Во морето од катастрофи животот се избори за живот: Искрено со Јелена Јованова

Добивај вести на Viber

Од задутре на МРТ1 од 20.15 повторно ќе се дружиме со Јелена од Драчево и со екипата од пансионот „Преспав“. На ликот на харизматичната рецепционерка оригинален печат му даде Јелена Јованова- Периќ. Во „Преспав“, Јелена сонува за добар маж, за светска слава, а сонот на рецепционерката нашата актерка приватно и професионално веќе го живее. Од  филмот „Во земјата на крвта и медот“ на Анџелина Џоли, преку бројните тетарски, ТВ и филмски улоги, до моментот кога завесата ќе се спушти и камерите ќе се изгасат, а Јелена ќе продолжи да ужива во она што за неа е најголемата среќа, да му биде мајка на шестмесечниот Јаков и сопруга на актерот Стјепан Периќ. Разговорот со неа е топол, искрен и интересен. Освен „Преспав“, Јелена за Женски магазин зборува за бременоста која ја помина во време на карантинската пандемија, за стравот од земјотресот во Загреб кој се случи во истиот период, за мајчинството и за поддршката од сопругот.  

*Постоеше ли страв и сомнеж кај тебе пред работата на петтатата сезона на „Преспав“, поради снимањето во вонредните услови кои кризата со коронавирусот ги наметна?

-Стравот во ова лудило кога се повеќе мислам дека ги живееме последните денови на слобода онаква  каква што до сега ја познаваме, си постои легитимно.  Нема човек кој не се плаши. Ако не за себе лично барем за неговите најблиски. Нè проголта и најлошото од нас зашто ми се чини го извадивме кога најмалку требаше.  Но сфативме дека и без уметноста сѐ е глуво и уште повеќе неподносливо. Желбата да внесеме боја и радост во секој дом кој нескромно нè чека како пустина дожд, го сведе стравот на минимум за да го извади максимумот на реализацијата на проектот. Мислам дека имаме одлична петта сезона. Се надевам и оваа година публиката ќе ужива и барем за миг ќе се почувствува сигурно.

*Како течеше целото снимање, и освен тоа што „Преспав 5“ е работена во „новото нормално“, поради кои моменти никогаш нема да го заборавиш?

- "Новото нормално" за продукција Охо е за секоја пофалба! Ретко гледам и слушам за таква максимално организирана заштита со сите потребни мерки за сигурност на своите соработници. Секоја чест и на секој поединец од екипата кој покажа максимална одговорност и солидарност. Нормално дека секој ден си носеше свој прикриен грч во желудник кој е многу разбирлив и за очекување во овие вонредни услови. Но, имавме среќа да работиме на проект кој нè исполнува, а тоа во голема мера ја олеснуваше ситуацијата.

*Синот Јаков сега има шест месеци, како се организираше за снимањата со мало бебе, кој се грижеше за него додека беше на сет?

- Додека снимав за Јаков се грижеше мајка ми и ова снимање ќе го паметам и по времето што ми беше дадено да се дружам со нив. Нешто за мене бесценето!

*Бременоста е еден од најубавите периоди за секоја жена, но за жал, токму кога требаше најмногу да уживаш и да се радуваш, се случи пандемијата со вирусот, па потоа и земјотресот во Загреб. Како се справи со тој период, ти се вртеа ли низ главата лоши мисли дека најстрашното може да ви се случи?

-Во време на корона и земјотрес тешко дека беше нормална и бајковита. Како да беа малку сите "волшепства" што бременоста ги носи па мораше и со ова да се зачини. Но велат Бог ни дава терет онолку колку што може да износиме. Најголем данок зема земјотресот. Во таква ситуација си комлетно немоќен.

Душата во петици, а Јаков стуткан и вознемирен под срце! Сè уште ми одзвонува во уши тоа утро кога над глава ни одлета кровот, кога цел ден се тресев како да сум гола закопана под снег. Кога облечена под маса со сите можни душеци и перници над неа спиев со денови. Додека фасади се одронуваа надвор, додека вирусот си ораше и копаше човек не застана да помогне на човек! Во целото море од катастрофи кога си помислуваш дали може да биде полошо животот се избори за живот. На 300 метри од нас во родилиштето жени се породуваа надвор на паркинг во кола. Цел оддел на неонатологија беше извлечен и спасен. Старо помагаше на младо и се разбира обратно. Слики што тешко ќе се избришат!

Фото: Мартин Трајановски

*Што си помисли кога за првпат го виде Јаков, кои се првите зборови на твојот сопруг Стјепан кога дозна дека ви се роди синот?

- Се породив во краткиот период кога придружбата беше дозволена па имав среќа Стјепан да биде со мене цело време.

Добро си ги имаа поделено улогите па поприлично успешно го водеше породувањето заедно со бабицата. Ми беше неизмерна поддршка и не можам замислам тој момент да не го доживеавме заедно. Во тој момент со измешани среќа и незамислив умор собрав сили да тројцата се гушнеме и да си нарачам песна.  Додека тоневме во прегратка другарството го започнавме со "What a wonderful world" од  Луис Армстронг! Ни тргна со песна!

*Одамна е стереотип дека само мајката се грижи за бебето, како сте поделени со чувањето на синот со Стјепан, како сега ви поминува еден обичен ден со Јаков?

- Стјепан е максимално присутен и посветен родител. Не можам да кажам дека сум ненаспана мајка. Јаков е дете кое јаде предвидливо на секои 3 часа и спие навечер со само едно будење секогаш во исто време. Тоа будење често знае да го превземе и Стјепан, а јас да ја добијам целата ноќ за себе. Тоа многу значи!  Јаков е љубопитно бебе кое супер се развива и реагира на сѐ на што нормално бебиња од шест месеци реагираат. Секој ден е се поинтересен и со поголема можност за интеракција.

* Колку како тазе мајка имаш време за себеси, за одмор, за прошетка, за кафе на мира, за некој женски ритуал?

- Мајчинството е слатка робија! Понекогаш добивам чувство дека животот ми е на трака. Се трудам да го возам овој ролер костер најдобро што знам, да не се заборавам себеси но и бракот. Јаков немаше ни четири месеци кога се вратив на работа. Дури снимав се чувствував комлетна. Во радарот на некои мајки враќањето на работа помина со поддршка, а кај некои на кого мајчинството им е професија (нивна одлука која потполно ја почитувам) помина со обвинувања. Мајка на мајка знае да е тешка што многу ме изненади. Тоа пак ме научи да си верувам и да знам дека секоја мајка го знае најдоброто за своето дете. Времето за себеси често ми го обезбедува и Стјепан кој знае да ме "избрка" во друга соба на спиење и тој да превземе сѐ. Знае да ме натера да излезам соло, да прочитам книга во мир или да се чујам со драги луѓе. За жал кафињата се виртуелни. Битно ми е да се имам себеси зашто инаку секое незадоволство се пресликува и во комуникацијата со детето што никако не чини!

Фото: Дарко Мораитов

* Како живее Загреб во време на најголемиот пик на вирусот, се почитуваат ли мерките за заштита?

- И овде е исто како и секаде! Постојат построги мерки но резултати нема. Тешко е кога не можеш да се видиш со драги луѓе. Страшно е што децата не се плашат веќе од луѓе со маски. Многу работи стануваат нормални што не е нормално и како поминува времето така сè повеќе ми е страв да замислам како и до каде ова ќе тера.

* Каква е Јелена кога не е Јелена од Драчево, кога не е на театарска сцена, на сет, предкамерите? Што е она што јавноста не го знае за тебе, а би сакала да го споделиш?

- Јавноста го знае тоа што го дозволувам да биде споделено од мојот приватен живот. Така и ќе остане.

* Што по „Преспав 5“, која улога или ангажман ти се следни?

- Не знам, а таквиот момент не ме плаши туку напротив ме возбудува и спремна чекам на она што ќе дојде! До тогаш да сум здрава и жива! Сѐ останато на тој начин е извесно.

Милица Џаровска 

Насловна фотографија: Шминка- Зоран Шурбевски, фото- Мартин Трајановски