„Виенски бал 2018“ по 19ти пат во Скопје

Добивај вести на Viber

Хотелот „Александар Палас“, традиционално, е местото каде и годинава елегантните дами и господа ќе танцуваат на валцери, евергрини и хит рефрени во рамките на културно-уметничката манифестација „Виенски бал 2018“. Благодарение на овој авангарден настан, традиционално, по 19ти пат, Скопје ќе биде дел од австриската балска култура. Скопје освен што ја има привилегијата 19 години да биде до рамо со светските метрополи каде одржува оваа оригинална манифестација, од минатата година, „Виенски бал“ во Скопје е ставен и на светската мапа на виенски балови.

Организаторот на Балот, Здружението за културна соработка “Јохан Штраус”, и покровителот, амбасадата на Република Австрија во Македонија во рамките на хуманитарната димензија на балот, годинава одлучија дел од средствата да бидат наменети за граѓанска организација на лица со и без хендикеп, која работи на суштинско поврзување и целосно остварување на основните човекови права и слободи на лицата со хендикеп „Полио плус“.


Во рамките на програмскиот дел, професионалниот оркестарот Јохан Штраус ќе музицира под диригенство на Бисера Чадловска.Грациозните танчери на Танцовиот клуб „Прима Данца“ ќе ја воодушевуваат публиката со атрактивни танцови точки, а магијата на балетските точки на сцената на Балот ќе ја донесат првенците на Балетот при МОБ – Марија Кичевска и Бобан Ковачевски.

Гостите ќе имаат можност да уживаат во настапите на „Тумбао салса бенд“, Нина Јанева, Горан Папас  и „2Еxit“.

Како и секоја година, дрес-кодот на Балот е задолжителен: долги тоалети за дамите и смокинг или темен костум за господата. Водителката на Балот, Јована Стојменовиќ, ќе носи креација на реномираната дизајнерка Антонија Ристовска.