Утринско кафе со Татјана Пуленџовска: Ме мотивира мирисот на морето

Кога и како ми почнува денот во принцип ми диктираат работните обврски. Како повеќето новинари немам фиксно работно време. Бидејќи во „Бекстејџ“ работиме дневно новинарство, се случува да снимам наутро но се случувало и да почнам навечер а да заглавам до раните утрински часови. Со аларм по потреба станувам во 6 часот, а без аларм најдоцна во 9 часот сум будна. И не сум од оние кои отвораат очи и се фаќаат за ѓезвето. Кафето ми е ритуал, потреба за кофеин не сум почувствувала.

Со колегите на работа го пијам првото кафе, разменуваме информации, мислења, следиме што е актуелно. А што се однесува до кафето и тоа е навика, порано не можев да замислам кафе без шеќер а во последниве 5 години е обратно. 

Правам со шеќер за сите, и едно горко за мене посебно. Го обожувам овој дел од денот, редакцијата ни е на Водно, сега е лето... Комбинацијата е врв, седиме на тераса дишеме чист воздух, секој со лаптопот пред себе и со кафето во рака.. Тука се раѓаат брилијантни идеи, следува Егзит, Сигет, Д фестивал, многу концерти.. Договараме кој каде ќе патува.. Сѐ ни е позитивно и весело во овој период од годината. Па и кафе -пиењето ни е вистинско уживањe.

Ме мотивираат првите сончеви зраци рано наутро, да го зграпчам денот и да извадам максимум. На работа ме мотивираат константно добрите рејтинзи на „Бекстејџ“ кои ни се стимул и поттик да сме уште подобри. Ме мотивира мирисот на море кое сѐ уште не сум го видела летово. Генерално сум тип на човек кој сака да сработи па да се награди. Едвај го чекам одморот во јули. Кога одам на море ми се чини се регенерирам психо-физички. Во хороскоп сум риба што значи не излегувам од вода. Сликата ми е во глава додека ви раскажувам и веќе чувствувам блага возбуда.

Дневните планови и обврски се секогаш различни, и зависат од службените обврски. Според нив се ориентирам. Она што не го пропуштам е дружбата со моето семејство и моето куче, како и партнерот и другарките. Со сите имам различен муабет и задоволство, но сите тие ми го склопуваат мозаикот на среќата и имаат значајна улога да ми е сѐ таман и да сум исполнета. 

Освен работни, други обврски не сакам да имам. Позната сум по спонтаноста и по тоа дека секогаш правам како што чувствувам. Јас сум од оние кои се впуштаат во сѐ штo сметаат дека ќе им донесе радост. Се договарам во 5 до 12, менувам планови зависно од расположение ( се разбира без да оштетам друг) ме води добрата вибрација и енергија.

Вечерта кога не сум на снимање ја минувам или со партнерот или со другарките. И тоа некаде на отворено бидејќи сега е топло. Она што ме опушта на крај на денот е да испешачам слушајќи музика со слушалки. Така знам и 10 километри и ми претставува уживање. Земајќи го во предвид фактот дека нашава работа е да сум постојано со луѓе, вечерта е едиственото време во денот кога останувам сама со себе и пешачејќи си ги полнам батериите за следниот ден.

Сакам и да читам и да погледнам добар филм, но во моментов имам јунска сесија на факултет, освен стручна литература другото е на стенд бај. Но прво што ќе прочитам на одмор ќе биде „Будење на свеста“ која авторката Катерина Ангеловска ми ја подари на едно снимање пред десетина дена.

Tатјана Пуленџовска, новинар во „Бекстејџ“