Задолжен сум за многу работи, заради Дуле, заради Господ: Коки за својот другар шест години по неговата смрт
Емотивната балада „Прв ден во месецот“ во
2011 година, беше последниот заеднички настап на Дуле и Коки на домашен терен,
на нивниот „Макфест“. На истата сцена,
пошироката јавност за прв пат го запозна симпатичното штипско дуо, во 1996
година. Од дебитанти, тие станаа ѕвезди победувајќи на фестивалот на кој
израснале во публиката, сонувајќи дека еден ден ќе бидат од другата страна, на
сцената. Приказната на „Виолина и гитара“ чии автори се Александар Митевски и
Валентино Скендеровски се пее и денес.
Вчера се навршија точно шест години откако почина Душан Љубисављевиќ-Дуле, вокалот и гитарата на дуото. По цели осум години, виолината, Никола Јанков- Коки се враќа на „Макфест“, кој ќе се одржува од 10 до 12 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, овој пат сам.
„По осум години сме повторно дома. Измешани ми се емоциите, но што се мора се мора. Сметам дека таа сцена заслужува секогаш да ѝ се враќаш и да дадеш сѐ од себе ,бидејќи тоа ѝ го должиме“, ни раскажа Коки вчера, на шестгодишнината од загубата на својот другар и колега.
„Автор на песната е Дејан Георгиевски-Ѕене, комплетен автор. Секоја песна е приказна за себе, па и оваа. Многу случки и сеќавања. Овде е едноставно раскажано за некоја љубов која завршила на две различни страни. Песната се вика „Бела ајта“, што во превод значи бел свечен фустан“, ни откри Коки.
Музичарот додава дека сега, кога настапува без Дуле притисокот и одговорноста се поголеми, без оглед што ќе пее на свој, штипски терен.
„Многу работи не се како што беа и нормално е да човек кога фали, да се чувствуваш како што се чувствуваш, но песните мора да продолжат да се пеат. И старите, а и новите што следат“. На прашањето што мисли, што би рекол Дуле за неговата нова песна, како би реагирал, Јанков ни рече: „Ова е преинтимно прашање, така што.. Ние двајца секогаш знаевме- кога едниот од нас дава идеја, другиот му дава максимална поддршка и обратно. Така функциониравме“.
Коки со носталгија, но и со радост се сеќава на првиот настап на Дуле и Коки на „Макфест“ во 1996 година.
„Деведесет и шеста? Е, таа година „Макфест“ беше закитен со песната „Виолина и гитара“, Дуле и Коки, ееееј. Ништо повеќе не беше исто понатаму“, се сеќава Коки на нивниот прв успех, пред кој публиката ги знаеше само како дуото кое настапува по клубови.
И денес, на настапите, Коки место Дуле ги пее „Марама“, „Колку треба да се плати“, „Кога едно прават две“, „Залудно е да се напијам“...
„Сѐ уште сум на терен со настапи, со луѓе, со среќавања речиси секој викенд. Луѓето ги бараат песните од Дуле и Коки и ги пеат. Ќе се направи еден концерт и ќе има многу убави моменти и верзии на тие песни“, открива Коки за неговите идни планови.
На прашањето во кој дел од секојдневието најмногу му недостасува неговиот другар, Коки вели: „Да ви кажам, горе си е горе. Овде не е убаво, се гледаме во очи и се лажеме. Се занесуваме, а внатре, шупелки празни. Извинете, но некогаш сакам да кажам некои реченици но, трпението е на моја страна. Секој ден е инспирација и надеж и не може да помине без да помислиш и на убавите и на неубавите работи. Би сакал многу нешта и луѓе да се вратат, ама не бива. Некои луѓе веќе ги нема.. Дуле го нема, песните се тука. Тој сакаше да пее и да дели од неговата душа, преку нив. Шест години летнаа, ќе летнат и многу повеќе. Задолжен сум за многу работи, и ќе ги направам. За нас, за вас, за „Тајфата“, за фамилиите и најблиските. Заради Дуле. Заради Господ.“
Милица Џаровска