Виолета Тренчовска: Трпев семејно насилство- се разведов кога сопругот го фатив во љубовен чин со маж
Нејзините постови на социјалните мрежи за семејното насилство, беа повод да ѝ се обратам на Виолета Тренчевска и да ја прашам дали јавно би зборувала за нејзиното искуство. Веднаш ја прифати понудата за интервју со зборовите: „Прв пат некој да се заинтересира за ваква тема, барем од тие што ги знам и познавам.“ Откако ги добив одговорите, сфатив дека таа е исклучително храбра жена, без предрасуди и без страв од осудите и потсмевањата барем во нашата конзервативна средина, која за првпат прозборе не само за семејното насилство, туку и за причината за разводот, која се случува кај брачните двојки, но никогаш не се осмелиле тоа јавно да го кажат.
ЖМ: Каде се запознавте со сопругот, дали се зедовте од љубов? Како се однесуваше во врската и во почетокот на брачниот живот?
- Со сопругот се запознавме во средношколските денови и по петгодишна врска склучивме брак. Се сложувавме добро, се трудевме да си ги ускладиме нашите карактери. Од денешна гледна точка се трудев малку повеќе да си го смирам мојот темперамент. Тој има наизглед помирна природа. Живеевме во изнајмена куќа сами, а потоа се родија и децата.
ЖМ: Расправиите се дел од животот на секоја брачна двојка, но се решаваат и завршуваат со разговор и со договор. Каков беше случајот кај вас?
- Расправиите обично се водеа околу домаќинството, во смисла дека трошам многу повеќе пари отколку што треба. Да напомнам, водев добра економија и се обидував аргументирано да докажам дека сè што сум купила е потребно. Со текот на времето сфатив дека тој е голем циција. Но, не за себе. Во почетокот не доаѓавме до физички судир. Меѓутоа ми вршеше психички притисок со уцени. Ми велеше дека нема да ми дава пари и дека ќе ме избрка од дома. Во тој период не работев.
ЖМ: Беше ли агресивен и во текот на вашата бременост?
- Бев бремена пред да склучиме брак, бидејќи веќе живеевме во вонбрачна заедница. Неговото однесување тогаш, не би го нарекла баш најдобро. Повеќе наликуваше на она класично балканско, „јас сум мажот, ти си жената, мое е да донесам финансии, а ти труди се околу куќата“. Имав тешка бременост и требаше повеќе време да лежам. Тогаш сфатив дека тој во нашата врска на некој начин ги внесе сите негови роднини. Ми велеше: „Сестра ми мѝ рече дека ти грешиш во овие работи“. Или: „Едниот не се сложува да одиме таму, а другиот ми рече да не купуваме фрижидер“. Кавгите завршуваа со негова констатација дека не ги почитувам неговите. А јас се затворав во другата соба и плачев со часови. Се пожалив на мајка ми, но таа имаше став дека сè е во ред. Морам да го слушам мажот и со време и трпение ќе се среди сè. Кога ни се роди првото дете, ќерка ми, ми помагаше, ја држеше во раце, ја заспиваше, заедно ја бањавме. Беше добар и нежен родител. Но, кавгите продолжија, а по извесно време завршуваа со шлаканици.
ЖМ: Имаше ли кој да ве штити и брани?
- Сите на кои им се пожалив тврдеа дека е нормално да се караме, нормално е да се добијат неколку шлаканици. Треба само да се трпи, оти лекот е во старата изрека „трпение спасение“. За чудо, образовани жени тврдеа дека жената мора да помолчува, да го почитува сопругот и неговото семејство. И убедена од цела околина дека сè е во ред со нашиот брак, продолжував да живеам со него. Потоа го родив синот. Тогаш веќе и работев во градежна компанија. Меѓутоа почнаа транзиционите години, се затвораа фирми, породилното боледување доцнеше, а сопругот ја изгуби работата. Отиде во Грција на берба на маслинки. Одеше и доаѓаше некое време. Во меѓувреме и јас ја изгубив работата и со децата се преселивме во Грција. Тогаш веќе почнаа многу големи проблеми. Нова средина, нов живот нов почеток од нула. Почнаа големи кавги, негови психички малтретирања, физички напади врз мене. Ми велеше дека многу трошам, малку работам, не сум способна доволно да заработам. Секогаш кога децата беа на училиште, нашиот дом беше бојно поле. Родителите ми починаа, се пожалив на сестра ми и брат ми, но не добив поддршка. Бев оставена сама на себе. Не знаев ни како, ни каде, ни што да направам. Ситуацијата ескалираше до тој степен што спиев во кујната или во детската соба, а тој во спалната. Комунициравме службено. Бев во туѓа држава, со туѓинци околу мене. Децата веќе беа возрасни. Ќерка ми дојде на одмор во Македонија и реши да остане за да се омажи. Останав во Грција со синот и со сопругот.
ЖМ: Кога решивте да се разведете?
- Еден ден се вратив од работа дома и сопругот го најдов во љубовен чин со маж. Дома кај нас. Тогаш веќе знаев дека морам да си го земам куферот и да си заминам. Се вратив во Македонија, знаејќи дека тука ми е дома и некој сепак ќе ми помогне кога ќе им објаснам што сум доживеала. Во меѓувреме, додека се обидував психички да се приберам, сопругот ми ги блокираше сите сметки и ме остави без пари.
ЖМ: Во тие тешки мигови, кој ви подаде рака?
- Од моите роднини никој не се ни обиде да ме сослуша. Ме обележаа како развратничка, распуштеница, срам за „чесната"фамилија. За среќа еден мој другар од младоста заедно со сопругата ме прибраа кај нив дома. Си ги средив документите, меѓутоа немав работа, а не сакав да живеам на нечиј грб. Свекрвата на мојата ќерка ме покани кај нив на некое време, додека се најде решение. И така две недели без пари живеев кај моите пријатели, па заминав на две – три недели кај ќерката, без навест или план за иднина. Со свекрвата на мојата ќерка почнав да берам смреки, печурки, за откуп и некако дојдов до пари. Еден мој пријател ми кажа дека човек од околината на Лерин барал жена за нега на неговата мајка. Отидов да ја чувам жената. Потоа најдов работа во една фабрика во Битола. Сменив неколку работни места. Работев и како бравар во една фирма.
ЖМ: Каде живеете денес, дали сте задоволни и среќни?
- Живеам во Битола, во изнајмен стан, работам, имам две возрасни деца и две внучиња од ќерка ми. Син ми живее и работи како хотелски менаџер во Грција. Задоволна сум и среќна, почитувана од колеги, пријатели, од средината. И знам дека што и да наиде, со божја помош можам да го надминам. Само едно им кажувам на сите: „Помогнете на жена во неволја, можеби вие ѝ сте она прво најтешко скалило“.
ЖМ: Дали сте во комуникација со вашиот поранешен сопруг? Како ќе се однесува кога ова ќе го прочита? Ќе негира дека не е вистина и ќе ви се заканува?
- Комуницираме по телефон за информации околу нашите деца. Тој ме известува за синот, бидејќи и двајцата живеат во Грција. Јас го известувам за ќерката и внуците. Често се случува истовремено да ја посетиме ќерката. Тогаш се однесуваме пријателски. Од почетокот тој не беше баш пријателски настроен, се трудеше да ме оцрнува. Меѓутоа ќерка ми побара од него да се однесува пристојно. Бидејќи ќерките се секогаш љубов татина, сега сè е во ред. Дури излегуваме на заеднички ручек со децата. Сега околу прашањето дали ќе се заканува и дали ќе се брани, не можам точно да одговорам. Колку што го познавам, за јавноста ќе го игнорира сето тоа. Меѓутоа мене ќе ми рече дека немаше потреба ПОВТОРНО да го осудувам.
ЖМ: Имате ли порака до жените кои се соочиле со вашиот проблем?
- Вистинска љубов е искрена, без поговори, без навреди, без нанесување болка. А, верувајте една прегратка може да каже многу повеќе од илјада напишани книги. Сепак, наместо за прегратка сите се одлучуваат со насилство да ѝ го сменат мислењето, на жената да ѝ го сервираат својот начин на живот. Тогаш жената е принудена да се бори. На разни начини. Понекогаш со зборови си ги зашива пукнатините на своето срце, за да не влезе во него студ и јад … Или недај Боже некој да ја убеди дека „секое зло е за добро“. Не, не може добро да биде кога на различен начин ја угнетуваш. Остави ја да се бори и избори. Уште од времето на баба ми, жените се тие кои се советувани да трпат насилство и дискриминација – им велеле „трпение, спасение“. И во времето на мајка ми истата приказна. Мажот бил тој кој ги имал сите „права“ во домот. И „правото“ да тепа. И пак истиот совет. Во мое време, а и сега и покрај, разноразни, владини и невладини организации, и покрај закон за заштита на жените од насилство, милиони жени се малтретирани, тепани, дискриминирани. Трпение – спасение не е решение. Не, не и не. Треба секој од нас да го дигне својот глас против насилството, секој од нас да даде помош, секој од нас да пријави случај. Не сакам да се мешам, значи дека ги затвораш очите пред проблемот. Нивна работа, не е мој проблем, значи дека си соучесник во насилството. СТАНИ, ПОМОГНИ, ДИГНИ ГЛАС, ДИГНИ ТЕЛЕФОН И ПРИЈАВИ, ПОНУДИ ПОМОШ, ПОНУДИ ЗАСОЛНИШТЕ. Којзнае, можеби утре тебе ќе ти се случи истото или на твојата ќерка, или на твојата пријателка, или на сосетката … НЕ МОЛЧИ, НЕ ЗАМИЖУВАЈ, НЕ БЕГАЈ, РЕШИ ГО ПРОБЛЕМОТ!
Соња Алексоска Неделковска