За нив гласно се зборуваше: Жени кои испишаа историја во последните 5 години
По повод јубилејниот петти роденден на нашиот Женски магазин, ние нема да рангираме жени. Едноставно само ќе потсетиме на неколку за кои можеби најгласно се зборуваше низ изминатите пет години. Жени кои испишаа историја, жени чии успеси растеа со нашите, а на наша огромна радост, многу од нив доаѓаат од спорот и културата
Можеби еден од најпознатите цитати на Коко Шанел ќе звучи клише, но жената навистина заслужува да биде отмена и прекрасна. Секоја жена заслужува постојано да биде потсетувана за својата големина, за нејзината посебност и совршеност. Секоја жена е уникатна сама по себе и инспирира. И онаа што решила да биде домаќинка и никогаш не се пожалила за ништо, но и онаа што со својот професионален и општествен ангажман во континуитет забележува значајни резултати. Важна е посветеноста. И за едното и за другото. Една африканска поговорка вели дека женската посветеност всушност е и нивната најголема убавина.
Илина Арсова
(Ликовна уметница, скијачка и планинарка)
Првата Македонка која го искачи Монт Еверест, а исполни и историски подвиг - македонското знаме го развеа на врвот Винсон на Антарктикот и ја заврши мисијата 7 врвови. Илина стана прва жена од нашата земја и една од 60-те во светот кои ги искачиле највисоките врвови на сите континенти, како врвен успех во планинарските спортови.
„Со ладни раце, но топло срце. Незаборавно искуство и прекрасно чувство“, порача таа. И како што вели, нека ова биде поттик за сите жени да веруваат во невозможното и да сонуваат! Арсова моментално е во Тенеси, САД, каде освојува нови височини, но овој пат не се работи за планини и врвови, туку, Илина доби престижна стипендија за докторски студии на Универзитетот од Тенеси, каде што паралелно работи и како професорка.
Аријана Коскарова
(Основач и раководител на Академија за маркетинг и пр - „Creative Hub“)
„Creative Hub“ чиј коосновач е оваа амбициозна девојка, оваа година бележи пет години од своето постоење. Основан во 2017-та година ги надмина стереотипите за раст. Стана запаметен во 2019-та година кога се најде на листата на „Форбс под 30“, организирањето на Балкански самит, наградата во Давос за време на Светскиот Економски Форум, победата на „Miami Global Fundraising Stage“ во 2021-вата, а денес е центар кој успешно работи во Македонија и Косово и ги започнува своите операции во Мајами, Флорида. Аријана Кокарова како социјален претприемач се најде и на листата „30 под 30” за 2019-та година за Европа на еминентниот магазин „Форбс“.
„Ме мотивира стравот од неуспех. Можеби е чудно, но бидејќи сум лав во хороскоп важам за навистина амбициозен знак кој ретко се откажува. Од една страна неуспехот, а од друга страна неуморната желба за создавање“, порача таа во една прилика.
Тамара Тодевска
(Пејачка)
Фото: В.Тануровски
Врвот е дно, а доброто зло! Вака пее Тамара во еден нејзин постар рефрен, вака отприлика и ѝ беше во 2019-та година, годината во која испиша историски успех. Врвот го достигна во Израел со историски евровизиски пласман за нашата земја, но многу бргу се најде на дното со ненамерната грешка при интонирањето на химната. Гордоста се претвори во класична хајка.
„Македонија е мојата татковина. Земјата која ме направи појака, похрабра, помудра. Земјата во која растат моите деца и земјата со која се гордеам. Сè во животот е лекција“, порача тогаш Тодевска.
Тодевска продолжи со својата напорна работа и токму месецов наградата „Најдобар македонски уметник“ од церемонијата „Best of Rumeli 2022“ која се одржува секоја година во Турција, заврши во нејзините раце.
Билјана Црвенкоска
(Поранешна македонска ракометарка и репрезентативка)
Билјана испиша историја на фајналфор турнирите со ракометниот клуб „Вардар“, како прва жена-тренер што во „Ланксес Арена“ го кренала шампионскиот пехар. Таа беше првата жена која била дел од стручниот штаб на еден машки тим во Македонија, во европската Лигата на шампионите, како и во СЕХА лигата.
„Чувството е неверојатно. Горда сум на овој успех, иако ми е јасно дека мојата улога е секундарна“, скромно изјави во таа еуфорија поранешната македонска репрезентативка.
Тамара Котевска
(Режисерка)
„Медена земја“ е можеби најдоброто нешто што нѝ се случило во поновата македонска историја. Тамара е корежисер на ова ремек-дело. Токму таа ни испорача совршена приказна со универзален одглас, а документарецот имаше две номинации за престижниот „Оскар“, за најдобар документарец и најдобар интернационален филм.
„Погрешна е перцепцијата да зборуваме за некакви теории на заговор зошто не сме победиле. Срамота е на работите да гледаме така. Оскарот е една формалност. Шоу на кое беше прекрасно да се присуствува. Сепак, вистинската најважна работа се луѓето од целиот свет кои го видоа филмот“, порача тогаш режисерката Котевска.
Атиџе Муратова
(„Медена земја“ - последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа)
Фото: В.Тануровски
Таа е последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа. Со својата човечност и пожртвуваност ги освои симпатиите на сите. Таа е медена исто како и филмот и храбро ја носи главната порака.
„Ако еден го прекрши правилото, сите ја плаќаат цената.“
Дефинитивно Атиџе е личноста што ја одбележа 2019-та година, и на големото платно и со своето присуство.
Емилија Динева
(Донор на органи)
Емилија Динева е жената херој од Дојран, чии срце и бубрези беа донирани на тројца пациенти, откако го изгуби животот во сообраќајна несреќа. Нејзиното семејство ги даруваше органите на својата најмила, а преку нив таа продолжи да живее. Емилија Динева помогна да се направи првата историска трансплатација на срце во земјава, и ја врати вербата во хуманизмот и човештвото.
Докторките - грации на првата срцева трансплатација во историјата на нашата земја
Д-р Маја Мојсова, национален координатор за трансплантација, д-р Билјана Андоновска и д-р Весна Дурнев, анестезиолози од КАРИЛ и болнички координатори за трансплантација и Адријана Георгиев, раководител на Програмата за трансплантација во Министерството за здравство, започнаа една значајна приказна, исткаена од тага и радост, од страв и неизвесност, од љубов и посветеност, од професонални и хуманистички предизвици, од стрес и од адреналин, од емоции и вештини... Ја започнаа приказната за првата трансплантација на срце во историјата на домашното здравство и успешно ја завршија.
На експлантацијата на срцето работеа д-р Марјан Шокаровски и д-р Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, д-р Александар Николиќ од „Аџибадем Систина“, а од КАРИЛ анестезијата ја водеа д-р Маја Мојсова Мијовска, д-р Весна Дурнев и д-р Билјана Андоновска.
Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. д-р Сашко Јовев и д-р Жан Митрев заедно со д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски од „Аџибадем Систина“.
„Воздухот искреше од наплив на добра енергија, заедништво, сите сплотени за една иста цел. Како на сите да ни недостигаше токму овој момент на професионално заедништво. Сè друго беше помалку важно и сите ја работевме својата задача најдобро што може. Беше првпат, ама сè се одвиваше како да е стоти пат. Брзо, прецизно, уиграно, перфектно изведено како некоја сила од горе да нè водеше“, раскажа д-р Весна Дурнев за неверојатниот историски момент.
Тука мора да ги споменеме и тимот на медицински сестри кои безрезервно придонесоа за оваа историска трансплатација.
Пулексенија Јовановска
(Каратистка)
Македонската каратистика Пулексија Јовановска испиша историја за македонското карате. Освои деветто место на Олимписките игри 2021, а нејзиниот сон стана реалност во Токио.
„Колку вредеше, сите овие години, тренинзи, пот, солзи, повреди, неправди. Презадоволна од сè што дадов на татамите! Привилегија е што бев дел од оваа приказна, завршив на 9-тата позиција“, напиша тогаш Пулексија горда на својот успех.
Ирина Дишовска
(Планинарка)
Тетовчанката Ирина Дишовска во 2020-тата воодушеви кога боса и во црвен долг фустан се качуваше по карпите на Кањон Матка. Потоа имаше еден голем подвиг- кампување на ветришта и виулици на снежната Шар Планина, на минусни температури кои се спуштија дури и 20 спепени под нулата, а беа „feels like -30“. Ирина беше и единствената девојка меѓу шест Македонци кои го искачија највисокиот врв на Килиманџаро во Африка.
„Импресиите кои ги симнав од Килиманџаро ќе останат врежани во мене до крајот на животот. Од џунглата и дивиот свет кој живее во неа, преку саваните и густата вегетација, афричкото сонце кое не изгори, до минусните температури на врвот кои не премрзнаа, и снеговите на Килиманџаро кои не воодушевија. Предизвикот да се искачи највисок врв на црниот континент за мене претставува само чекор поблиску до мојата цел, а тоа се искачени седумте највисоки врва на седум континенти“ , откри тогаш Дишовска.
Потоа следуваше искачувањето на Елбрус највисокиот во Европа, и еден уште поголем успех искачување на техничкиот врв на Хималаите - Ама Даблам (6.812м) како втора Македонка после Илина Арсова.
Даница Караташова Илиоска