Влатко Лозаноски: Носталгичар сум, многу работи чувам и од детството
Корона вирусот најмногу ги погоди естрадните уметници, а поголемиот дел од нив ги доведе и до работ на егзистенција. И поп звездата Влатко Лозаноски не успеал да реализира огромен дел од планираните работи.Уште на почетокот од 2020 година резервирал концерти и настапи низ Македонија и надвор од неа. Откажал и голем број проекти.
Лозаноски периодот на принуден одмор го искористил да ги надополни празнините поврзани со приватноста, кои ги запоставил поради професионалните обврски.
* Со години твоето секојдневие е исполнето со снимање нови песни и спотови, настапи низ земјата. Тешко ли беше да се соочиш со карантинот?
- Секако. Последниве години незнаев за одмор. Или снимав и настапував,или возев и уживав во тоа. Едноставно бев исполнет. Тие три работи беа најредовни, за наеднаш сè да запре. Кога започна карантинот, си реков, во ред, добро ќе ми дојде малку одмор. Но, тоа трае веќе скоро една година исега сум изморен од одмор. Ми недостасуваат тие активности, публиката, смеата, песните.
* Кога сме принудени да се повлечеме и да ја намалиме максимално комуникацијата со луѓето, ни преостанува повеќе време да се свртиме кон себе и да се преиспитаме за нашите постапки. При својата самоанализа дојде ли до заклучокот каде си претерал, што си погрешил и во кои сегменти потребни се промени?
- Дефинитивно,овој период добро ни дојде да сумираме некои работи, и да ги анализираме. Секогаш има празнини кои останале недополнени, од немарност и неажурност, на приватно и на професионално поле.
ПОСЛОБОДНО СЕ ЧУВСТВУВАМ СО ЛУЃЕ СО КОИ ОДАМНА СЕ ПОЗНАВАМ
* Приватно оставаш впечаток на добро воспитано момче, но и на тивко и повлечено. Дали си таков од дете или тој став е само одбрана од љубопитните очи на јавноста?
- Се трудам да бидам коректен со сите. Не сакам никого да потценам ниту пак да го навредам. Сакам секој човек да го испочитувам. Се обидувам да сум на нивно место и од нивна перспектива да ги гледам нештата. Да почувствувам како е да си во нивна кожа. Приватно, можам да кажам дека имам многу послободен однос со луѓе со кои одамна се познавам и често се дружам.
* Радоста е поголема, а тагата помала, ако ги споделиш со други. Постојат ли личности пред кои ги откриваш своите чувства?
- Секој треба да има барем една таква личност каде што можеш емотивно да се „испразниш“. Не е убаво да се чува сè во себе. Тоа резултира со понатамошни последици и на сопственото здравје. Како што е убаво да се пофалиш на најблиските со убава вести таа еуфорија да ја извадиш од себе за да се чувствуваш многу подобро, така и за длабоките чувства и емоции ни треба некој.
ВО ВИКЕНДИЦАТА ВО БЕЛИЦА ГО НАОЃАМ МИРОТ
* Одиш ли често во Кичево, во посета на твоите родители. Кои спомени ти навираат кога ќе се спомне родниот град, поврзани со новогодишните и божикните празници?
- Често одам во Кичево, го обожавам тој град. Носталгичен сум како личност. Чувствувам носталгијакон личности, предмети и места. Последниве години често сум во викендицата во Белица, на чист воздух, природа, мир. Многу работи чувам и од детството. Тие ме потсетуваат на убавите работи од минатото и неможам, но и не сакам да се ослободам од нив. Кога одам на мои драги места, има делови и личности кои доколку не ги посетам или ги видам, исто како да не сум бил таму.
* Во Новата година предност ќе му дадеш на професионалниот или на приватниот живот?
- И на двете, балансирано. Секогаш нешто треба да се има и за себе.Доколку откријам сè за себе, тогаш нема да се вика приватност.
ДОМА СИ ГИ ПОТПЕВНУВАМ ПЕСНИТЕ
* Не е лесно да се каже која нумера ти е најдрага, но можеш ли да одвоиш некоја што посебно ти зараснала за срцето?
- Сите песни се посебни, секоја во своето време си го нашла своето место. Дефинитивно „Километри“ е таа која што често си ја пеам и емотивно може да ме допре, како и „Мајко“. Темите „Не те вадам од памет“, „Жена како ти“, „Нема да е крај на свет“ и „Надеж“исто така често знам си ги потпевнувам дома.
* Секоја нова песна се мери со најдобрата стара, за која публиката ја врзуваат многу чувства и спомени. Кој е твојот нов музички фаворит, кој веруваш дека повторно ќе ги освои обожавателите?
- Оставам на публиката да си го избере својот фаворит. Кога станува збор за вкус тогаш не се дебатира.
Соња Алексоска Неделковска