Во Белград ме пречекаа со „Каде си македонско девојче“: Водителката Билјана Максимовска за искуството со вакцинирањето

Добивај вести на Viber

Водителката Билјана Максимовска, беше дел од Македонците кои викендов се вакцинираа во Белград. 

Јавноста ја засака Билјана поради нејзината непосредност уште како тинејџерка, кога заедно со Миа Костова и Мартин Трпчевски ја водеше емисијата „99 акција“.

Билјана беше првата водителка на шоуто „Брза кујна“. Таа е мајка на две ќерки и последниве години поради работата на сопругот кој е Холанѓанец, живее на Косово. Но, во Скопје, во своето Дебар маало доаѓа често.

-Веќе 4 години живеам на Косово со фамилијата, децата растат, Аделин (7) и Бјанка(2) одат во интернационално училиште тука и покрај сите препреки во последната година со Ковид кризата, сепак среќни се заради можноста да одат во училиште/градинка, раскажа Билјана за Женски магазин. 

За неа, позитивната работа кога си надвор од земјата во која ти е фамилијата, е дека се блиску и често доаѓаат во Скопје. 

-Последнава година беше предизвик за сите нас, затоа барав можност да се вакцинирам што поскоро. Се разбира јас му верувам на системот и постојано почитуваме протоколи, но во случајов ја искористив можноста да се вакцинирам во Србија, открива водителката и го пренесува своето искуство од вакцинирањето во Белград.

„Моето искуство со вакцинирањето е одлично, се пријавив за вакцинирање таму на почетокот на март, за после 3 недели да добијам одобрување и согласност од е-управата на Србија преку мејл и телефон да дојдам и да се вакцинирам. Белградскиот Саем преполн со возила, илјадници луѓе, функционираше без никаква забелешка. Пречекуваат редари и обезбедување на паркингот на Саемот, полн со Босанци, Македонци, Црногорци, па и Хрвати и Словенци. Вистинска слика на Екс Ју во мало. Редарите пред саемските хали каде што се одвиваше вакцинирањето беа љубезни, нудеа пријави за вакцинирање, пенкалца, редот иако голем, чекањето беше минимално со дистанца. Не се слушаше викање, паника, нервоза, сите беа насмеани и возбудени што можат да се вакцинираат“, раскажува Билјана и додава дека внатре, во саемската хала бил организиран протокол преку 3 пункта.

„Прв пункт администрација и средба со доктор, препорака за вакцинирањето, втор пункт администрирање на податоци, волонтерите кои беа ангажирани беа максимално љубезни, пријатни и прецизни, проверуваа податоци по два пати за да бидат сигурни дека тоа што го напишале е точно. Третиот пункт е вакцинирањето и разговорот со една љубезна медицинска сестра: ,,Каде си македонско девојче, сега ќе имаш реакции од вакцината ама тоа е нормално, и кај сите е различно, само гледај да одмараш и пиј течности“. Свртевме ред муабет за Охрид, ред муабет за екс Ју, за здравје, за арно за убаво, народски муабет, се заблагодарив и заминав. Секакви информации кружат по медиумите, а сите кои бевме имавме позиитивно искуство. Сега еден ден потоа се чувствам малку заморено, но тоа е нормално по секоја вакцина. Сите ние што бевме во Србија сме благодарни и се надевам дека скоро ќе можеме сите да добиеме вакцини и дома. Сепак, пандемијата е најголемиот здравствен предизвик со кој се соочува цел свет реално. Ги разбирам сите пречки и недостатоци, но и верувам дека може секогаш да се направи нешто плус за да се најде решение. 

Здравје за сите и да се видиме што поскоро, а да не е тоа на ЗУМ“, ни раскажа Билјана.   

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива