Во таа тешка игра, го извлеков најдебелиот крај, добивајќи разни пораки со ужасен контекст: Интервју со Елена Ристеска
За Елена Ристеска целосно важи онаа народна поговорка: Водата мирува, но не и таа. Среде најголемата пандемија, Елена основа свој козметички бренд кој постепено се шири. Иако не е активна со авторска музика, поп-ѕвездата ќе биде дел од едно ново музичко талент-шоу, каде што победникот како награда ќе добие дует со неа. Кариерата на Елена започна на едно вакво слично шоу на продукцијата „М2“, „Плеј-потрага по ѕвезда“ пред 18 ипол години, и се покажа како успешен проект. Со нејзината победа во 2002 година, ѕвездата беше родена.
Со Елена секогаш има инспирација за муабет на широко, а овој пат открива нешта кои досега никогаш не ги кажала.
*Дел си од новото музичко шоу "Заблескај", каде што победникот ќе сними дует со тебе. Каква ќе биде твојата улога во шоуто?
-Дует со мене е главната награда. Соработката со мене на оној кој ќе победи на аудицијата е мојата улога. Секако дека ќе бидам вклучена во процесот на одбирање на кандидатите и можеби во жирито во финалната вечер, но она на кое се концентрирам во моментов е да изберам убава песна за дуетот. Затоа што дует како концепт е успешен само доколку се базира на добра песна, не е важно дали е склопен помеѓу веќе познати пејачи или со некој апсолутен анонимец.
Фото: Иван Наунов*Ако се вратиме назад во 2002 година, и твојата кариера почна од музичко шоу "М2 потрага по ѕвезда". Со кои амбиции тргна тогаш, и како средношколка, како ги убеди родителите да ти дозволат да се впуштиш во овој предизвик?
-Татко ми не веруваше во ниту една манифестација во државава, шоу бизнисот за него беше впуштање во страшен “бубањ” или нечесна игра, па првиот совет што го добив од него кога се пријавив на аудицијата беше “не се разочарувај доколку не успееш , бидејќи многу нешта се наместени”. Но, јас му кажав дека немам очекувања и дека само сакам да си докажам на себеси дали сум доволно добра за оваа професија. Колку и да беше скептик татко ми за сето тоа, тој беше најгордиот татко на светот и мислам дека од некаде, уште ме гледа, се гордее и ме заштитува.
На аудицијата бев без никакво очекување, а сепак со давање на својот максимум, успеав да победам на шоуто на М2 продукција и секако да си докажам на себе дека само силна молитва, голема желба, напорна работа и посветеност водат до успех. Истото им го препорачувам и на учесниците на аудицијата на новото шоу. А тоа што од оваа перспектива можам да го потврдам е дека М2 беше единствената аудиција чијашто награда беше кариера, а не само награда. И уште поголем успех на една аудиција е доколку победникот продолжи да гради кариера , каков што пример сум јас последниве 18 години. Значи Иво Јанкоски и Дарко Димитров имаа успешна мисија.
*На која детска или тинејџерска белја со радост се сеќаваш?
-Искрено не ме служи премногу меморијата во вакви ситуации кога треба да се сетам на детали од детството. Но, паметам дека палави игри имаше често, да речеме кога ѕвоневме по врати или домофони и бегавме. Потоа вртевме на непознати телефонски броеви и велевме дека сме туристичка агенција дека добиле награда патување во Анталија. И уште многу такви детски палавштини , но не можам да се сетам на најинтересните во моментов. Како и да е, спомените од детството ми будат убаво чувство и радост , бидејќи навистина имавме убаво детство, поубаво од сегашните генерации.
*За кој дел од твојот живот-кариера се каеш, има ли нешто за кое жалиш што се случило?
-Да бидам целосно искрена не жалам за ништо во поглед на професионалниот дел од мојот живот од оние нешта што се случиле, но, жалам за оние кои не се случиле.
Жалам што не правев повеќе големи концерти како тој во Метрополис Арената, бидејќи обожавателите секогаш го бараа тоа од мене, потоа мислам дека иако имам доволно песни и меѓу нив хитови, сепак требаше да направам повеќе албуми и повеќе музика. Додека се фокусирав на небитни нешта и луѓе во приватниот живот, го изгубив времето за да создавам повеќе музика. Ќе се потрудам во иднина да го променам тоа и дека еден ден нема да жалам за ништо.
Фото: Стефан Николовски*Постои ли настан или одлука која ја сметаш за твоја најголема животна грешка?
-Мислам дека нема такво нешто, барем она што зависело од моја одлука и од мене. Бидејќи сум перфекционист и голем анализатор , долго размислувам пред секоја одлука. Но, се случувало тоа некој да одлучи за мене погрешно кога не сум била сама во бизнисот. Како на пример одлука за концерт на голем христијански празник. Или кога пред неколку години бев излажана дека ќе пеам на “Бела ноќ” а всушност беше настан со политички контекст, и на крај се сведе на ситуација “меч со две оштрици”, ниту да се откажам од настанот ниту да се појавам. Сепак се појавив на настанот како голем професионалец поради публиката која ме очекуваше, и секако никогаш никој не дозна дека тоа не беше моја одлука туку тешка игра на поединци. Игра во која најдебелиот крај го извлеков јас , но и мои колеги, добивајќи разни пораки со ужасен контекст, а сепак луѓето не ја знаеја вистината, оваа вистина. За кој настан станува збор тој што треба ќе сфати.
Како и да е, тоа беше туѓа лага , но не моја грешка.
*Во најголемиот ек на пандемија започна со свој бизнис. По парфемите, промовирани се и гелови за туширање од брендот ЕРА. Како ти оди?
-Со оглед на започнување на приказната среде корона, продажбата оди како што треба, интерес има огромен за производите, особено за новите ЕРА гелови за туширање. Она што ме воодушевува и радува секојдневно е дека создадовме лојална клиентела, тоа значи дека ја стекнавме довербата за квалитетот на производите. Не е ни чудо , бидејќи за нас вршат изработка на производите исклучиво познати фабрики со долгогодишно искуство и со сите потребни тестирања и сертификати. Самите состојки и амбалажи се од фабрики од Италија, Франција, Турција.
А, она кое не им е јасно на луѓето е дали овој бизнис е лично мој. Да, ова е бренд кој го создадов сосема сама, со свои финансии, немам партнер или партнери во ЕРА козметика, но и не сум нечие заштитно лице, туку сум заштитно лице на сопствениот бренд.
Се надевам дека подобро ќе биде се’ откако ќе се стабилизира ситуацијата со ковидот и дека со препорака од задоволни клиенти ќе стекнеме уште нови клиенти. Нашиот народ е скептик додека да проба некој производ, малку сме затворени за нови нешта, но, сепак имам чувство дека народот знае дека моето име и лик не би го ставила да стои покрај лоши производи.
Фокусирана сум исклучиво на квалитет како и во музиката , така и во козметиката.
Фото: Дејан Димковски* Токму во ова лошо време, многумина кои се "сингл" се жалат дека е сега најтешко да си најдат партнер, каква е твојата состојба, и воопшто мислење на оваа тема?
-Немам мислење на оваа тема, не би генерализирала, бидејќи тоа што ни е судено ќе си дојде. Секој со својата среќа.
*Што мислиш, дали на мажите им е потешко да им се додворуваат на познати и успешни жени? Како оди тоа во пракса, кој бил најчудниот начин на додворување што ти се случил?
-Единствено на оние мажи кои се нереализирани и неуспешни им е потешко да се додоворуваат на познати и успешни жени. А токму таквите најмалку ги ценат жените. Успешните мажи не сакаат безгласна буква покрај себе, или слика без тон, тие сакаат таа “слика” да има содржина. А таа “содржина” во иднина ќе треба да учествува во донесување на важни семејни одлуки , па дури и во професионалните одлуки . Лош избор на партнер е еднакво на лоша животна инвестиција.
Милица Џаровска
Фото: Дејан Димковски/Стефан Николовски/Иван Наунов
Стајлинг: Даниел Николовски, Арменд Рамадани