Величевствени на сцена и по 30 години: „Синтезис“ уште еднаш ни покажаа дека и ние имаме музика и фолклор од кој извира голема душа

Добивај вести на Viber

Кога еден народ би ги заборавил традицијата и обичаите, ќе го изгуби заедништвото и идентитетот. Музиката е еден од начините да се сочува и негува традицијата и многу е битна, бидејќи може директно да влијае на оној кој ја слуша. На, тој начин нејзините зборови и мелодии лесно се пренесуваат од колено на колено.

Тоа го потврди етно-составот „Синтезис“ на синоќешниот концерт, со кој одбележа 30 години постоење на сцената.  

Според реакцијата на публиката на песните, особено на најпрепознатливите („Во наше село“, „Ме фатије“...), покажа дека мелодиите и текстовите се толку вистински, што тој сензибилитет останува врежан не само три децении, туку за целиот живот. Нивната музика е искрена, храбра, со квалитетот им одолева на времето и трендот, отпорна на ефтини спорни влијанија.

Членовите на бендот, врвни музичари и инструменталисти, задолжени за обработка на старите, традиционални песни и создавањето на нови во изминативе години: Радослав Шутевски-Шуте, Гоце Димовски, Ване Јовчев, Марјан Јовановски и Гоце Узунски, беа на ниво на својата задача. А како „шлаг“ секако дека беа трите грации: Анета Шуланковска, Билјана Ристовска и Сузана Јовчева. Со нивните песни нѐ потсетија на музиката од различни краеви на Македонија. И во оваа пригода беа впечатливи со нивните костими,за кои традиционално се погрижи Александар Ношпал. 

Го нема Тоше веќе 17 години да ја отпеат „Ој девојче“. Но, го имаше Наум, со кој маестрално ја изведоа песната. На сцената се појавија Влатко Стефановски, со кој често соработуваат и Борис Трајанов, кој ја отпеа авторската песна „Божја невеста“. Кога публиката составена од различни генерации ги врати на бис, со нив беше и поранешната вокалистка Мирјана Јошевска-Мими, која достојно ја замени Сузана. 

Публиката по одржувањето на концертот кој го организираше „Баги комуникации“, можеше да ги види уникатните костими со кои „Синтезис“ настапувале низ светот, а беа изложени во лобито на Филхармонијата - местото каде што се одржа настанот. 

„Синтезис“ за овие триесет години одржаа над 500 концерти низ светот во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали, презентирајќи ја македонската музичка култура и традиција. Докажаа дека нашата, нивната традиционална музика, колку е едноставна толку е и комплицирана. Особено за публика која првпат ја слуша, поради емотивниот набој која го носи со себе. Можеби не разбираат ниту еден збор, но секогаш чувствуваат нешто во градите, некоја меланхолија и тага. „Синтезис“ со гостувањето во многу земји на неколку континенти токму на таа публика ѝ го овозможи тоа чувство. Истовремено ја научи и што се кавал и гајда, им ги претстави македонските народни инструменти, им ја поттикна желбата да ги преведуваат песните, а со тоа и да ја изучуваат нашата историја. Затоа се и нашите најголеми музички амбасадори. 

Каде е тајната на успехот на Синтезис, каково е чувството да се одбележат 30 години на сцена? Одговорот се крие во изјавата на Анета Шуланковска, која ни ја даде по завршување на концертот.

-Тешко е да се опише тоа што го доживеавме сношти, на нашиот концерт по повод одбележувањето на 30 години „Синтезис“. Концерт исполнет со многу емоции. Не само што публиката ја потсетивме на нашите почетоци, со нумери од првиот албум па сѐ до денес ,туку и ние се вратиме наназад, како почнавме, растевме и дојдовме до денешниот ден. Од сѐ срце ѝ благодариме на публиката која сношти беше присутна на овој концерт. Со позитивните вибрации, громогласните аплаузи и емоциите кои беа присутни меѓу публиката и сцената, ни дадовте до знаење дека се уште има луѓе кои ја ценат и почитуваат македонската изворна музика и дека треба да продолжиме по патот на кој тргнавме пред 30 години. Како и секогаш се потрудивме и за визуелниот изглед, за кој, како и во изминатиот период е виновен Александар Ношпал со неговите креации. Изгледот за да биде комплетен мора да има соодветна фризура, за која исто така како и предходно одговорен е Сретен Костиќ и сето тоа надополнето со шминка, овој пат од Зоран Шурбевски. На овој концерт исто посетителите ги потсетивме на нашиот сценски изглед. Во фоајето на Филхармонија беа изложени костимите кои Александар Ношпал ги креираше за нас. Верувајте дека никој од нас не ни помислуваше дека ќе дојде денот кога ќе славиме 30 годишен јубилеј. Во оваа приказна наречена „Синтезис“ сите тргнавме од љубов, и со љубов да го запознаеме светот со Македонската музика, култура, да ги запознаеме со исконското. Токму таа љубов кон традиционалната македонска музика, громогласниот аплауз, позитивните вибрации од публиката, нашето меѓусебно почитување и .... е тајната за успехот- изјави Шуланковска за Женски магазин.

С.А.Н

Фото: Вангел Тануровски