Владо Јаневски има нова песна, обновена соработката со „Авалон“
Темата „Главен град на тагата“ е најава за концертите кои популарниот кантавтор ги подготвува за почетокот на летото во Скопје и во Охрид
„Главен град на тагата“ е новата песна на Владо Јаневски која до крајот на неделата може ексклузивно да се слушне само на скопското радио „Хепи“ во кое кантавторот е директор и еден од сопствениците. Музиката и стиховите се негово дело, а аранжманот го потпишува Роберт Билбилов. Потенцијалниот хит е снимен во студиото на Дарко Димитров кој, како што стои во најавата, во улога на продуцент е заслужен за модерниот и разигран дух на оваа тема.
Проектот е најава за концертите кои Јаневски ги подготвува за почетокот на летото во Скопје и во Охрид. Интересен момент е што за овие шоуа познатиот пејач ја обновува соработката со „Авалон продукција“.
Јаневски пред две години го промовираше спотот за старо-новата нумера „Ајде води ме“ која пред речиси една деценија оригинално ја сними во дует со Тијана Дапчевиќ. Токму на таа средба, по неколку години молк им се обрати на новинарите. Со години критикуван за игнорантски однос кон медиумите, приликата ја искористи да образложи дека навистина не му се случува ништо спектакуларно во животот што сака да го сподели со јавноста.
- Живееме во цинично време и знам дека сите тргнавте со помислата дека повторно ќе глумам лудило и нема да комуницирам со Вас. За инает одлучив да проговорам – нагласи во таа прилика.
За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов