Утринско кафе со Викторија Лоба: Денот ми завршува со сладолед

Најголем ќеф ми е првото утринско кафе да го испијам со мајка ми, но не сум страствен љубител на кафето затоа ако немам друштво можам и да заборавам да пијам. Сега кога се летните одмори знам да го заменам кафето со цедени сокови или протеински шејк некаде во нашите кафулиња заедно со другарките.

Мојата мотивација ја црпам од самата себе, од вербата, од желбата да го остворам својот потенцијал. Голем мотиватор за мене е секако и музиката како и публиката која го цени она што го работам. Секој мој мал успех ме мотивира и ми помага да одам напред.

Дневните планови и обврски ми се секогаш различни. Зависи од периодот од годината, моментално моите обврски се сведуваат на студио, снимања и доработка на мојот музички албум. Покрај тоа имам проекти на кои моментално работам со моите соработници од Орифлеим, Мерцедес и Сигма за кои сум бренд амбасадор.

Денот ми завршува со лесна вечера, сладолед и прошетка. Многу сакам да пешачам тоа вистински ме релаксира и без разлика дали сум на одмор или не, секогаш гледам да направам убава прошетка, сама или со друштво. Вечерните часови ми се резервирани за тоа.

Многу сакам и да читам книги и да гледам филмови, затоа што секогаш учам нешто ново. Се трудам телевизорот да го пуштам што помалку и повеќе практикувам да одам на кино. „The black list“ е серија со која бев заразена минатата година и ја препорачувам, многу е интересна, а омилени автори ми се јапонскиот новелист Харуки Мураками и секако руските Владимир Набоков, Михаил Булгаков, Вадим Зеланд од по современите...ги има уште многу други.

(Викторија Лоба- пејачка)

Фото: Ани Дими