Во оваа корона-криза поинаку почнавме да гледаме на работите: Интервју со талентираната пејачка Стојне Николова
Фолк пејачката Стојне Николова е млада и
успешна дама, која ја сака и ја негува македонската народна песна. Со музика
започнала да се занимава уште од тинејџерските денови, својата прва авторска
песна ја снимила на 16 години. Таа неодамна направи обработка на народната
песна „Крушево абер пристигна“,за која Стојне вели дека и’ била вистински
предизвик и дека публиката во иднина може да очекува повеќе вакви преработки од
неа и од нејзиниот тим.
За Женски магазин, младата пејачка откри дали е сингл и што да очекуваат нејзините обожаватели од неа следно.
* Од колку години е на сцената Стојне Николова?
- Со музика почнав да се занимавам од мојата 15-годишна возраст, а веќе следната година ја снимив и мојата прва авторска песна.
* Отсекогаш сакаше да пееш фолк или почна со поп музика?
- Растена сум со нашата убава стара традиционална песна и таа ми е во душата, а во школските денови повеќе пеев поп. Кога би требало да изберам кој жанр го преферирам повеќе, навистина не би можела да се одлучам бидејки за мене жанрот не е битен, битно е само да е музика...без неа не можам.
* Пред пандемијата, ја пуштивте во етер преработката на старата македонска песна „Крушево абер пристигна“. Како ја прифати публиката? Да очекуваме ли нови вакви проекти од вас во иднина?
- Јас и мојот тим сме задоволни како ја прифати публиката. За мене беше навистина предизвик најпрвин да преработам песна од доајенот Васка Илиева, а и да се работи на таков голем проект кој го работевме два месеци. Во иднина планирам преработка на уште некоја убава народна песна за која сега сме во потрага.
* На кој проект работи во моментов Стојне?
- Работам на дует. Еден многу интересен проект со поразлична тематика од се‘ она што го имам работено до сега. Песната веќе ја работиме во студио а специјални гости покрај мојот колега Манчи кој е во Австралија, ќе бидат и Џамбо и Агушеви и Мишел Трајковски. Видеото и овој пат ќе го работиме со Даниел Јовевски. Очекувајте многу интересен и убав проект.
* Колку и како ти влијаеше корона-кризата?
- Секако дека влијаеше. Кај некои повеќе а пак кај други помалку. Дефинитивно после оваа криза поинаку почнавме да ги гледаме работите.
* За време на карантинот правевте лајв концерти, како поминаа тие, имаше ли одзив од публиката, кои песни најчесто ги нарачуваа?
- Најпрвин кога започнавме со онлајн дружењата јас и колегата Бобан Мојсовски мислевме да ги расположиме и секако да ги размениме мислите и ние со фановите со еден или два концерти,но одзивот со секое наредно вклучување се зголемуваше и имаше голема побарувачка за почести дружења, па тоа и го направивме. Најчесто нарачувани песни беа Ѓурѓо, Крушево абер пристигна, Око мое, После мене...
* Дали ќе поднесеш барање за платежна картичка од државата којашто ќе се дава на естрадни уметници, со новиот пакет економски мерки?
- Не. Јас сум вработена и имам продукциска куќа која стои позади мене.
* Омилена твоја песна?
- Имам многу, но еве ке ја издвојам Кирјана.
* Сингл ли е Стојне?
- Да.
* Имаш ли добиено награда, каде и која?
- Имам добиено повеќе награди во Македонија, а и во Бугарија. Ќе набројам дел: Награда за најдобар дебитант на Валандово фест 2019, Трета награда на Охрид Фест 2016, Награда за најдобра интерпретација на Пирин фолк 2017, Прва награда од публика на фолк летен хит 2019 и други.
* Што и фали на македонската музичка сцена во моментов, според тебе?
- Најпрвин да се среди ситуацијата со вирусот за да можеме и ние поопуштено и безгрижно да работиме,а потоа и повеќе простор за промоција на ТВ екраните.
* Идни планови?
- Покрај дуетот на кој моментално работам, ќе настапам и на Роса фест 2020.
Фото: Иван Наумов
Н.Миланова