За жал, лошите соништа најбрзо се остваруваат: Искрено со Драгица Стевковска - Драгче
Драгица Стевковска или кај народот попозната како Драгче е жена која ретко кога може да видите без насмевка на лицето. Жена која со својата позитивна енергија ќе ве освои од прва и жена која со гаранција ќе ви го разубави денот. Голем дел ја знаат од „Патот на светлината“, емисија во која Драгче ги толкуваше соништата. Неколку години по завршувањето на истата, таа е се уште активна на ТВ сцената, иако со малку поинакви проекти.
За Женски Магазин, Драгче се потсети на времињата од најголемата популарност, на најчудните соништа кои ги толкувала, но и за приватниот живот и тајната на успешниот брак, кој го има со пејачот Орце Стевковски.
* „Патот на светлината“ е емисијата преку која јавноста ве запозна. Колку ви недостасуваат тие времиња, бидејќи долг период веќе не се емитува истата?
-Иако голем број на луѓе сметаат дека „Патот на светлината“ е мојот прв проект, не беше така, бидејќи јас одамна ја започнав мојата кариера и имав голема среќа секогаш да бидам во проекти кои се блиски до народот како на пример: „Гласот од татковината“, „Три гонга“, „Македонските муслимани и нивните обичаи“, потоа „Поетскиот магазин“, „Распеана плетенка“ и ред други. Но, емисијата со толкувањето на соништата и посета на светилиштата во Македонија пошироко допре до гледачите и траеше цели 13 години на А1 телевизија, за да продолжи уште 5 години на Наша ТВ. „Патот на светлината“ всушност беше мојата порака до гледачите за убав живот преку разбирање, дружење и молитва и секако дека ми недостасува таа енергија, бидејќи јас ја имам поврзаноста со луѓето, ги чувствувам нивните радости и таги како да се мои.
* Во истата толкувавте соништа на луѓето од Македонија, но и надвор од неа. За кои соништа најчесто ве прашуваа?
-Сонот е како животот – неизвесен, но понекогаш и толку јасен. Народот отсекогаш се занимавал со толкувањето и верувањето во пораките од сонот. Прашањата се различни и за жал секогаш бараа толкување, кога сонот ги има исплашено.
* Имате ли некоја случка од тие времиња, која ви останала длабоко во сеќавање?
-Случки има многу. Јас дел од тие ги имам напишано и во моите книги – „ПАТОТ НА СВЕТЛИНАТА“ и „МОЈОТ ЧУДЕСЕН СОН – СОНОВНИК“. Најмногу ми имаат оставено впечаток оние луѓе кои во паника се јаваат за страшен сон мислејќи дека истиот означува смрт, а напротив сонот носи убаво значење.
* Колку она што го сонуваме може да се случи во реалноста или пак соништата секогаш имаат спротивно значење?
-Соништата кои имаат течение на една цела приказна како филм се соништа кои имаат значење и се порака која се остварува во наредните денови. Соништата кошмари се измачувачки и многу пати не знаеме дали се вистина или сон, но и тие носат вистинска реализација. Но, постојат соништа со неповрзаност и некои желби, кои обично ги сонуваат помладите и истите немаат суштинско значење.
* Што е најдобро да се направи доколку сонуваме нешто што е страшно или лошо?
-Што треба да се направи доколку имаме лоши соништа? Понекогаш добро е да се направи еден чекор и се да биде како што треба. Молитвите помагаат. Можете да се молите и со сопствени зборови, но тоа да го правите искрено и од срце. За жал кај лошите соништа и нема што да се прави, бидејќи тие најбрзо се остваруваат.
* Последна во низата емисии Ви беше онаа со најпознатата македонска баба - баба Рада. Што правите сега? Ќе може ли наскоро да ве видиме повторно на телевизија?
-Во Алфа ТВ влегов во утринската програма во најгледаниот Алфа скоп магазин и бев цела година со гледачите, секој ден од понеделник до петок и репризите за викенд. Минатата година со Баба Рада бевме во заеднички проект „СУПЕР БАБИЧКИ“, каде споделувавме убави и корисни совети за гледачите. Совети за храна, билки и рачни изработки. Баба Рада е личност со која е задоволство да се работи. Во исчекување сум на стартот на новиот проект, затоа што имам сценарио за нешто што силно ќе допре до гледачите и ќе уживаат пред малите екрани.
* Долги години сте во брак со Орце Стевковски, пејачот кој е добро познат на публиката. Колку е тешко да се сочува бракот, кога и двајцата сте познати личности, а особено што тој често патува и оди на турнеи?
-Да, со Орце сме 36 години во брак, од кој имаме две ќерки и пет внучиња. За да се зачува бракот потребно е разбирање и отстапки. Тешко е поради менталитетот во нашата земја, кога секој сака да знае се за другиот, за комшијата и слично. Благодарение на цврстиот карактер и гледајќи си го домот и блиските секогаш си силен.
* Што е она што може да го наречете придобивка, а што негативност од целата ситуација со пандемијата, карантините кои се зад нас и она што следува?
-Ситуацијата со пандемијата е многу тешка. Животот на сите ни се промени и тече во некој друг тек и друг ритам. Морам да кажам дека иако јас сум личност која постојано работи, твори, креира и јас се најдов затекната од пандемијата и многу ми недостига комуникацијата и движењето помеѓу луѓето. Внимавам и поради моето здравје, бидејќи е нарушено и мора да биде под силна контрола и внимание. Се надевам дека светот ќе најде решение за болеста и ќе ни олесни многу. Но, тајната е во дисциплината на сите нас, само со дисциплина ќе успееме да се заштитиме.
* Како за крај: Што најчесто сонувате вие?
-Па, јас и многу малку спијам, јас сум личност која и со малку спиење си ја обновува енергијата. Сонувам различно како и сите луѓе. Понекогаш велам, подобро и да не сонувам, зошто јас имам долги соништа со цели приказни кои секогаш се порака. Најмногу сакам да сонувам цвеќиња, море и среќни луѓе.
И.М.