Васил е на дното на обложувалниците, но и тие се дел од игрите на големите лоби групи: Александра Јовановска шеф на евровизиската делегација во Ротердам
Александра Јовановска, е единствениот преставник од МРТВ на Евровизија во Ротердам, Холандија со двојна улога - шеф на делегација и шеф на прес.
Верува дека во вечерашното полуфинале жирито ќе го награди нашиот претставник Васил Гарванлиев. Доколку и публиката се поврзе со песната шансите се добри за успешен пласман.
* Годинава отпатува сама во Ротердам, како се справуваш со обврските, знаејќи дека Евровизија е обемен проект?
-Во изминатите петнаесет години колку што работам во Македонската телевизија, не се сеќавам дека имало толку мала екипа на Евровизија и само еден претставник од МТВ. Но, такви се условите годинава и драго ми е што одговорните ми ја доверија задачата да ја предводам делегацијата во Ротердам. Мојата работа е да ги испочитуваме протоколите во Ротердам и да ја спроведеме агендата. Секако сценскиот настап, костимографијата, целиот концепт се претходно подготвени. Може само да се усовршат замислените идеи за севкупното сценско претставување. За тоа е задолжен тим од Шведска, односно тандемот Мари Рибергер и Тине Матулеси. Тине е со нас во Ротердам и се бори на секоја проба да го добиеме максимумот.
Даруваме само поддршка и љубов
* Каква е атмосферата во тимот?
-Имаме фантастична енергија во тимот, а за тоа е виновен Васил, бидејќи е еден од најголемите професионалци со кои сум имала прилика да соработувам. Тој поседува класичарска дисциплина и големо сценско искуство, знае зошто е во Ротердам и со голема посветеност работеше низ целиот процес. Верувам дека по се што се случуваше, многумина сепак ќе бидат доблесни и ќе дадат аплауз за неговиот настап. Во Ротердам пристигна и неговиот продуцентско-менаџерски тим од Чикаго, составен од Џозефин Марфи и Брајан Фарина, професионалци од музичката индустрија со Греми номинации и освоени Греми награди. Во тимот е и Јелмаз Дервиши, ПР на Васил, како и Расел Дејвис, долгогодишен волонтерски соработник на нашата делегација. Кај нас владее позитивна енергија, ние сме мал, но компактен тим. Секој се грижи за својот дел и се договоривме да си веруваме еден на друг во процесот, а да си даруваме само поддршка и љубов!
* Под какви протоколи се одвива Евровизија годинава?
-Годинава Евровизија е многу поразлична, па сепак иста. Се научивме да живееме со протоколи и социјална дистанца и тие методи се практикуваат и овде. Од нас се очекува и како национален сервис и како тим присутен во Ротердам да придонесеме шоуто да се врати во полн сјај на тв-екраните. Ова е значајно за целата музичко-сценска индустрија и уметност. Делегациите се движат на релација хотел-арена. Акредитациите се обновуваат на секои 48 часа, со негативен резултат од тест за ковид 19. Не ни е дозволено да користиме јавен транспорт, да остваруваме контакти со луѓе надвор од делегацијата, односно од протоколот. Хотелот смееме да го напуштаме само за физички активности или кратки прошетки. Васил трча секое утро, пешачиме во групи од двајца, а градот домаќин за гостите приреди и неколку екскурзии. Нашата делегација беше на крстарење низ познатите канали на Амстердам, а го посетивме и најголемото пристаниште во Европа, кое се простира во Ротердам во должина од 42 километри. Недостасуваат топлите поздрави и гушкањето, но сепак радоста е присутна кај сите што сме конечно овде и заедно.
Критика да, но навреди и говор на омраза не
* Какви се очекувањата, на обложувалниците Васил е на дното од табелата?
-Точно, обложувалниците не се на наша страна, но треба да бидеме свесни дека и тие се дел од игрите на големите лоби групи, така што не треба да ги сфаќаме како комплетно релевантен показател. И Тамара не беше сериозен кандидат на обложувалниците во почетокот, па на крајот го освои седмото место. Во изминатите пет дена, неколкупати се смени главниот конкурент за победа на Евровизија. Верувам дека жирито ќе го награди Васил, а доколку и публиката се поврзе со нашата песна шансите ни се добри за успешен пласман. За нашиот настап може да се каже дека е класичен, елегантен, минималистички, но има и моменти на изненадување, а сцената се чувствува полна од присуството на Васил и неговата моќ во вокалната експресија, како и начинот на кој владее со емоциите. Костимографијата е на Раде Василев и Сињори и е во функција на настапот. Приказната околу кошулата на Васил со огледалата е дека нашиот претставник зрачи само светлина и враќа љубов кон публиката. Тие огледала на тиркизниот килим како дел од годинашната приказна беа доловени и преку круната на Васил по која стана препознатлив на Евровизија уште во 2019-та година како дел од тимот на Тамара.
* Како дел од тимот, односно шеф на прес и новинар кој е препознатлив по известувањата и специјалните емисии од Евровизија, си присутна на настанот од 2013 година. Што те мотивира и како се гледаш во иднина?
-Причината поради која и покрај се сум тука, е таа што верувам во потенцијалот на македонските музичари и сакам македонската музика да победи. Десет сезони преку „Стисни Плеј“ се трудам да овозможам платформа за македонските музичари да ги споделат со публиката своите дела, да ги раскажат своите музички приказни, музиката да биде слушната. Евровизија треба да е една кулминација на споделување на таа музика, радост и љубов со публиката. Кај нас е се, само не тоа. Посакувам во иднина преку Евровизија да се стимулира многу повеќе авторството во Македонија. Имаме многу пејачки таленти во Македонија и од поновата генерација и од оние поискусните кои заслужуваат да застанат на големата европска сцена, но до квалитетните и оригинални песни не се стигнува лесно. Ниту еден голем успех не е случаен, туку резултат на систематско планирање и напорна и посветена работа. Ако сакаме резултат и имаме визија за напредок, еден ден и ќе успееме! Јас се гледам себеси како дел од успешни приказни во иднина. Посакувам исто така и публиката да биде малку поблагодарна, луѓето да се забавуваат пред тв екраните и да заборават да бидат исклучиво негативни. Критика да, но навреди и говор на омраза не.
Соња Алексоска Неделковска