Времетраење на љубовта

Добивај вести на Viber

Се’ си има рок на траење. Уште од мала татко ми ме учеше дека кога пазарам од маркет, прво што треба да гледам е рок на траење на производот кој го купувам. Па низ животот тоа ми стана навика која не ја приметувам како свесен чин, туку како кога возите автомобил па она прва-втора, стисни ваму, стисни онаму и сето тоа во неколку секунди без многу мислење. Понатаму, облеката...ја носите долго време (барем јас додека не испарталавам нешто, не го фрлам), па се поткинало, изресило, обледело и време е да го замените со ново парче. Евентуално, да си го чувате за по дома да ви биде комотно. Обувки. Не е да се фалам, ама обувките ми се чичка нови, дури и кога се купени 10 години наназад. Особено оние поженствени сандали или чевли со високи потпетици (а нови се оти не се носени), додека патики и балетанки правам партал. И да се разбереме, старките се исклучок, оти тие колку се попарталави, толку се поубави. Дур ја пишувам колумната седната покрај вода во Охрид, си ги гледам сребрените старки за кои мајка ми секој пат кога ме гледа со нив, ми праќа значаен поглед кој недвосмислено вели “срамота е Ано”.

И да скратам за да се вратам на почетната реченица...се’ си има рок на траење. Покуќнина, лекови, храна, облека, обувки, автомобили, маските кои ги носиме периодов и кои ни стануваат дел од секојдневието. Или, скоро се’. Единствено нешто кое за мене нема рок на траење, тоа се луѓето и односите со нив. Можеби се менува интензитетот на дружбата или зачестеноста на средбите, но во основа, оние кои ми се важни во животот, важни ми се за цел живот. Имав среќа што покрај мене секогаш имав и имам луѓе кои ме разбираат оти мојата потреба од самоволна изолација и осама не е дека не ги сакам или дека не ми требаат, туку дека е начин како да допрам до себе, начин на кој функционирам. Кога бев помлада многу патев што важев за чудак кој сака да е сам, ама сега сите коцки се дојдени на место. Не е само до тоа дека мене веќе не ми е гајле како ме доживуваат другите (што е вистина), туку и дека со созревањето учиме да се прифаќаме едни со други онакви какви што сме. Така, моите другарки кои сакаат друштво или гужви, прават отстапки кога се гледаме и обично е тоа на помирни места на кои можеме да направиме муабет. Односот со нив бил секогаш јасен...тука сум ако ти требам, знам дека си тука ако ми требаш, те љубам и знам дека ме љубиш. На овие години, не ми треба по 100 пати на ден да се чујам со Биба, Цеце, Дори, Ралев, Даре, Кика, за да си потврдам дека тие луѓе се алтан луѓе кои ги имам.

Но, што е со оние со кои имаме љубовна врска? Дали луѓето кои ни биле љубовници или партнери имаат свој рок на траење? Дали уствари љубовта има рок на траење и/или да модифицирам...колкаво е времетраењето на љубовта?

Редоследот е следен. Двајца се запознаваат, им оди муабетот, желбата да се комуницира расте, средбите се се’ почести, хемија трешти на сите страни, тахикардии и сите пропратни елементи на вљубување (кои мене ми се чисто мачење и да можам, ќе ги скокнам...ама пусто не оди така). И вљубеноста дека е ќора сведочи она дека сите мани на партнерот не ги забележуваме, се’ е идеално, цветаат рози на секој чекор и тоа тера така додека не дојдеме на еден нов левел...ЉУБОВ.

Левелот љубов е позрела состојба, во која двајцата кои се во врска си ги знаат маните и доблестите и кои свесно одлучуваат да останат заедно, со проценка дека ќе ги надминат сите кризи кои ќе идат, имајќи ги предвид табиетите и навиките. Некои успеваат, некои не. Некои се истрајни и ги пребродуваат кризите имајќи ја во умот повисоката цел и визијата за заеднички живот и заедништво. Некои едноставно заради Х причини не сакаат или не можат да се прилагодат на некои работи, па прекинуваат и продолжуваат сами. Е сега, тука веднаш се зборува за тоа дека љубовта умрела. Прашањето ми е, ако било навистина љубов дали умира? Зарем може да умре љубовта? Може да се трансформира, ама дали може да умре?

Трансформацијата на љубовта е нормална појава. Не, не се сложувам дека маж и жена кои се во долга врска или брак треба да ја трансформираат љубовта во онаа која е меѓу пријатели (иако и пријателството е значајно во односот маж-жена). Сепак, љубовен однос секогаш треба да е едно ниво над пријателство. Тука е оној момент на анималност и однос женка-мажјак, секс, заведување, страст. Не е до годините минати заедно, туку е до спремноста да се освојува, заведува, истражува, да се задржи ниво на индивидуалност за да се има момент на повторно откривање на партнерот. Однос меѓу сопружници кој е еднаков на однос брат-сестра, ми е во најмала рака чуден. Не сакам бре да имам во партнерот брат или најдобар пријател кој ќе ме гледа како одам по 2 во тоалет со отворена врата. Сакам доза на мистика која нема да доведе до презаситеност.

И еден ден, луѓето одбираат да се разделат. Се љубат, ама не онака како што им е потребно за да останат заедно. Се љубат како луѓе, како души кои се нашле во еден момент и се споиле, па во спојувањето минале преубави моменти заедно, можеби имале и деца, но ете, некој важен дел во сета таа идила им недостасува. Фер, нели? Зошто би се лажеле, изневерувале, вплеткувале и заплеткувале кога има опција да остане љубовта која ја имале еден кон друг, со сета почит кон годините минати заедно. Е, тие луѓе и кога ќе се разделат, уште се љубат. Нивната љубов нема рок и времетраење, оти останала нечепната. Само биле искрени еден кон друг дека она што го сакале во одреден период од животот, повеќе не го сакаат.

Горчината, бесот, умирањето и убивањето на љубовта ја има само онаму каде што односот бил само на ниво мажјак-женка и не мрднал ни чекор погоре. Онаму каде што мажјакот или женката продолжува со анималната потрага по друг мажјак или женка, никогаш не ни имало љубов. И дали впрочем одговорот на прашањето кое е наслов на мојата колумна е дека љубовта има рок само тогаш кога не е љубов? Дали е тоа онаа илузија која ја имаме од осаменост, умор, страв да сме сами, што ќе речат комшиите оти немаме маж, деца итн. Дали целата мудрост околу љубовта е сведена на тоа дека стравот и предрасудите ја кастрираат уште пред и да започне, па логично е дека за смрт на љубов се говори кога само сме мислеле дека ја имаме. Многу работи не знам во животот, ама за една сум сигурна. Вистинската љубов никогаш не умира, дури и тогаш кога ги носиме најтешките одлуки за да заминеме. Вистинската љубов не е условена со “додека смртта не не’ раздели”. Таа е во секој од нас и цути само тогаш кога човек е спремен да го жртвува своето его за неа. Се’ друго е фарса и самозалажување. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Да ми траеш

Да ти траам

Дури и тогаш

Кога еден од нас нема да е тука

И тогаш кога еден од нас

Друг пат ќе фати

Да си траеме како огниште

Пред кое коски ќе топлиме

Како пристаниште

Во кое брод ќе одмори

Како омилената играчка

Без која на дете

Никако сон не му иди

Да си траеме

Како утеха во мирис

Од кошула твоја

Која после тебе

На голо ја облекувам

Како парфем кој го ловиш

Насреде муабет со неважни луѓе

А кој се скрил во ивицата

На твојата тридневна брада

Да ти траам

Како куќа која дом ќе ти биде

Да ми траеш

Како белег од раѓање кој

Под левава града ќе го носам

Да си траеме ко стогодишно дрво

Ко темел на нашето гнездо

Ко завет дека и заедно да не сме

Љубовта никојпат нема да замини

Ко спомен на стар чоек

Од кој окото му се насолзува

Ко трепет на млада невеста

Кога погледот на оној што го љуби

На себе ќе го сети

Да ти траам

Дури и тогаш кога земјата

Секое сеќавање за мене ќе го покрие

И да ми траеш

Дур умов ме крепи

И очиве ми светат

Оти љубовта ако љубов е

Не минува

И не бледее

Дури и тогаш кога меѓу нас

Седум мориња и седум планини има

И тогаш кога меѓу моето утро и твојата ноќ

Универзуми приказни плетат

Ете така да ти траам

И така да ми траеш

Без време да има

И без бреме во времето кое не постои

Без збор

Без дума лоша

Без горчина во мислите и устите

Да си траеме

Да истраеме