За Велигден помогнете на тие што немаат што да стават на трпезата, подадете и на нечии деца да се радуваат исто како и вашите: Празнично со Адријана Алачки

Добивај вести на Viber

Велигден е еден од најголемите христијански празници и поради својата суштина се издвојува од сите други денови. Велигденските обичаи се разликуваат од регион до регион, но симболиката е секогаш иста: победата на животот над смртта.

Велигден го претставува самото јадро на христијанството, кое е победата над смртта преку жртви и страдања. Додека се слави Велигден воскресението како една од најважните догми на христијанството, важна е и подготовката на верниците за овој празник. 

Велигден е ден на радост. Бијат црковните ѕвона, а луѓето се поздравуваат со „Христос воскресе“, со задолжителен одговор „Навистина воскресна“. Велигден е семеен празник и се слави со присуство на сите членови на семејството и со задолжителната празнична трпеза што го означува крајот на четириесетдневниот пост.

На овој голем ден, можност имавме да поразговараме со познатата водителка, пејачка и претседател на кулинарското друштво „Гастромак“ , Адријана Алачки.

Таа, ни откри каде ќе го помине Велигден, како го доживува овој празник, какви спомени од детството ѝ буди.

*Како и каде ќе ги поминете Велигденските празници оваа година?

-Големите Христијански празници, како Велигден будат посебно силни чувства кај сите членови од семејството, радост, среќа, топлина во домот, сите со исто очекување, полноќ и биење на камбаните со веста „Христос Воскресна, Честит Велигден“. 

Оваа година, како и многу наназад, Велигден го прославувам работно, од 13 ч во Комплексот Етно село Тимчевски. Адетот и обичаите за Велигден ги правиме пред моето заминување на работа, утрото е резервирано за средба со моето семејство, со мојата внука Јана и кцкањето со црвените јајца.


*Што за вас претставува Велигден, како го доживувате овој празник?

-Не можам да Ви опишам што претставува, Велигден е чувство, верба, вистина, тој нѐ обединува, нѐ учи на почит, помладиот кон постариот, нѐ учи на љубов, на припадност, на семејната вредност, вера, надеж и нешто што нѐ држи сите во хармонија.

*Кој е вашиот омилен рецепт кој го подготвувате секогаш на Велигден и што практикувате да имате на трпезата?

-Господ кажал „леб и сол да јадеме, љубов да имаме“.

Воопшто не е важно што има на трпезата, кој што љуби, кој колку може, важно е семејството да е заедно. Ги готвам омилените јадења на моите деца, не се придржувам на некои официјалности. Најважен е адетот да имаме црвени јајца тоа е симболиката на Велигден.

Посебно е важно за Велигден да помогнете на тие што немаат што да стават на трпезата, да подадете и нечии деца да се радуваат исто како и вашите.


*Колку уживате во техниката на вапцување велигденски јајца, кој ви помага во тој обичај?

- Додека Граци беше мала, многу сакаше да биде главниот „вапцувач“ на јајцата. Секогаш на Велики четврток, пред изгрејсонце фарбаме 3 јајца а потоа на Велика сабота и останатите. Сега таа си вапцува за своето семејство, дури ги тера сите обичаи со огромно задоволство. Уживам во шарените јајца, како и вапцањето со лушпи од кромид и детелина на јајцето, врзано во газа.


*Што ви буди Велигден од детството, се сеќавате ли како ви поминуваа празниците како мали?

- Ме потсетува на едно најубаво, безгрижно време, со моето семејство, кога на Велигден секогаш облекуваме ново фустанче и мајка ми не носеше во црква. Традиционално на трпезата имаше кисела јагнешка чорба, печено јагне и Велигденска торта. На масата имаше црвени лалиња во знак на почит кон домаќинката. Тоа чувство е во нашиот генетски код, тоа истото го правите и со своето семејство. Традицијата продолжува.


*Вашата Велигденска порака до читателите на Женски магазин

Сакајте се, ширете љубов и радост, давајте, помагајте, на зло и омраза вратете со добро. Бадијала се полните банкарски сметки, ако немате емпатија за околината, ако сеете омраза, себичност....тогаш бадијала е секој празник за Вас. На Велигден влезете чисти, и на тело и на душа, во името на Бога.



Ирена Ставрова