Веганска храна за познатата виолинистка: Ванеса Меј со миленикот пристигна во Охрид

Светски познатата британска виолинистка Ванеса Меј пристигна во Охрид. Утревечер, таа ќе настапи на отварањето на 59. издание на фестивалот „Охридско лето“ на Античкиот театар. 

Ванеса која е позната како поборник за правата на животните во Охрид е со својот миленик, сместена во хотелот „Јуник“.

„Познато е дека Ванеса Меј е веган и затоа во рајдер листата ни е наведено дека јаде претежно овошје и зеленчук. За неа е ангажиран посебен готвач“, ни изјавија од „Охридско лето“. 

Ванеса Меј го носи епитетот светско чудо, а ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокални солисти од Операта, под диригентската палка на маестро Иван Кожухаров од Бугарија.  Таа стекна светска слава поради виртуозноста, а најмногу поради нејзиниот оригинален пристап на свирење на виолина, создавајќи фузија од класика со џез и електроника, со намера да ја доближи класичната музика до поширокиот круг на слушатели. 

Како што е најавено, Претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител на „Охридско лето“  утре ќе ја прими Меј во Вила „Билјана“ во Охрид.  (М.Џ.)