ВОЗНЕМИРУВАЊЕ И ПРИЈАВА ВО МВР: Шокантно признание од Елена Ристеска

Добивај вести на Viber

Во екот на кампањата #СегаКажувам (#TaniTregoj) во јануари годинава иницирана од неколку независни активистки кои гласно говореа за сексуалното вознемирување, поп-ѕвездата Елена Ристеска ги сподели своите искуства за „Женски Магазин“.

Популарната пејачка и авторка пред неколку години била принудена да побара и заштита од полицијата. 

- Повозрасен човек ми пишуваше дека вселената нè предодредила да бидеме заедно и дека сум го разбудила од кома, па почна да ми доаѓа на врата. Тој случај заврши со пријава во МВР. Многу често фановите ги губат сетилата и почнуваат да прават нешта кои нè вознемируваат. Нè следат на улица, а тоа може да прерасне во опсесија и веќе не е поврзано со обожување, туку со пострашна форма на однесување - ни призна Ристеска. 

Низ годините ѝ се случиле многу невообичаени ситуации. Повеќето биле симпатични гестови, но признава дека на своја адреса добивала и навредливи пораки. На автомобилот често наидувала на пораки на кои пишува: „Елена те сакам!“ или „Елена, омажи се за мене“. 

- Има и луѓе со фантазијата без граници, па си замислуваат дека сме заедно и ми стигнуваат пораки од типот: „Оваа е нашата песна“ или „Те сакам, а ти не ми возвраќаш на љубовта“. Кога ќе се налутат ми пишуваат навредливи коментари. Има личности кои ми пишуваат преку триесет пораки дневно - ни раскажа пејачката. 

Без разлика на овие изолирани настани, Елена ни нагласи дека постои за фановите и токму поради нив има континуитет на домашната поп-сцена повеќе од петнаесет години. Сепак, овие искуства ја научиле да биде претпазлива бидејќи, како што вели, свесна е дека најчесто е тенка линијата меѓу искрени обожаватели и личности опседнати со ѕвездата.