Ана Бунтеска: Тој и таа, к’о лажиче шеќер во вода измешано

Добивај вести на Viber

Велат оти луѓето к’о различни се

Повеќе знаат да се засакаат

Тој и таа

К’о ден и ноќ

К’о сонце и месечина

К’о лето и зима

Ама ете

Им се погодило пилињата да им пеат

Еден за друг да си црцорат

И заедно во хор без да се надвикуваат

Та можеш милина да ги гледаш

За рака фатени к’о ветар да ќе ги одвее

Стиснати силно еден во друг

Дури и сенката к’о едно им личи

Тој и таа

Тој зборлест до немајкаде

Таа молчалива била

Ама ете

Во тишината таа ќе каже сѐ на душата што ѝ лежи

А тој со зборо’и ѕвездите од небото ќе ги симнува

Оти ниту таа од него ќе бара нем да биде

Ниту пак тој од неа муабети ќе влече

Ама заедно ко’ се к’о оној дел од денот

Кога и сонцето и месечината се гледаат

Ко’ денот и ноќта иста боја имаат

Та не знаеш дали се стемнува или се разденува

Тој и таа

Ко лажиче шеќер во вода измешано

Та блажина дава а сепак жед гаси

И не е к’о во водата масло ко’ ќе туриш

Та мешај до немајкаде

Маслото секогаш на површината ќе исплива

Тој и таа

Секој свој свет сам за себе

К’о две различни планети

А заедно еден универзум прават

Така велат

Велат оти дали си ист со некој или не

Не менува ништо ако љубов има

Ако срцето ти го бара оној другиот

Оти срцето повеќе од умот знае

И си влече онаму кај што убаво му е

Без да ти ја праша гла’та што мисли

Тој и таа

Најдени на полпат од животот

Зад нив минато кое тежи

А напред пат кој за одење ич лесен не е

А тие боси

И двајцата угол голи и боси

Ама одат

Одат дур’ стапалата не им прокрвават

Дур’ прашината по која газат

Црвена не ја обојат

Оти знаат

И тој знае

И таа е со истата мисла во гла’та

Оти пилињата не прашуваат дали е лесно или не

Или пеат или молчат

И дур’ пеат напред одат

Со испреплетени прсти

И секој стисок на срцето го носат

К’о да им се градите тетовирани со името

на оној другиот

Тој и таа

Тој чекори и зборува

Таа молчи и чекори

Крвави во нозете и среќни

Во нејзината тишина која со зборовите негови е обоена

И во неговиот џагор во кој таа мир му дава

Тој и таа


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Александар Колев