Дигиталната писменост на децата е исто важна како описменувањето на својот мајчин јазик: Гордана од Едуфронт, компјутерско образование за програмирање за деца базирано на иновативната наставна програма на Харвард
ЕДУФРОНТ започна со идејата да се создаде компјутерско образование за деца базирано на иновативната наставна програма на Харвард. Во време кога дигиталното описменување на децата е многу важно за нивната иднина, разговаравме со Гордана, сопственик и иницијатор за креирање на овој неформален едукативен центар.
* Како се создаде идејата за настанување на Едуфронт? Колку време постои, како се менуваше (надоградуваше) со текот на годините?
- ЕДУФРОНТ постои уште од 2018 и е едукативен центар за компјутерска технологија посветен на поттикнување на способностите за решавање на проблеми и иновативниот дух на децата.
Идејата за настанување на Едуфронт потекна од самата помисла кога барав едукациски центри за Маја, мојата ќерка која природно изрази желба за дизајн и сама започна со изучување на програми како и за Стефан, мојот помал син. Од појдовна точка како родител но и од перспектива на долгогодишен професор во формалното образование знаев дека навистина е потребно да се развие квалитетен едукативен центар по светски стандарди и веќе развиени успешни примери од Харвард.
Гордана со ќерката Маја (од лево) и синот Стефан (од десно)
Мојата мисла започна од тоа - Зашто и нашите деца не учат по докажани програми како тие од Харвард?, што е тоа што може да се направи и навистина ќе се најде во иднина на сите деца во нашата земја. Помислата ми беше првенствено како родител, поаѓајќи од сопствениот дом, од сопствените деца и нивните интереси кон компјутерската технологија и дигиталните вештини, а потоа и како професор гледајќи што за жал не е дел во програмата на формалното образование, а треба да биде. Беше јасно дека се зголемува потребата од дигитални вештини, а со тоа и клучна е едукацијата и компјутерското образование на децата уште од најмала училишна возраст и решив своето искуство да го применам и унапредам во неформален едукативен центар за програмирање за деца.
Развивме „Компјутерско образование за деца базирано на иновативната наставна програма на Харвард“. Започнавме со две програми за креативно компјутерско образование за деца: „ПрограмиИграм Мини“ за деца од 6 до 8 години и „ПрограмИграм“ за деца од 8 до 12 години. Овие програми се развиени и заштитени како трговски марки под имињата: „Едуфронт“ и „ПрограмИграм“.
Во меѓувреме, пандемијата наложи уште еден предизвик на кој моравме да се адаптираме и денес сите наши обуки, поради безбедност на децата, се оддржуваат во виртуелна училница. Покрај нашата најпосетена и најпозната програма за „ПрограмИграм во Scratch“, развивме уште две нови обуки за програмирање за деца „ПрограмИграм во Python“ и „ПрограмИграм во HTML/CSS/JS“ и горди сме што бројката на запишани и задоволни деца постојано расте.
* Какви програми нудите и за деца на која возраст се наменети програмите на Едуфронт?
- Нашите програми се наменети за деца на возраст од 6 до 14 години, односно за сите деца кои се на училишна возраст во основно образование.
ПрограмИграм™ e заштитена трговска марка на ЕДУФРОНТ под чие име се развиени, пилотирани и се спроведуваат следниве програми за деца од 6 до 14 години: ПрограмИграм Мини во Scratch Jr., ПрограмИграм во Scratch, ПрограмИграм во HTML/CSS/JS и ПрограмИграм во Python.
Овие програми се наменети за децата да стекнат технолошката писменост со цел да ја разберат технологијата присутна во светот околу нив и да станат нејзини активни корисници. Да не бидат само пасивни консумери на дигиталните содржини и технологиите туку да научат како да креираат сопствени дигитални содржини кои им значат нив, и се корисни за нивната околина. Програмите се насочени кон развивање и усвојување на: алгоритамско размислување, програмирање, системско размислување и дизајн.
Во обуката „ПрограмИграм во Scratch“ се изучува програмскиот јазик Scratch преку користење на наставната програма „Creative Computing Curriculum“. Scratch е програмски јазик базиран на визуелни блокови за програмирање и главна цел на Scratch е да ги воведе и запознае со програмирање оние кои немаат претходно искуство во програмирање. Во Scratch децата програмираат свои интерактивни колажи, приказни, анимации и игри. Притоа се изучуваат: Математички концепти (координати, оператори, агли и завртувања, варијабли и др.), компјутерски идеи и концепти (настани, низи, услови, циклуси, итерации и др.) и процес на дизајн.
Во обуката „ПрограмИграм во HTML/CSS/JS“ се изучуваат скрипт јазиците HTML, CSS и програмскиот јазик JS. Притоа се користи едукативна платформа со соодветни активности наменети за деца, за полесно усвојување и совладување на таговите. Со оваа обука децата ги усвојуваат основите на изработка на скрипти во HTML и CSS преку интересен и лесно разбирлив метод, ги комбинираат знаењата од HTML и CSS и примена на двата јазици за да се создаде стилизирана веб страница. Исто така ги усвојуваат основите на програмирањето во JS и учат да изработат игра и апликација со сите научени скрипти и јазици.
Во обуката „ПрограмИграм во Python“ се изучува програмскиот јазик Python, еден од најкористените јазици во професионалното програмирање, во игри и други апликации. Децата во оваа обука го изучуваат Python преку совршен начин и активности за некој да се запознае со програмирање и да ги усвои основните концепти и да ја почувствува возбудата да направи компјутерот да прави работи, но тоа да не биде премногу на технички начин. Оваа обука им обезбедува на учениците забавен начин да научат вештини за кодирање. Концептите се објаснети на толку едноставен начин, што секој може да научи да кодира. Учениците учат да прават едноставни пресметки, да прават списоци и да научат како програмирањето може да се стави во практична употреба.
* Дали правите отворени, бесплатни работилници за деца?
- Пред да започне нова обука организираме бесплатни работилници во вид на отворени часови за секоја од нашите програми. На овие работилници може да учествува секое дете кое е заинтересирано за работа со компјутери или програмирање или деца кои сакаат да видат и испробаат како се програмира во еден од јазиците кои се учат на нашите обуки.
Во моментов сме во период на уписи за нови декемвриски групи и организираме по една работилница неделно. Дознајте повеќе за следните останати отворени бесплатни часови тука или од нашата заедница каде објавуваме најнови информации.
* Каков кадар предава во Едуфронт?
- Тимот на едукатори во Едуфронт е составен од долгогодишни експерти со теоретско и практично искуство од програмискиот јазик што го предаваати што е најважно, имаат желба да работат со деца и да им пренесуваат знаење за програмирање на интересен и инспиративен начин. За нас уште пред да започнеме ни беше најважно како критериум - секоја обука да биде квалитетна - и свесни бевме дека за тоа најмногу има влијание самиот едукатор. Со цел да се погледне добро секоја програма секој едукатор пред да започне обука одржува отворен час, па ве покануваме да ја посетите наредната.
* Колку е ваквото технолошко знаење потребно за секое дете, особено во време кога имаме онлајн учење? Или пак е добро само за талентираните ученици?
- Онлајн учењето е најлогичен и најбезбеден начин на учење и дополнително ја нагласи потребата од поседување на дигитални вештини. Се покажа дека децата во многу случаи и подобро се снаоѓаат од возрасните. Тоа е заради нивниот постојан контакт со технологија. Но, од друга страна важно е да се посвети внимание и да се насочат децата кон продуктивно користење на технологијата и совладување на вештини кои ќе им бидат потребни и во понатамошното образовно и кариерно усовршување.
Но, не сметам дека знаењето за технологијата и дигиталните вештини е добро само за талентираните ученици. Сите ученици треба да имаат основни вештини од дигиталната писменост која во денешно време е исто важна како и описменувањето на својот мајчин јазик.
* Дали нудите програми за обука на родителите, кои сега се соочени со тоа да мора да бидат обучени за да му помогнат на своето дете при извршување на училишните обврски?
- Како родител и професор секојдневно пренесувам совети и од своето лично искуство, а преку Едуфронт се трудиме да придонесеме со споделување на знаење преку отворени, бесплатни вебинари со едукатори, психолози и родители. Последниот отворен вебинар беше со над 2200 гледачи во живо каде се водеше разговор за навремена дигитална адаптација на едукаторите, родителите и децата и беше организиран заедно со Бојана Стојменовиќ од Мој психолог. Знаеме колку се потребни сите совети и правилни насоки и ќе продолжиме со ваквата практика и веќе на ум имаме повеќе идеи за следни вебинари.
* Дали сметате дека родителите сè повеќе ги форсираат децата да се занимаваат со компјутерски науки токму поради трендот на добра заработка и сигурна работа и што препорачувате Вие како родител?
- Верувам дека тој тренд влијае - од една страна ние родителите ги следиме тековните трендови и побарувачка на пазарот, од друга страна самите деца, пораснати со технологија или пратејќи свои идоли од разни компјутерски области се’ повеќе се одлучуваат да изучуваат компјутерски науки. Родителите се тие што треба да ги насочуваат децата и да внимаваат да го следат вистинскиот пат. Од друга страна цврсто сметам дека треба да ги почитуваат интересите и афинитетите на своето дете и соодветно да ги поттикнуваат - „талентот е само 10%, останатите 90% се работа“.
* Прочитајте повеќе за ЕДУФРОНТ и дознајте повеќе за нивните останати отворени бесплатни часови тука
Д. Караташова Илиоска