Утринско кафе со Стефан Марковски: Физичка активност во утринските часови, потоа пишување

Денот најчесто го почнувам сам. Во улога на „нељубител“ на кафе, ќе го спомнам чајот како своевидно контемплативно-преодна ритуална фаза на ниво на енергии и нивно преоѓање. Од пред некој месец, повторно почнав да се трудам преку физичка активност во утринските часови да си зададам темпо за остатокот од денот. Пишувањето кое обично уследува потоа, се надоврзува на овој процес и е процес на пренасочување на оваа енергија од физикалното кон различните сфери на емоционално-когнитивното.


Потрагата по објективните аспекти на вистината и убавото. Поими кои се безмалку до апсолутна мера релативизирани во крајно субјективистичкиот наплив на современата уметност и интелектурална мисла каде се настојува кон тоа дека секој придонесувач кон овие области суверено и со еднаква релевантност се залага за овие вредности. 


Актуелно работам на неколку трудови од областа на лингвистиката и книжевната теорија поврзани со вештачката интелигенција од аспект на обработката на природните јазици (NLP), а во контекст на македонскиот јазик. Паралелно ги уредувам 4-те годинешни броеви на списанието за литература, култура и уметност „Современост“. Работата на уметничкото творештво ќе оставам да биде разоткриена од изненадувањата во навевот на времето. 

Во зависност од налетот на страста и детерминираноста  вечерта може да се заврши во нејзините прегратки. 


Читањето книга или гледањето филм се редовно дел од моите дневни планови. Моментов читам раскази од еден од најзначајните претставници на „изгубената генерација“ на американската модернистичка литература, Френсис Скот Фицџералд. Неодамна го изгледав филмот за Неруда, за „ѓаволскиот виолинист“ Паганини и уште неколку понови филмови од жанровите драма, крими и дистопија, каде спаѓаат некои од, за мене, најзначајните остварувања во седмата уметност.


Стефан Марковски - писател, поет, сценарист, главен и одговорен уредник на Современост