ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ ЌЕ ГО ИГРА СУПЕРМЕН: Секој креативен предизвик е подеднакво важен

Добивај вести на Viber

Кога актерот работи во репертоарен театар, мора професионално да е подготвен да игра во различни жанрови и естетики, независно од тоа дали лично му се допаѓаат или не, вели популарниот актер

Во Велешкиот театар во полн ек се подготовките за детската претстава „Заспаниот Супермен“ во режија на Младен Крстевски. Премиерната изведба е планирана за почетокот на април, а улогата на Супермен ќе ја толкува Васил Зафирчев. Во својата матична куќа, популарниот актер е вклучен во уште две нови продукции. Првата е „Кралските копилиња“, физички театар во епски слики, авторски проект на Сашо Димоски работен според митската приказна за Електра во која тој го толкува ликот на Агамемнон. Премиерата е утревечер по повод Светскиот ден на театарот. 

- Паралелно работам и на комедијата „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Венцислав Ристов, каде ја играм улогата на Виќа. Премиерата се очекува кон средината на април – ни откри Зафирчев.

 Фото: Јован Куциновски

Препознатлив по неговите исклучително успешни трансформации, Васил нагласува дека сцената не признава компромиси. Според него постојат улоги што суштински ја менуваат стварноста и нудат нови и поинакви модели за доживување на светот и на животот воопшто и улоги кои суштински го менуваат актерот, како човек и уметник. 

- Секој еден креативен предизвик е поеднакво важен и вреден за творечка реализација. Особено кога актерот работи во репертоарен театар, што значи дека е професионално подготвен да игра во различни жанрови и естетики, независно од тоа дали лично му се допаѓаат или не. Своите лични уметнички провокации творечки и креативно ги истражувам во моите независни и авторски проекти, со соработници со кои имам исти или слични поимања на театарот како уметност воопшто – објаснува тој. 

Зафирчев на репертоарот на Велешки театар игра во претставите „Тоалет за дами“, „Вдовицата се мажи“, „Волшебникот од Оз“ и „Шумата на моето дрво“. На малата сцена, пак, на Македонскиот Народен Театар ја има на репертоар претставата „Госпоѓиците од Авињон“.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов