трудам да бидам свесна за значењето на секој момент што го преживувам.

* Силвана Жежова, новинар