„За мене театарот е слобода и вистина. И само таков, слободен и вистински го признавам“ : Одблиску со актерката Викторија Степановска

Добивај вести на Viber

„Во театарот, добриот процес е мојата најголема радост. Чувството дека сум научила или постигнала нешто ново, сум се победила себеси во било која смисла, сум копнала малку подлабоко, сум се искачила барем едно скалило погоре, па макар и никој друг да не го забележи тој мој напредок. Но, кога ова ќе биде препознаено од публиката, од критиката, или од жири комисијата на некој фестивал, и кога трудот и посветеноста ќе бидат наградени, чувството е незаменливо.„-вака актерката Викторија Степановска го опиша чувството за нашите читатели после добивањето на наградата за најдобра женска улога на ИФАД Стоби, Велес 2021г. и тоа за улогата на Хороводецот, во претставата ,,Бакхи – Краток преглед на распадот'' на Народен Театар Битола.

Совршена способност на трансформација на сцена, ликови толку различни едни од други, жанрови во кои успешно плива повеќе години токму на сцената на Битолскиот народен театар, ја ставаат Степановска на позицијата успешно да го продолжи она што нејзините претходници го започнале на една сцена надалеку позната, на институција со театарска традиција од каде произлегле и произлегуваат едни од најдобрите актери на македонската театарска сцена, Битолскиот театар.

„Викторија Степановска Јанкуловска презентира лик кој ја предводи, насочува и обединува колективната актерска игра во претставата„-вака стручното жири го оцени ликот кој на сцена го пренесе Викторија, а на која маестралната игра и ја донесе и наградата.За режисерот на претставата таа му беше прв сојузник во борба, а од друга страна ова за неа е едно од најголемите признанија кои ги добила во професијата.

,History of Motherfuckers", ,,И коњите ги убиваат, зар не? '' , ,,Август во округот Осејџ'', ,,Аждер'', ,,Но(е)ва Македонија'', ,,Јулие Цезар Res publica или Cosa Nostra'', ,,Крвави свадби'', ,,Сон на летната ноќ'', ,,Дон Жуан''и многу други, се само дел од претставите во кои Степановска била дел.

Оваа награда на ИФАД.Стоби не е единствената во листата на награди кои доаѓаат како еден вид заокружување после успешен театарски проект на Степановска .


Потврдата дека она што го работи е добро, дека се движи по правиот пат, е од огромно значење за неа. „А фактот што таа потврда доаѓа од врвни професионалци, ми дава дополнителен мотив и обврска да работам уште повредно и попосветено.„-вели Викторија.

Тука ги вбројуваме наградите:Награда за најдобар млад актер на МТФ. Војдан Чернодриски Прилеп 2007г. за улогата на Тања во претставата ,,Четвртата сестра'' на Театар Прилеп, Награда за најдобра епизодна улога на МТФ. Војдан Чернодриски Прилеп 2008г. за улогата на Кети во претставата ,,Далај Мама'' на Народен Театар Битола, Награда за најдобар млад актер на фестивалот Глумбал во Ниш, Србија 2011г. за улогата на Офелија во претставата ,,Хамлет'' на Драмски Театар Скопје, во 2010 година е номинирана за Актер на годината од весникот Дневник, за улогата на  Антица, во истоимената претстава.


Но, театарското искуство не е единственото поле, каде Викторија го гради и развива својот талент, филмските проекти и тоа како заслужуваат внимание:,,Бал-Кан-Кан'', во режија на Дарко Митревски , ,Стапица'', во режија на Фросина Наумовска, ,Врати'', на Микеле Де Анџелис (Италија), ,, Трошки'', на Кевин Бувуае (Франција), а во 2011г. – беше избрана да биде дел од ,,Сараево Талент Кампус'', во склоп на Сараевскиот филмски фестивал, како единствен претставник од Р. Македонија.

*Што за Вас значи наградата од ИФАД Стоби? Какво е чувството?

В.С.- Во театарот, добриот процес е мојата најголема радост. Чувството дека сум научила или постигнала нешто ново, сум се победила себеси во било која смисла, сум копнала малку подлабоко, сум се искачила барем едно скалило погоре, па макар и никој друг да не го забележитој мој напредок.

Но, кога ова ќе биде препознаено од публиката, од критиката (која, за жал, кај нас одамна скоро и да не постои), или од жири комисијата на некој фестивал, и кога трудот и посветеноста ќе бидат наградени, чувството е незаменливо. Потврдата дека она што го работам е добро, дека се движам по правиот пат, е од огромно значење за мене. А фактот што таа потврдадоаѓа од врвни професионалци, ми дава дополнителен мотив и обврска да работам уште повредно и попосветено.


*Каква беше соработката со режисерот Торбица, кој за тебе кажуваше дека си му "прв сојузник во борба"?

В.С.- Работата на Игор ја следев долго пред да дојде во Битола, и искрено му се восхитував. Многу сакав да работам со тој млад човек со неверојатен талент, старечка мудрост и огромна посветеност и љубов кон театарот. Да се гледа од блиску со каква леснотија доаѓа до генијални решенија, како ги обликува сцените, колку вешто ги чита луѓето, и секого го поставува на правото место во претставата, а и надвор од неа, за мене беше доживување. Начинот на кој Игор размислуваше, сите агли од кои ги гледаше нештата, мислата која несомнено му беше далеку напред, беа школа за сите нас, кои ја имавме среќата и честа да му бидеме соборци на сцената. Процесот на создавање на ,,Бакхи", беше вистинска школа за театар. Тоа што во мене препозна верен сојузник, е едно од најголемите признанија кои сум ги добила во професијата.


*Жири комисијата на овој фестивал при доделувањето на наградите истакна: Викторија Степановска Јанкуловска презентира лик кој ја предводи, насочува и обединува колективната актерска игра во претставата. Каков беше од твоја страна предизвикот кон градењето на овој лик?

В.С.-  Со режисерот лесно се разбиравме. Често, дури и без зборови. Додека работевме, се чувствував своја на своето. Имав одврзани раце и зелено светло да истражувам и предлагам, и имав среќа најголем дел од тие предлози да бидат прифатени. Токму таа доверба на која наидов, стопроцентно ја зголеми одговорноста со која секојдневно ѝ пристапував на улогата.

Бескрајно сум благодарна што ми ја додели задачата да предводам, насочувам и обединувам, и бескрајно среќна што жири комисијата на Стоби го препозна и награди нашиот заеднички труд, и, на некој начин, ми потврди дека сум ја оправдала довербата која ми ја дадеИгор.

*Покрај оваа награда твојата матична куќа, Битолскиот театар, се заќити со уште две, но, и уште една доста значајна за вашето семејство, наградата за животно дело доделена на твојот татко. Што оваа награда значи и какво беше чувството кога ги објавија одлуките?

В.С.-  Мојот татко го посвети својот живот на театарот, сосема сам трасирајќи си го патот, и што е најважно, и исклучително ретко, за сето тоа време остана човек. Одлуката дека токму тој е добитник на наградата за животно дело ,,Петре Прличко" беше објавена во ноември минатата година, но, поради пандемијата доделувањето се оддолжи, и се случи на фестивалот Стоби. Неизмерно ми е драго што ја имав честа, и јас да бидам наградена во истата вечер, заедно со татко ми.


*Кој е најдобриот совет од твојот татко, реномиран актер на Битолскиот театар? Совет кој те турка напред кон театарските подвизи?

В.С.- Јас и татко ми имаме стотици теми за разговор, а театарот е само една од нив. Неретко имаме спротивставени мислења, и, најчесто, двајцата слепо држиме до својата страна (ха ха ха). Затоа што сме многу слични!

Посветеноста, потребата секогаш да си го кажам мислењето без разлика колку непријатности ќе ми донесе, одбивањето слепо да следам незаслужени авторитети... сето ова сум го наследила од него. И многу сум му благодарна за тоа. Секогаш ме советувалда имам свое ЈАС, но не со збор, туку со личен пример. А таквите совети траат за цел живот!

*Последниот период Степановска е актуелна со улогата во претставата History of Motherfuckers со која учествувавте на фестивал во Србија но и на Охридско лето. Какви беа впечатоците од гостувањата таму? Каква е соработката со Андраш и предизвикот за овој лик во претставата?

В.С.- Андраш Урбан е режисерот на единствената претстава која до сега сум ја гледала, и ми било навистина криво што не сум дел од истата. Станува збор за претставата ,,Хамлетмашина", која се подготвуваше во нашиот театар додека бев бремена. После тоа соработувавме на ,,Фауст", за годинава повторно да се сретнеме во процесот на ,,History of Motherfuckers". Претставата е тешка шлаканица за денешново општество, за сите нас. Свесната, интелигентна публика, ја испраќа со овации каде и да ја играме. Самиот процес на создавање ми беше огромен предизвик, а секоја изведба кај мене раѓа посебна возбуда.

*Соработката со Интимниот театар од Битола резултираше и со интересно гостување во театарската школа. Кој би бил советот на Викторија кон оние кои зачекоруваат кон откривањето на театарската магија?

В.С.- За мене не постои поубава професија од актерството. Сцената е местото на кое се чувствувам стопроцентно слободна и жива.

Доколку се има силна желба, талент, и воља за многу работа на себе, штета е да не се доживее тоа ултимативно чувство. Но, воопшто не е лесно како што можеби изгледа!

*Степановска успешно плива во повеќе театарски форми, а за време на пандемијата и во онлајн проект. Какво беше тоа искуство и во која форма најмногу се пронаоѓаш на сцената?

В.С.-  Претставата ,,И коњите ги убиваат, зар не?", во режија на Мартин Кочовски, ја работевме на почетокот на минатата година. На само неколку дена пред премиерата бевме принудени да запреме со работа, поради пандемијата. Пред крајот на минатата година, сепак ја доработивме, ја снимивме, и поради забраната да играме пред публика, имавме онлајн премиера, која помина одлично. Се сеќавам дека додека со семејството ја гледавме претставата удобно седејќи во нашата дневна соба, бев многу горда на екипата која и покрај вонредните услови, заврши одлична работа, но истовремено бев и некако тажна, зашто сепак, местото на актерот е на  метар и пол од живиот гледач, и ниту една онлајн платформа, колку и да е совршена, не може да ја замени таа размена на енергии меѓу актерите и публиката.


*Беше дел од и од филмот Врати кој имаше успешно меѓународно претставување, но и од неколку други. Колку битолските актери имаат можност за учество во филмските проекти кои се снимаат кај нас?

В.С.- Ќе одговорам со еден збор: - Немаат!

До актерите кои не живеат во Скопје, ретко стигнува информација дека се одржуваат кастинзи, а уште поретко се поканети да бидат дел од нив. Следствено на тоа, актерите кои живеат во внатрешноста, скоро и да не играат во филмови. Кастинг директорите, режисерите и продуцентите тоа го правдаат со недостаток на  финансии, но која е правата причина што ретко имаме шанса да видиме ново, свежо лице на филмското платно, јас навистина не знам.

*Многумина велат за нив театарските штици живот значат. Што за Вики е театарот?

В.С.-Слобода и вистина. И само таков, слободен и вистински (искрен), го признавам. Се друго е губење на време и пари!


Неда Маретиќ

Фотографии: приватна архива на Викторија