Водителката Маја Поцевска доби внука од ќерката Јана: Кога ќе ја видам Мина исчезнуваат сите грижи

Добивај вести на Viber

Маја Поцевска, убавата водителка која сега работи како ПР во Државната лотарија пред неполни два месеци стана баба. Внуката Мина од ќерката Јана и зетот Стефан, сега е целиот нејзин свет.

Маја вели дека е традиција во нејзиното семејство жените млади да стануваат мајки.

„Мојата мајка мене ме родила на 18 години, јас ја родив Јана на 22, а Јана ја роди Мина исто така на 22. Имавме неодамна генерациска средба со пријателите од средно. Повеќето мои другарки имаат мали деца, но јас ете бев паметна и подранив. Тоа дека имам внука, беше топ тема на оваа средба“, ни рече Маја. Таа со посебна топлина во гласот зборува за малата Мина која неодамна наполни 40 дена.  

„Кога ќе ја видам Мина, ми ги полни батериите. Ми дава посебна енергија, сега знам зошто велат дека љубовта кон внуците е толку голема. Додека го раснеш своето дете, има и грижи, и стресови, во овој случај е поинаку, кога ќе ја видам внуката, сите проблеми исчезнуваат“, ни раскажа Маја.

Таа додава дека нејзината ќерка која дипломираше на Факултетот за туризам е многу грижлива мајка, и сака главно самата да се грижи за бебето, но Маја е тука да ѝ помогне во секој момент.

Поцевска е среќна што има пријателски однос со својот зет, Стефан, кој има свој приватен бизнис. Ангажманот во медиумите вели, не ѝ недостасува многу во овој период, и би се вратила пред камерите ако се пронајде во соодветен ТВ формат.

„Работев како водителка 17 години. Почнав во МТВ, потоа на „Сител“, „Канал 5“, и последниот мој проект на „Алфа“ кој ми беше интересен предизвик.  Емисијата која ја водев беше теренска, одев на многу настани низ поранешна Југославија и ги интервјуирав балканските ѕвезди. Бев македонски претставник на фестивалот „Сунчане скале“ неколку години. Во еден период, имав понуда да раборам во Белград, но решивме со Јана да останеме тука. Во тоа време, таа беше во најчувствителните тинејџерски години, и сметам дека донесовме правилна одлука“, ни раскажа Поцевска.

Во моментов, Маја вели дека е среќна и не ѝ недоставува ништо. На прашањето, дали е во врска, таа вели: „Фокусирана сум на семејството, на внуката, на работата“.

Што се однесува до нејзиниот изглед и добрата форма, смета дека континуираната нега изминативе 20 години дава добри резултати.

„ Со години практикувам козметичар еднаш во месецот, и секако, секојдневната нега на кожата. Се движам доста, но вежбам кампањаски. А, што се однесува до изгледот, мислам дека е пресуден духот. Имам ведар дух и многу сум темпераментна, и тоа влијае и на надворешниот изглед“, ни раскажа Маја низ насмевка.  

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива