Време е луѓево да почнат да живеат и уживаат во секој момент што ни е пружен: Бомбакис за Женски магазин
„Не е сѐ така розево на Инстаграм“, „Жена се сака секој ден“, „Довербата е луксуз во денешно време“ ... се само дел од паролите или пораките како сакате, кои Кристијан Станковски - Бомбакис ги сподели со следбениците на социјалните мрежи.
Во Скопје, но и ширум државата е познат како „Момчето со картоните“ , Бомбакис е инспирација за многумина со чии пораки често ни почнува денот.
Во денешното интервју зборуваме токму со него. Ни откри дека на 30ти месецов ќе прави свадба, ни раскажа детали од неговото детство но и што му фали на Скопје како метропола според него.
*Кристијан, сите
те познаваат како Бомбакис-дечкото со пораки на картони, кажи ни како почнува твојот ден. Со кој обично го
пиеш првото утринско кафе?
-Обично денот ми почнува со прошетка на моите две кучиња Алба и
Дого, им давам да јадат и после седнувам на тераса снимам стори за Инстаграм да
им посакам добро утро на сите кои ме следат, си пијам едно кафе на раат и денот
може да почне.
*Се подготвуваш за свадба. Раскажи ни ги деталите.
Сега знам колку само организација има околу
свадба и дека не е баш така наивно како што мислев. Инаку Веселбата ќе биде во
ресторан Парк, ќе има околу 250 гости, група Мерак и бендот 2be ќе бидат
задолжени за музиката, а друго ќе оставам да биде изненадување.
*Која е твојата
избраничка. Како те освои?
-Најубавата и најдобрата девојка на светов нормално за мене. Ме освои со карактерот, добрината што ја поседува, што ретко се наоѓа денес.
*Водиш свој поткаст . Како дојде до оваа идеја? Кој ти помага околу гостите, или сѐ правиш сам?
-Идејата стои одамна во мојата глава, бидејќи долго време следам поткасти. Почнав само со желба и сѐ сам, без ничија помош. Од август почнуваме на повисоко ниво со подобра опрема, послатки се плодовите кога нешто правиш сам.
*За многумина си инспирација со пораките кои ги пласираш на социјалните мрежи на картон. Колку те препознаваат на улица, како се чувствуваш кога некој ненадејно ќе те поздрави, или ќе ти каже нешто околу тоа? Колку позитивно реагираат на тебе, а колку знаат и да те искритикуваат, ако имало воопшто такви?
-Во Скопје мислам дека ретко се случува тоа бидејќи ме гледаат почесто, но во другите градови се случува честопати да ме застанат да се сликаат и да си помуабетиме нормално позитивно. Има и од тие другите ама немам време за негативни ликови во животот, единствено ако не е конструктивна критика од која можам да се поправам и прифаќам.
*Што му фали на Скопје како метропола според тебе?
- Душа, љубов, мир.
*Секој негде брза, како да се нема време за ништо. Како да се случува едно сивило, како се едно исто, ништо различно. Што да се смени во тој поглед?
-Јас навистина не знам за кај се брзаат луѓево, зашто толку нервоза, стрес…Треба една рачна малку да земат воздух да дишат длабоко да си стават прст на чело, да почнат да живеат и уживаат во секој момент што ни е пружен за времето кое сме тука!
*Какво детство
имаше Бомбакис, како ти поминуваа деновите, што ти фали од тој период?
-Тууу не да ми фали…Премногу!!! Секој ден надвор со другарите,
фудбал, граница, жмурка и уште многу други игри. Искреноста ми фали, почитта,
разбирањето, љубовта што сме ја имале како другари, поддршката, едноставно цело
детство што денес го нема како што гледам…
*Каде наоѓаш мотивација во деновите на пад?
- Па имам три места за тоа. Едното е горе на Водно на видиковецот и железната платформа, ќе се качам најгоре и си правам муабет со Скопје. Другото е покрај Вардар на кејот во Аеродром, ќе си седнам на скалите до реката и си правам муабет со неа, и третото место за ептен тешки денови ми е во црква.
*Кое е твоето
животно мото?
- Животот е борба, колку е потешка борбата, толку се послатки
плодовите. Ирена Ставрова