Вашата земја е егзотична: Швајцарци на велосипед ја истражуваа Македонија

Добивај вести на Viber

На почетокот од месецов, десет туристи од Швајцарија ја истражуваа Македонија. Со своите велосипеди поминаа 275 километри и посетија седум различни дестинации, а искуствата од оваа несекојневна тура за „Женски Магазин“ ги споделија водичот Слободан Трајковски и Емилија Филдишевска, директор на Macedonia Travel, агенцијата која се повеќе го акцентира авантуристичкиот туризам во нашата земја.

* Десет дена швајцарски туристи уживаа во убавините на Македонија. Кои дестинации ги посетија?

Емилија: Оваа тура беше маунтин бајкинг, се возеше велосипед по планинските патеки на Водно, Бистра, Стогово, Јабланица, Галичица, Баба и Бушава. Тоа се активни тури, во кои гостите возат по 40-50км на ден, воглавно по планински патишта и патеки - рути внимателно одбрани низ живописни пејсажи и во национални паркови, низ стари села со живи традиции, каде имаат можност да вкусат типични македонски специјалитети. Секако, попатно посетуваат и културни споменици, археолошки локалитети.. Ги посетија и Рајчица и Охрид, Хераклеа, Битола,  Крушево, дегустираа вина во Стоби..

* За какви профили станува збор? Дали се тоа студенти, луѓе со интересни професии кои на таков начин го користат годишниот одмор или се претежно повозрасни луѓе?

Слободан: Досега сме имале гости од сите возрасни групи, од 35 до 75 години. Но, претежно нашите гости се повозрасни луѓе кои што точно знаат што сакаат и ние секогаш се трудиме да ги исполниме нивните очекувања. Не сеобидуваме да ги импресионираме со нашите планини, сепак тие доаѓаат од Швајцарија, но се трудиме да им ја пренесеме приказната за Македонија прикажувајќи им повеќе села, археолошки локалитети, национални паркови. Да им ја доближиме Македонија од историски, гастрономски, етнолошки, архитектонски, музички и од многу други аспекти. Гостите веќе имаат посетено повеќе светски дестинации и токму знаат зошто доаѓаат во Македонија, земја која што за нив сепак претставува егзотична дестинација.

* Поминаа 275 километри на велосипед. Кој дел од нашата земја им беше најтежок предизвик, а во која дестинација најмногу уживаа?

Слободан: Таа километража се поминува во седум етапи на различни планини, секоја етапа внимателно избрана во однос на должината, техничката тежина и времетраењето. Целото патување е замислено како едно сценарио коешто ја достигнува својата кулминација на Галичица и Охрид. Токму патеката на Галичица тие ја издвојуваат како место каде што најмногу уживале, секако во комбинација со градот и езерото. Како најтешка етапа ја издвојуваат рутата на Јабланица, којашто воедно е и многу убава со сите погледи врз Охридското езеро. Затоа и слободниот ден е ставен после оваа рута.

* Ваквите тури секогаш кријат интересни случки кои со години се прераскажуваат. Кои беа највозбудливите моменти од ова патување?

Слободан: Секоја група се разликува според интересот што го пројавуваат. За последната група можам да кажам дека најмногу уживаше во храната, ракијата и виното. Возењето некако беше во втор план. Но на секоја вечера тие не го криеја своето уживање кога ќе седневме на трпеза. Гласно го искажуваа своето задоволство и возбуда од храната што им се служеше. Менијата за секој ресторан се внимателно избрани и вечерите се еден од сегментите на кој што се посветува посебно внимание.

Како најинтересна случка е средбата со дивата мачка и само на педесетина метри понатаму со дваесетина мали и четири диви свињи. Тој настан се случи во националниот парк Маврово. Интересна, возбудлива случка, која што може да биде и опасна долколу се постапи со невнимание и избрзани постапки.

* Авантуристичкиот туризам е се повеќе привлечен за странските туристи. За што најмногу се интересираат?

Емилија: За сите активности во природа. Што подалеку од градот и асфалтот. Овие активни одмори се многу популарни на западот, маунтин бајкинг, планинарење, кајакарење, качување по карпи.. зависно од интересот и од нивната кондиција. А за ваков тип на одмори Македонија е идеална дестинација. Со нашите планини, реки и езера, идилични села и богато историско и културно наследство би можеле да бидеме топ-дестинација во светот за активни одмори. Велам би можеле, доколку не би го имале сметот насекаде во природата. Вака е навистина тешко да се промовира и продава како недопрена природа.

Ѓорге Стојанов