Забавната индустрија ќе биде најголемиот губитник од пандемијата: Маја Бабиќ за иницијативата за враќање на културните настани
Концертите, театарските и оперски претстави и сите јавни културни и забавни настани повеќе од три месеци се замрзнати кај нас. Освен уметниците и музичарите, од кризата која ја донесе коронавирсот, губат компаниите за организирање настани. „Нашиот бизнис е пред колапс“, велат од Асоцијата на Ивент индустријата ИВАП, која ја сочинуваат околу 40 фирми кои на различен начин се вклучени во организирање на забавните и културни настани. Велат дека како искусни професионалци уште пред речиси еден месец изготвиле и доставиле детален протокол за одржување на настани, која ја доставиле до Владата. „За разлика од кај нас, настаните во регионот непречено се одвиваат а СЗО на 29 мај публикуваше документ во кој препорачува одржување на настани на отворено“, велат од Асоцијацијата. За страдањето на забавната индустрија во време на пандемијата и за плановите како би се одвивале концертите и настаните во иднина, за Женски магазин раскажа Маја Бабиќ, менаџер на настани од „Баги комуникации“ и претседател на ИВАП.
*Кој е иницијатор за отварање на ИВАП и кои фирми де дел од неа?
- Можам слободно да кажам дека главен иницијатор за ИВАП е пандемијата. Всушност, оваа криза ни покажа дека во вакви моменти настапувањето здружено е клучно. Сите ние постоиме и работиме на овој простор, најчесто соработуваме меѓу себе, се познаваме, но никогаш не сме размислувале за здружување. Дури и да имало обиди, завршувале без успех. Кризата ни покажа дека за да можеме да се бориме за некоја цел, мора да настапуваме здружено. Така почнаа и разговорите за формирање на Асоцијација. Можеби допринесе и тоа што имавме повеќе слободно време од вообичаено па можевме да се посветиме на ова прашање. Не беше едноставно ниту лесно. Овие неколку месеци ги поминавме во многу комуникација, разговори, онлајн состаноци за на крај да се создаде Асоцијацијата на ивент индустријата. ИВАП е кратенка од ивент, видео, аудио и поддршка. Се обидовме да создадеме сојуз од компании кои го сочинуваат процесот на создавање на еден настан. Сега за сега сме 40 компании но се разбира дека сме отворени и очекуваме и останатите компании да ни се придружат. Не се ограничуваме само на одредени настани, буквално секоја фирма која е дел од еден настан е добредојдена. Во блиска иднина ќе се вклучат и физичките лица кои се огромен дел од оваа индустрија, како фриленсери, и кои во оваа криза се најдоа како најнезаштитени. Можеби кризата ја создаде ИВАП но главната работа доаѓа дури сега. Свативме дека има огромен број на нерегулирани прашања во нашата дејност, големи недоречености и простор за различни толкувања. Затоа, главната работа на ИВАП ќе биде конечно регулирање на ивент индустријата што ќе биде од корист и за компаниите но и за оние кои ги користат нашите услуги.
* Кој точно начин за враќање на забавните настани го предложивте до Владата, по кој протокол за заштита би се одвивале?
- ИВАП е составен од искусни и врвни професионалци со долгогодишно искуство во организацијата на настаните. Согласно тоа, ние уште пред еден месец предложивме протокол по кој би се одвивале јавните настани. Истиот го доставивме до надлежните институции. Исто така доставивме и други барања како што се мерки кои ќе помогнат за ревитализација на оваа индустрија по отворањето, од кои придобивка ќе имаат не само нашите компании туку и останатите вклучени учесници, како артистите на пример. Протоколите кои ги составивме се во насока на заштита на здравјето на публиката но и на самите организатори. Секако дека ќе има многу ограничувања, капацитетите ќе бидат намалени, дека во голема мера ќе се усложни процесот на одвивање на еден настан, но мора да се прилагодиме на новото нормално.
Маја со сопругот Владимир Мандичевски-Манде и со Ранко Петровиќ, сопственикот на радио „Бубамара“, на последниот голем забавен настан кај нас пред пандемијата, „Златна Бубамара на популарноста“
*Бевте ли на состанок во Владата, што ви одговорија?
-Бевме на состанок со Министерката за финансии, Ангеловска, имавме долг и конструктивен разговор, ги дискутиравме сите можни сценарија. Разговаравме за предложените мерки и јасно дадовме до знаење дека не сакаме да седиме дома и да чекаме помош од државата. Наместо тоа предложивме да работиме и ние да плаќаме на државата, нешто што и досега сме го правеле. Комуникацијата со кабинетот продолжи но резултати нема. Очекувавме да имаме разговор со Комисијата за заразни болести но сѐ уште нема ништо од тоа. Ниту знаеме какви се плановите за релаксација на овој сектор ниту знаеме што да правиме. Слушаме шпекулации за датуми, но ништо од тоа не е потврдено. За жал бројките на новозараени не одат во прилог на позитивна разврска, но сепак некој мора да каже нешто. Исто така читаме некои најави на социјалните мрежи за идни настани со конкретни датуми и сметаме дека е некоректно да се врши фаворизирање, без разлика дали се работи за државни установи или приватни компании. Сите сме подеднакво засегнати од оваа пандемија и така треба да нѐ третираат. Ако се знае дека за да се постави еден настан потребно е минимум еден месец, не може да не пуштат од утре и да очекуваат веднаш да проработиме. Затоа сметам дека фаворизирањето и „шепнувањето“ на датум во најмала рака е некоректно.
*Ако сѐ се заврши во полза на враќање на настаните, има ли “Баги комуникации идеја“, кој настан би дошол прв на ред?
-Конкретно за „Баги“, ние пред пандемијата речиси и да ја затворивме годината со планови за настани и проекти. Со оглед на тоа дека годинава одбележуваме 30 години јубилеј, сакавме целата година да биде во тој знак. Дел од проектите започнавме да ги подготвуваме на почетокот на годината, но за жал кризата си го направи своето. Подготвени сме да продолжиме таму каде што застанавме, но во овој момент невозможно е да потврдиме со кој проект ќе се вратиме. Тоа зависи од датумот на пуштање, од насоките и препораките, како и од усвоените протоколи. Има многу непознати во овој момент. Секако дека се надеваме, посакуваме да работиме но исто така сме и крајно претпазливи во врска со јавното здравје.
*Како живеете сите овие месеци, вие и колегите со кои што сте во контакт?
- Неизвесно. На почетокот дури и ни дојде добро малку одмор, си рековме, добро, еден месец можеме сите да преживееме без секојдневната трка и лудило. Но како поминуваа неделите и месеците, свативме дека ѓаволот ја однесе шегата. Секој од нас ја наоѓаше сопствената шема и модел како да го помине карантинот. Нашата професија е динамична, постојано сме во движење, па како поминуваше времето, почнавме да стануваме нестрпливи. Дополнително што нашите бизниси почнаа да страдаат. Обврските достасуваат а прометот е нула. Не постои бизнис кој може да издржи да биде затворен речиси четири месеци. Тоа не е природно. Се обидувавме да најдеме начин за функционирање и работа, следевме светски текови, но заклучокот е дека оваа индустрија едноставно не може да заврши онлајн. Нашите настани се размена на енергија, емоција, живиот настап тешко дека ќе го доживеете онлајн на ист начин. Заради тоа, според светските статистики, заклучокот е дека забавната индустрија ќе биде најголемиот губитник од пандемијата.
Милица Џаровска