,

Во Македонија 118 деца чекаат да бидат посвоени: Двојно поголем е бројот на родители кои сакаат да посвојат

Бројот на родители кои сакаат да посвојат е повеќе од двојно поголем од децата кои чекаат да бидат посвоени.

118 дечиња во земјава чекаат да добијат мама и тато, додека во регистарот на можни посвоители се запишани 280 потенцијални посвоители од кои 192 се македонски државјани, а останатите 88 се странски државјани.

Постапката за посвојување деца може да трае од неколку месеци, до неколку години додека да се собере целата потребна документација која треба потенцијалните посвоители да ја достават до Комисијата за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика, а е утврдена согласно Законот за семејство.

Од 2015 година, до прва половина од 2021 година, на кривата на посвоени дечиња не се забележува некој постојан тек, интересот за посвојување се менува од година во година, со што во пандемиската, 2020 година е забележан најмал број на посвоени дечиња - 17, сите посвоени од македонски државјани.

Според психичкото здравје во кое се наоѓаат 118-те дечиња кои се моментално запишани во регистарот како можни посвоеници, 18 се со поволни развојни потенцијали, додека од останатите 100 деца, 38 се со тешка психомоторна попреченост, 38 деца се со средно отстапување во психомоторниот развој и 31 дете со лесно отстапување - ни соопштија од Министерство за труд и социјална политика.

Во најголем број како посвоители се јавуваат македонски државјани, додека нешто поретко, по едно, до две деца годишно се посвојуваат и од странски државјани кои живеат во странство или странци кои живеат во Македонија, а во последните шест години има еден случај кога роднини кои живеат во странство посвоиле дете.

Во последните шест и пол години, вкупно биле посвоени 218 деца, најмногу во 2017 година, вкупно 50 деца, а најмалку во пандемиската, 2020 година, кога биле посвоени само 17 деца. Додека во првата половина од годинава се посвоени 10 деца.


Согласно со Законот за семејството посвоител може да биде лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постаро од 45 години. Посвоителот мора да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот. Меѓутоа, по исклучок како посвоител може да се јави и лице кое е постаро од 45 години, но старосната разлика меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години. Брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница. 

Начинот на избор на посвоителот се прави по електронски пат согласно Правилникот со кои се утврдени критериуми и поени, чиј максимален број може да изнесува 100.

-здравствена состојба-3 поени;
- психосоцијален статус-35 поени;
 -материјални услови-18 поени; 
-станбени услови-18 поени; 
-време на чекање-10 поени;
 -степен на образование-3 поени;
 -брачен статус-13 поени и
- државјанство-по овој критериум не се добиваат поени, туку при изборот на посвоител по електронски пат се дава приоритет на државјаните на Република Македонија. 

Согласно со законските одредби, посвојувањето е тајно, заснованото посвојување не може да се раскине и со него настануваат односи како со раѓање.

Интервју со родители посвоители: 

Ќерката ја посвоивме на 3,5 месеци, синчето на годинка и 4 месеци: Радмила Живановиќ за патот до посвојување исполнет со подеми и падови

Љ.Иванова