Ваш живот, Ваши правила
Генерално најчестите коментари кои што ги слушам за себе се горе доле од моја генерација, уште почесто од луѓе што не знам дека постојат на мапа на живи, а камоли повеќе од тоа. Голем дел позитивни, голем дел негативни, сите до еден од луѓе што не размениле ниту еден збор со мене лично. Ме виделе, и се смислиле да си кажат. И со тоа полека, но сигурно, ме поставуваат онаму каде што никогаш не бев тргната да одам, на недостапно ниво, бар не секому.
Но, со тоа што голем дел од вас ми пишува, после ова патување кое почна комплетно непланирано, знам дека не е залудно тоа што разменуваме по збор два. Без разлика што често слушам зајадливи коментари од типот на Сексот и градот, а да, и фала ви за тоа, си направив обнова на цела серија и супер ми дојде периодов. Плус видов која е разликата на одушевување со 20, а која е реалната перцепција со 30 години. Мојава генерација си остана со последици од таа проклета транзиција, не сме ни ваму ни таму, ни модерни ни застарени. Веруваме во љубов а бегаме од неа како од чума, се сакаме себе си а си штетиме на сите можни начини со сите расположливи средства. И во сета таа иронија најдовме начин да испоизградиме кариери и семејства на лего основа, спојуваме коцки и крај со крај на дневно ниво. А попатно ни се случи и новиот милениум, па сме меѓу два огна, генерацијата на нашите родители која е сѐ уште активно присутна во работново општество и милениалс, една нова генерација спремна да гази преку лешеви за да дојде до тоа што го сака. Па останавме тука негде помеѓу, правиме гнезда во општество што не знае дали сака ние да постоиме во него. Никој не не научи да се лактаме, нас не учеа да сакаме, никој не ни кажа дека нема да биде лесно, ќе треба стратегии, игри, нема да има простор за компромис и оној кој прв ќе сфати дека во работата нема простор за емоции, е тој ќе успее. И се погубивме, голем дел од нас. Заборавивме како почна нашата амбиција, што сакавме да бидеме кога ќе пораснеме, како може тимски да се гради како што нѐ учеа во градинка, како да почитуваме, како да создаваме и како да се надградуваме. Ама ни се случи средно, се смени светов, се поместија стандардите, нашиве се погубија, новиве се појавија со цел да не голтнат. И тука некаде потклекнавме на кој сум и зошто постојам, се вадиме на депресија на дневно ниво, а никој од нас не е свесен колку лабараториски е измислена таа болест за да не поделат на слаби и јаки. Секој од нас е јак, и во себе носи моќ да помести планина, што би рекла Мајка ми, да не ти даде Господ да видиш колку можеш да истрпиш. Само заборавивме колку може да се бориме. Наместо да се фокусираме на позитивното, почнавме да кукаме секој ден за тоа што не чини, наместо да градиме, почнавме деструктивно да се однесуваме кон себе и сите околу нас, наместо да живееме, дозволивме да не голтне монотонијата и животариме секој ден се повеќе. Си го продаваме времето на социјалниве медиуми, заборавивме на содржина.
Епа ај не. Ајде денес дадете отказ ако не ви се допаѓа работната позиција или условите во кои функционирате, ајде отерајте го колегата каде што му е заслуженото место бидејќи е невоспитана и необразована единка што ви пречи да си ја работите работата (морам да сум културна на изразување инаку точно знаете што ќе кажев овде), ајде раскинете ја врската што ве кочи и не ве носи никаде освен наназад на истото место на кое сте биле кога сте ја започнале, ајде направете ја големата промена на вашиот живот што ќе започне со една најмала работа. Пушите и ви пречи, епа оставете ги цигарите, дебели сте си сами на себе, епа прекинете да јадете и марш на вежбање, имате слаб карактер и склони сте на депресија, најдете си хоби, одете научете боречка вештина за да ја зајакнете самодовербата, имате проблем на патот за остварување на вашиот сон, епа станете од кревет и решете го. Работите нема да се променат ниту пак решат судбински, нашиот живот нема да промени магично преку ноќ, нашиот живот нѐ бара нас.
Секој ден се среќавам со девојки кои не се сакаат себе си, кои не сакаат да се гледаат во огледало, кои не се задоволни од работата, од себе или партнерот, и не ја прават потребната промена, чекаат. Сакате да ви кажам една тајна, Никогаш нема да дочекате. Ако денес, одма, во истиов момент не превземете нешто за да го решите тоа што ве мачи, останувате на безбедната точка на несреќа. И да, нема веднаш да ви успее, едно двеста пати ќе сакате да се вратите назад, милион пати ќе се покаете за промената, и се ќе ве плаши до степен на повторно себе губење, без гајле дечки, патот е тој.
Никој не нѐ спасува освен ние самите.
Никој не може и никој не смее.
Ние самите мора да го одиме патот.
Вака вели Буда, мене ми изигра голема улога во сите моменти каде не знаев што со себе.
Денес морав вака, дека го делиме муабетов и дека ви треба да чуете дека можете. Знам дека мене ми треба и тоа секој ден, и почнав сама да се убедувам дека можам. Секој ден, се повеќе. О да, не сте свесни колку можам.
Јас сум Ивана Кнез, денес со молба до сите вас, не ја штедете насмевката, не се троши. Ваш живот, ваши правила.
Се читаме следната недела.