За паника никогаш нема место: Интервју со д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за Инфективни болести
Паниката никому нема да му донесе ништо добро, вели д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Во интервјуто за Женски магазин, таа зборува за нејзината лична и професионална загриженост по ширењето на коронавирусот, заштитните мерки кои ги презема Инфективната клиника, а го коментира и патувањето во Италија на нејзината колешка, директорката на Клиниката за дерматологија Нина Цаца Биљановска, која е заболена од коронавирусот. Стевановиќ ни раскажа и за тоа колку е емоционално подготвена да се справи со моментот кога не може да го излекива пациентот, и колку поради тежината на функцијата која ја носи, може да има приватен живот.
* Откако бројот на заразени од коронавиурусот е во пораст и Министерството за здравство воведебројни мерки, колку расте и вашата загриженост и страв и лично и како лекар ?
- Клиниката за инфективни бoлести и фебрилни состојби превзема превентивни мерки за заштита на персоналот од самиот почеток на ширење на инфекцијата во Кина. Ние сме здравствена институција која третира состојби со покачена температура, симптом кој сејавува при различни здравствени состојби и од различна причина, од тука и потребата за соодветна заштита. Инфектолозите немаат простор за плашење, тоа е нашата работа, за загриженост секако да. Загрижени сме за развојот на настаните и затоа ги следиме сите медицински известувања и публикации од светот кој го стекна искуството за третман на КОВИД 19 со цел да можеме да одговориме на потребите на сите пациенти кои ќе бидат засегнати без разлика на тежината на болест.
* Какви мерки за заштита превзема Инфективната клиника за пациентите и своите вработени?
- Заштитната опрема, според препораките на СЗО, Клиниката веќе ја имаше на располагање а дополнителни количини на заштитна опрема достави и министерството за здравство, маски, мантили за еднократна употреба, комбинезони за еднократна употреба, ракавици, наочари, капи имаме во доволен број. Ги следиме препораките за нивна правилна употреба како и нивна диспозиција, нашиот персонал е обучен но истото е повторно утврдено. Заштитата е различна при различни манипулации со пациентот. На пример при интубирање на пациент треба да е поголема. Иако сè уште не сме имале пациент со таква потреба, за сега.
* Како во оваа состојба изгледа еден ваш ден на работа?
- Малку поинтензивен од вообичаено секако поради потребата од интензивна комуникација со колегите епидемиолози и комисијата за заразни болести како и со вас новинарите. Почнувам со состанок на колегиумот и реферирање на прегледаните амбулантски пациенти, состојбата на хоспитализираните болни и бројната состојба со пациенти на Клиниката. Се прави промена на рутинскиот распоред за работа ако тоа го бара одредена ситуација, се проверуваат сите потребни материјали и се следат потребите во случај да треба веднаш да се интервенира. Имавме реорганизација на просторот и организирање на поголем капацитет за третман на КОВИД19.
* Како би го искоментирале патувањето во Италија на вашата колешка, директорката на Клиниката за дерматологија, Нина Цаца Биљановска, која е заболена од коронавирусот, како би постапиле вие на нејзино место сега?
- СЕГА, е клучниот збор во вашето прашање! Мислам дека сите треба да се прашаме како сме постапиле или како би постапиле тогаш кога имаше препораки ама уште мислевме дека проблемот е многу далеку од нас секако пред да осудиме. Јас сум инфектолог, заштитата е дел од нашата рутина, се разбира различна во различни услови. Лекцијата сите ја научивме, секој поединец мора да ги почитува дадените препораки за превземање заштитни мерки за да тие бидат успешни!
* Според вас, има ли реална причина за паника?
- Паника никому нема да му донесе добро и за паника никогаш нема место.
* Како гледате на масовното купување на залихи на храна во маркетите?
- Тоа е веројатно прашање на кое може повеќе и подобро да ви одговорат психијатрите. Секако неоправдано, но веројатно очекувана социјална појава при страв. Интересно е дека луѓето се плашат ама не доволно да ги почитуваат препораките.
* Кој е најтешкиот случај (пациент) што сте го излекувале во вашата долгогодишна кариера?
- ХИВ инфекцијата е област во која работам скоро од почеток на мојата лекарска кариера, тоа беше мој избор и причина да ја изберам инфектологијата како специјалност. Во време кога третманот за ХИВ инфекција беше не достапен имаше многу предизвици, не би можела да издвојам некој посебно, чувството кога ќе испратите пациент дома после повеќе месечно лекување, а животот му висел на конец не се опишува со зборови, само емоциите ќе ви ги наполнат очите со солзи.
* Која е вашето најтажно и најнепријатно искуство кое го паметите од работата на Инфективната клиника?
- Кога единствено што можете да направите за пациентот е да го држите за рака додека умира, бидејќи немате лек со кој може да му помогнете, бидејќи сите го оставиле па и најблиските само поради тоа што има болест од 4 букви за која некој им кажал дека е срамота да ја има.
* Имало ли ситуации кога сте сакале да се откажете од вашата професија поради тежината што ја носи?
- Да, но не поради тежината на професијата туку поради тежината на битката со системот кој се трудев да го променам. Благодарејќи на тимот ХЕРА и подршката која ја имавме во нашата единствена тимска игра не се откажав и еве скоро да успеав, иако морам да признаам дека патот беше многу долг а има уште за одење.
* Што правите кога ќе ве совладаат емоции кога пациентот е тешко болен, а треба брзо да се реагира или во случај кога треба да им соопштите на неговите блиски дека не постои начин да се излекува?
- Кога треба брза реакција нема простор за емоции. Умот е ултра практичен. Комуникацијата со семејството на пациентот кој не може да биде излекуван или починал е секогаш исклучително тешка, секое искуство е драматично и мислам дека сите до еден ги паметам. Ние сме само лекари а тоа често семејството не го разбира.
* Колку од работата носите и дома?
- Јас сакам да верувам дека дома не носам ништо од работа, се разбира ако го исклучам фактот дека мојот телефон е секогаш вклучен и на секој повик одговарам без разлика дали го познавам бројот или не и ако ги занемарам забелешките на домашните дека по некогаш зборувам сама со себе... Проценете сами.
* Што правите кога не работите, што ве прави среќна и што ве одмара?
- Порано, фотографијата беше моја љубов и уживав во сликањето, развивањето на филмовите и фотографиите, активизмот и борбата за човекови права ми даваше елан и сила да се борам со непобедивото и да поместувам планини ... Денес најголемиот мир ми го обезбедува мојата внука Милица.
Милица Џаровска