Во Франција луѓето не мора да се грижат за ништо друго, освен за самите себе: Елена А. Каракашов за Женски магазин
Елена Андоновска
Каракашов е името на дамата која стои зад блогот и Инстаграм профилот „По мој вкус“. Таа е родена и израсната во Скопје, дипломирала на педагошкиот факултет
и е магистар по Менаџмент на човечки ресурси во организациите, но во виртуелниот свет е позната по своите
уникатни, брзи, лесни и здрави рецепти кои несебично ги споделува со своите
следбеници.
Дамите, особено домаќинките знаат дека на нејзиниот Инстаграм профил може да се најдат многу рецепти, но и преубави фотографии од градот, пејзажи... Елена со семејството живее во Франција, но како и зошто одбрала да живее токму во таа земја, каква е состојбата со корона кризата таму, дали граѓаните ги почитуваат мерките за заштита, од каде црпи идеи за рецепти, и на многу други прашања одговори во оваа нејзино прво интервју за Женски магазин.
Таа вели дека блогот го започнала за нејзино лично задоволство и креативно изразување, и истакна дека сака да го фотографира секој момент на среќа и истиот да го споделува со следбениците, за кои вели: „ Овој мој проект ме спои со многу добри луѓе, кои ми станаа повеќе од следбеници, ми станаа пријатели. Заедно шетаме низ Франција преку моите кратки приказни на профилот, заедно пиеме кафе, слушаме музика, разговараме за некој рецепт, си даваме идеи и инспирација едни на други. Имав среќа со некои од новите познанства од Истаграм да се дружам и надвор од виртуелниот свет. Секогаш сум благодарна на оваа мрежа за таа можност“, заклучува Елена.
*Од кога живеете во Франција и како патот на животот Ве однесе таму?
- Иако никогаш не сум сонувала за тоа да живеам во некоја друга земја, дојдовме да живееме во Франција и тука сме точно 4 години. Тоа се случи по предлог на мојот сегашен сопруг кој доби понуда за докторски студии во Епинал. Не можам да кажам дека многу се двоумев дали да прифатам, а немаше ни многу време за размислување. Требаше брзо да се реагира, така што за една недела ги спакувавме куферите и заминавме. Одлучив да го следам во неговиот избор, бидејќи знаев дека тоа е негова желба. Ако не беше Франција, секако ќе завршеше на докторски студии во некоја друга земја надвор од Македонија. Сега сум среќна што донесовме правилна одлука и ја почнавме нашата заедничка приказна во Епинал. Тоа е едно мало грдче на исток во Франција кое зазема огромно место во моето срце. Таму станав сопруга, а подоцна и мајка на едно прекрасно девојче Емма. Тоа ме направи најсреќна жена на светот. Епинал е првото место во Франција кое после адаптацијата го почувствував како свој дом! Од неодамна сме во околината на Париз, блиску до урбаниот хаос и најголемиот светски град-музеј а, истовремено во едно многу мирно место, опкружено со зеленило, паркови, градини, шуми...Баш тоа што го сакаме и двајцата за нас и нашата мала Емма.
*Што Ви се допаѓа најмногу во Франција?
- Сè. Културата, храната, уметноста, архитектурата, природата, едноставниот начин на живот. Французите се многу едноставни луѓе, кои не се оптоваруваат со тоа да ги имаат најскапите автомобили или да живеат луксузен живот. Напротив, скоро сите што сум имала прилика да ги запознаам, се луѓе кои знаат да живеат во моментот, скромни и приземни. Сакаат да водат долги разговори, да пијат кафе и да јадат кроасан наутро, а добро вино на ручек и за вечера. Секако ми се допаѓа тоа како е уреден социјалниот живот, како функционира здравствениот систем...Ми се допаѓа тоа што овде луѓето не мора да се грижат за ништо друго, освен за самите себе.
*Што најмногу Ви недостига од нашата земја?
- Нашите најблиски, семејството, пријателите... Во овој момент само тоа ми недостига од Македонија. Да требаше да одговорам пред 3 години на ова прашање, можеби листата ќе беше подолга. Со тек на време се навикнуваш да живееш таму каде што си и се прилагодуваш на средината. Нормално ако тоа сакаш да го направиш. Тука веќе имам многу убави спомени, нови пријателства што прераснаа во пријателства за цел живот, и најважното, нова најубава улога, улога на мајка! Сепак, блиските и друштвото од Македонија, секогаш ќе недостасуваат, и секогаш кога ќе ги помислам имам посебно измешани чувства на носталгија, нетрпение, сигурност, верност....и љубов. Многу љубов за сите наши блиски кои се далеку од нас во моментов.
*Светот сè уште е на колена пред пандемијата од коронавирус. Каква е ситуацијата со вирусот во градот во кој Вие живеете, каква е во цела Франција?
- Со оглед на тоа што живееме во најнаселениот регион во Франција – „Ile de France“, ситуацијата не е најдобра со Ковид-19. Понекогаш сме регион со најголема стапка на заразеност, понекогаш не. Во моментов не сме најзагрозени, но бројките постојано растат по завршување на божиќните и новогодишни празници. Во зависност од тоа, се одлучува какви мерки за заштита ќе има во разни региони.
*Граѓаните на Франција, дали се послушни, одговорни во однос на воведените мерки за заштита од Француската влада?
- Луѓето во главно ги почитуваат мерките за заштита од Француската влада, но како и секаде така и тука има исклучоци. Тоа е најчесто младата популација на граѓани. За секое неисполнување на обврската односно не носење маска после излегувањето од домот, следува казна од 135 евра.
*На Вашиот блог и Инстаграм профил пишува дека сакате да готвите и да фотографирате? Од каде желбата, страста кон готвењето и фотографијата?
- Сакам да правам се што ме исполнува и прави среќна, а готвењето и фотографирањето се само дел од тие работи. Всушност секоја креативна работа мене ми е страст. На блогот решив дека најчесто креативноста ќе ја изразувам преку храната. Секако дека желбата за готвењето потекнува од дома, од миризливите и секогаш вкусни јадења на мајка ми, на бабите... Сите жени во фамилијата сме спремни на тоа поле. Во последно време покај рецептите на Инстаграм, знам да освежам, па да ставам фотографии од нашите секојдневни прошетки со Емма, од нас, од некој мој цртеж, па понекогаш и некој направи сам проект. Често го фотографирам првото утринско кафе па го објавувам со некоја француска песна што во моментот ми е убава за слушање. Сакам луѓето да се чувствуваат пријатно кога ќе го посетат профилот, да ја почувствуваат мојата енергија и перспектива на гледање среќа во малите нешта.
* Имате убави и лесни рецепти. Ваши рецепти или склоп од повеќе списанија и емисии за готвење?
- Секогаш се трудам рецептите да се лесни за подготовка, бидејќи во ова брзо време не секој има можност да помине повеќе од половина ден во кујна. Исто така среќна сум што многу девојки и жени ми пишуваат дека откако го следат профилот добиле желба да готват, или станале подобри домаќинки, ги импресионирале сопрузите, ги надминале свекрвите! ...итн., благодарение на тие убави, лесни и интересни рецепти како што рековте. Оние покомплицираните рецепти секогаш гледам да ги објавам со повеќе фотографии и детали од подготовката, ако тоа ми го дозволува времето, па повторно е олеснуање за секој што сака да го направи истиот. Инаку, во главно рецептите се произлезени од мојата имагинација и чувство за спојување на намирниците. Може да се најдат многу рецепти од нашата домашна архива, а кога се работи за француските специјалитети, секако дека барам инспирација од француските готвачи. Имав можност да добијам и неколку француски книги кои се користат во стручните училишта за пекари и слаткари. Таму има многу што да се научи за техниките на готвење, комбинирање на намирници и секако за тестото! Мене тој дел ми е најинтересен. Со денешната технологија многу е лесно да си најдеш инспирација за рецепт. Мене ми е доволно да видам само фотографија од некое јадење, и веќе да имам идеја во главата како тоа ќе го направам на мој начин. Како што може да се забележи на инстаграм профилот или на мојот блог, секогаш се трудам рецептите да се уникатни, да оставам свој печат на секое подготвено јадење и да бидат за сечиј вкус. Емисиите за готвење никогаш не ми биле омилени за гледање.
* Омилен рецепт?
- Голем гурман тешко е да одговори на вакво прашање. Омилен рецепт нема да можам да издвојам, бидејќи се ми е посебно на свој начин. Можам да кажам дека пити ми се омилени. Без разлика дали се традиционалните македонски пити или зелници, кишови или поновиве варијанти на здрави пити. Од десерти секако француските тартови ми се омилени во која и да било комбинација. По нивниот состав не се премногу слатки, напротив сосема умерени, па можам да кажам дека се баш „По мој вкус“!
Наталија Миланова
(ФОТО: Приватна архива, Елена Андоновска Каракашов)