ВОЗБУДЛИВА ПРИКАЗНА НА АКТЕРКАТА ЈАСМИНА ПОПОВСКА: Најслатко ми е кафето каде што се снимаат холивудските филмови
Уживам да одам на места каде што се снимани големите холивудски филмови. Ми беше посебно задоволство да го испијам своето кафе на Родео Драјв, во истиот хотел каде што Џулија Робертс беше сместена со Ричард Гир во филмот „Убава жена“. Со секоја голтка испиено кафе, пред мене беше по еден кадар од филмот, особено оној момент кога таа се појавува во својот убав црвен фустан, а Ричард Гир и го подарува дијамантскиот ѓердан за да одат на опера
Од самиот почеток на нејзиниот студентски живот, актерката Јасмина Поповска работела на големата сцена. Денес е актерка во Македонскиот народен театар, хуманитерец, активист и вљубеник во патувањата. Првата поголема улога ја добила уште во првата година на студии на ФДУ, и покрај строгите правила на Факултетот толку млад студент да заигра на големата сцена. Јасмина тогаш била Соња во „Балкански шпион“, играјќи за Битолскиот народен театар. Во четврта година на факултет добила уште една насловна улога, а денес може да се пофали со повеќе од четириесет. Голема страст на Јасмина се патувањата, и најмногу ужива да се напие кафе токму на местата каде што се снимани сцените на познатите холивудски филови. Дел од нејзината биографија е функцијата, директор на МКЦ во деведесетите, и основањето на киното „Фросина“, како и промоцијата на мегалитска опсерваторија Кокино пред светските медиуми, работа на која е особено горда. За Женски магазин, познатата актерка ја раскажа својата приказна.
Во моментов работам со домот за деца без родителите 11 Октомври. Директорката ширум ни ги отвори вратите, и работиме со донација на литература и организација на културно-едукативни настани.
„Ја имав таа среќа да учам од најдобрите. Актерот Драги Костовски кој за жал веќе не е меѓу нас, режисерот Коле Ангеловски и многу други. Тие од старт ме прифатија како нивна колешка, иако сè уште бев студент, и тоа за мене беше една голема школа. Веднаш по завршувањето на ФДУ добив понуда да работам во Македонскиот народен театар каде што сум и сега“, ни раскажа на кафе муабет Јасмина. Искуството што го добила од домашните колега, го пренела вели и на тогаш југословенско ниво. Најубавите спомени ги има од соработката со Ненад Стојановски, кој и бил драг колега, но пред сè, пријател. „Тој е сè уште репер за младите колеги, и добро избран модел на кој се огледаат тие“, раскажа Поповска за легендарниот актер.
„Почетокот на мојата актерска кариера по студирањето е врзан за насловната улога во „Мирандолина“ потоа „Бал“, во режија на Владимир Милчин за која добив награда на фестивалот „Војдан Чернодрински“ и секако „Буре барут“, која беше една култна претстава. Со „Буре барут“ пораснаа генерации и заедно со нас ги учеа репликите. Имаше луѓе кои доаѓаа да ја гледаат и по 3-4 пати и напамет ги знаеа сите реплики. За таа претставата се чекаа редови за билети“, со насмевка се сеќава Јасмина на убавите театарски времиња. „Во Белград, дојдоа да ја гледаат тамошни актери, и тие ни аплаудираа нам од публиката, затоа што ние, Македонците сме актери со голем сензибилитет“, додава таа.
И „Кројач за дами“ која ја режирал Димитар Османли, за Јасмина е една од претставите што се врежани во меморијата на публиката, и чии реченици и денес се повторуваат.
Она со што актерката особено се гордее е нејзиниот авторски проект против семејно насилство, чиј продуцент била таа. Во проектот учествуваше и актерката Катерина Коцевска. Од нејзината работа на телевизија, Јасмина го издвојува играниот Тв филм „Марика лета со авион“ од 1987 година, каде што ја играше улогата на Лела, заедно со Петар Георгиевски -Камиказа, Кирил Поп-Христов- Кили, Тања Кочовска.
„Марика лета со авион“ влезе во антологијата на македонската Тв продукција, а потоа следеше „Северна грешка“, првиот крими филм кој е направен кај нас. Има и учество во еден интернационален филм со Мони Дамевски. Ја имав таа привилегија секогаш да можам да ги изберам убавите улоги“, вели Јасмина.
Нашата приказна продолжи со нејзините моментални ангажмани, кои се врзани за хуманитарна работа, како претседател на „Лајонс клуб- Хипократ“.
„Нешто што многу ме исполнува како жена, како личност е учеството во работата на „Лајонс клубот“ во Македонија, чија главна канцеларија е во Чикаго. Мило ми е што сум дел од тимот на светски познати луѓе, активисти на „Лајонс клубот“, како Реган и Обама на пример. Во моментов работам со домот за деца без родителите 11 Октомври. Директорката ширум ни ги отвори вратите, и работиме со донација на литература и организација на културно-едукативни настани. Поканувам влијателни доктори од болницата „Систина“ кои одржуваат корисни предавања за оваа ранлива категорија на деца, особено оние во раниот тинејџерски период. Разговорите се интерактивни и пријатно сум изненадена од љубопитноста и соработката на тие деца.“, раскажа актерката и додаде дека дел од овие активности се и театарски претстави за децата во Домот. Во претставата, самите деца штитеници биле актери, со костуми кои ги обезбедил МНТ. „Тоа беа многу убави и емотивни моменти. Тие деца со учеството во оваа претстава чије сценарио го изработивме мојата колешка Даница и јас, го добија и својот прв хонорар“, вели Јасмина и додава дека веќе подготвува нов проект, претстава во која ќе играат децата од Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид, „Димитар Влахов“.
„Во тој процес на работа, сите стануваме како едно семејство. На тие деца, иако не гледаат, појасни ќе им станат боите на животот“, вели актерката.
Уште една активност со која е ангажирана Јасмина е раното откривање на дијабет. Овој проект кој го работи Европскиот форум, а е во состав на „Лајонс клубот“, им обезбедува лекарски прегледи на децата од ранливите категории. „Офтамолози од „Систина“ се секогаш тука да обезбедат ран скрининг на деца од најмала возраст до тинејџерски години“, вели Јасмина и додава дека ако не била актерка ќе се занимавала со медицина која многу ја влече. „Иако ги освоив сите државни награди по биологија и бев на крстопат што да правам, се одлучив за актерство, затоа што тоа ни е во семејството. Мојата вујна ја изговори првата реплика во првата претстава која е одиграна на македонски јазик во 1945 година“.
Јасмина денес вели дека не згрешила затоа што целиот свој живот, освен на синот, го посветила на сцената. Во моментов подготвува приватен театарски проект кој ќе биде комедија, со учество на неколку нејзини колеги.
Бев на крстопат, дали да изберам медицина или актерство.- Јасмина
Она што најмногу ја одмара и во што ужива, за актерката се патувањата. „Уживам да одам на места каде што се снимани големите холивудски филмови. Да пијам кафе токму каде што сум гледала сцена од некој познат филм и да се соживеам со неа. На пример, уживам на престижната улица „Булеварот на самракот“ во Лос Анџелес, кој е крстен по истоимениот филм со Глориа Свансон. Ми беше посебно задоволство да го испијам своето кафе на Родео Драјв, во истиот хотел каде што Џулија Робертс беше сместена со Ричард Гир во филмот „Убава жена“. Со секоја голтка испиено кафе, пред мене беше по еден кадар од филмот, особено оној момент кога таа се појавува во својот убав црвен фустан, а Ричард Гир и го подарува дијамантскиот ѓердан за да одат на опера. Во таков еден кварт имав можност да ја видам Парис Хилтон како оди на шопинг, а телохранителите и ги носат кесите пред неа. Во Њујорк, во хотелот „Плаза“ на Петта Авенија, се напив кафе каде што се снимаше филмот „Сам дома“. Каде и да патувам и низ Европа, секогаш одам на претстава во познатите театри“, се сеќава актерката и вели дека фасцинантно за неа што било во пустината Сахара, го посетила филмскиот град каде што е сниман „Војна на ѕвездите“. Јасмина го посетила и местото каде што се снимал филмот „Англискиот пациент“. За крај на овој интересен кафе муабет, актерката ни откри што ја прави најсреќна.
„Целиот мој живот, и го посветив на сцената. Покрај мојата работа, најсреќна ме прави синот кој има 27 години, и не се занимава со актерство. Тој заврши менаџмент и меѓународен маркетинг. Среќна ме прават и разговорите со моите другарки, и понекогаш звучиме како главните ликови од серијата „Сексот и градот“.
За Женски магазин, Милица Џаровска