„Жена, мајка, кралица”

Добивај вести на Viber

Од акање лево десно летово, во петокот завршувам во Охрид. Градот конечно живнат, потсетува на оној Охрид кој низ годиниве е полн туристи, раздвижен, размуабетен и среќен. На страна тоа дека јас повеќе си го сакам кога е попразно и кога не треба да правам слаломи за да се разминам со луѓе, Охрид блескаше во сиот свој сјај. Откако со ќерка се прошетавме, таа (нормално) ме откачи за да се види со друштво, а јас решавам да се ставам во 5-та брзина и да надокнадам пешачење кое го пропуштам кога сум во горештините во Скопје. Секако дека после ме болеше секој мускул и дека имав грчеви во нозете, ама вредеше секоја изгубена калорија. Нејсе, со ќерка се разделуваме некаде кај Холандскиот парк, а јас решавам да појдам до Канео, па низ чаршијата да фатам (така барем 2-3 пати) додека не дојде време да се собереме за по дома. Кога ќе ми се потрефи комбинацијата работа-пат (кој сѐ уште не е во функција-арам) и река луѓе кои шетаат, не беше тешко да се претпостави дека ќе ми почнат вртоглавиците. За да ја избегнам гужвата се понашам ко Бојан Крижај на скијачка патека (простете, ама до него имам застанато во однос на скијање и не знам ниту еден друг скијач), па тргни десно, потсврти лево, а во главава рингишпил.

Откако терам така неколку стотина метри, се погодувам паралелно со едно семејство (одлево надесно) наредени: мајка која турка количка со бебе кое е зачудувачки мирно (ова го кажувам со малку љубомора, оти ќерка ми бараше да е во раце цело време, а беше бабачко тешка, па ден-денес имам мускули на рацеве), девојченце кое полузаспано ѝ дреме на рамо, синче со сладолед во едната рака, додека со другата е обесено за нејзината сукња и татко со две слободни раце (една грамада од 2 метра). Татково е со телефонот пред нос и среќа што одеа полека (а и мене ми се погоди темпото за душа да одморам после „скијањето“ низ народ), оти сигурно ќе се сопнеше некаде. Од блиц поглед на мое лево, забележувам оти гледа некое стори со една згодна и убаво надарена девојка (па жена сум, секако дека ќе приметам што гледал де), па го враќам погледот пред себе за да не се струполам некаде. Како што ги одминувам, жената (препотена, а и јас се препотив од што се замислив себе на нејзино место со три деца) го прашува што гледа толку во телефонот, кога малиов се направил лом со сладоледот а девојчево ѝ стежнало, а тој мртов ладен ѝ вели „абе кумот ми пишува нешто”. Веќе ги имав одминато, ама во главата ми остана сликата на жената која доби сервирана лага, а која во исто време туркаше количка со бебе, држеше друго дете во раце и веројатно после го бришеше сладоледот од лицето на синчето. И да, не е дека живеам во среден век па нешто сум згрозена или шокирана дека мажите гледаат сториња/фотографии од млади и разголени девојки, ама малку усул да се имало! И да ги разбиеме од старт застарените сфаќања на оние кои веднаш ќе си речат дека денешнава младина е испуштена од контрола, па тоа врие голотија насекаде. Лето е и нормално дека ќе се сликаат жени и девојки во купачи, сигурно нема ролки да стават за да биде задоволена малограѓанштината. Башка, правото на секоја жена е да се слика како сака, без тоа да биде сфатено како „повелете, послужете се“. Од друга страна, правото на секој од нас е да ги гледаме тие фотографии/сториња, оти да се разбереме дека и ние жените не прескокнуваме фотки од убави мажи и не приповраќаме од убаво машко тело, но суштината во случајов е сосем друга.

Истиот тој маж веројатно за нејзиниот роденден става честитка во вид на слика со неа и децата и под неа пишува „жена, мајка, кралица”. А јас памтам една работа што ми ја има кажано мојата покојна баба по татко, Даница, а која гласеше вака некако: „мажот од жената може да направи кралица или магарица”. Отсуството на емпатија (во случајов) е она што ме здоболеи како жена и како мајка. Од примери на мои блиски знам многу мажи (секоја чест за исклучоците) кои не сакаат да си преземат одговорност за грижа околу децата, па секогаш велат „абе плаче по тебе, не е дека јас не го/ја чувам”. Ма немој! Имам на фб едни пријатели (брачен пар) кои имаат три деца и кои ги обожувам заради односот кој го имаат еден кон друг. Е, тие се вистински партнери во сѐ. Грижата за децата им е заедничка во секој поглед, двајцата се успешни во она што го работат и башка, си ја имаат задржано онаа искра меѓу нив која многумина дозволуваат да им згасне во бракот. Партнерскиот однос кој е многу важен особено кога ќе стаса потомството, е она што ја одржува страста меѓу сопружниците. Ако грижата за сѐ се остави само на едниот родител, тогаш уморот и фрустрацијата ќе си го направи своето. На кој му е до романтики и секс ако цел ден бил на работа, па после дома се занимава со домот/ручеци/садови/деца? Мене сигурно не би ми било.

Многупати имам пишувано за истрошеноста на жените во институцијата наречена брак. Таа истрошеност си влече корени од времиња во кои жената седела дома и нејзина обврска биле домот и децата, додека мажот заработувал. Но, денес работите се малку поинакви, барем во однос на тоа дека и двајцата придонесуваат за семејниот буџет, ама како да има останато (многу често, за жал) она убедување дека сепак жената е таа која треба да се грижи за семејството. Тоа му доаѓа како втора смена на работа, оти да сме на чисто дека сликата на среќно семејство со дечиња и светната куќа, има позадина која не се гледа а која не е ич розова. Зад таа идеална слика се кријат часови стоења покрај шпорет, еден куп валкани садови, машини и машини испрани алишта кои после треба да се испеглаат, па домашни со децата и ред ситници на кои сега и не ми текнува. Сѐ на сѐ, време за себе (од аспект на жена) и време за негување на односот маж-жена, скоро и да го нема.

И мажот (од погоре споменатите мои фб пријатели кои имаат три деца) знае на ѕидот да стави за жена му „жена, мајка, кралица”, ама исто така знае и да ја вреднува нејзината улога во неговиот живот, како жена и како мајка на децата кои ги имаат. Круната која ја става на нејзината глава не е од хартија или за пред светот, туку е со тежина која говори за почитта која ја има кон сопругата.

Она што сакам да го кажам е следно: круната секогаш да си ја ставате сами или кога саканиот ќе сака да ве „крунисува” пред народ, да се изборите да ја имате и кога сте сами. Ние жените не сме само нечии сопруги и љубовници, мајки на децата кои сме ги родиле со вас. Ние сме борци секој ден од годината, а битките ги биеме на секој чекор, оти на многу наврати сме третирани како да живееме во патријахат. Да не спомнувам дека скоро секогаш сме платени помалку за истите работни позиции кои ги имаме како и мажите, дека сме понижени кога нѐ прашуваат дали планираме да останеме бремени (како да треба да дадеме отчет кога имаме секс). И повторно ќе се вратам на брачниот пар со кој ми почна колумнава. Секако дека таа грамада од маж ќе си врти на фб или инстаграм и ќе гледа сѐ и сешто (не мора да значи дека гледал само по жени), но кога е со жена му може да покаже почит и да грабне децата за да ја подели одговорноста, па и љубовта кон нив (не да помогне, оти децата се и негови, нели?). „Кралица или магарица”, прашање е сега. Се разбира дека првото, ама со круна која ќе свети силно и која ќе стои на глава и тогаш кога сме најуморни и најбезволни, оти секоја жена тоа го заслужува.

Да сте ми живи и здрави!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Велат оти лесно е жена да си

Спастрена секогаш

Дури и тогаш кога душата ти цвили

И солзите однатре ти лијат

Та си ги поткасуваш усните

За да не вреснеш до небо

Кога чекориш ко светот твој да е

На потпетици од кои стапалата те вијат

И тело исправено

Дури и тогаш кога ти иди да се свиткаш

И така ноќта да ја минеш

Никој освен жена

Не знае како е жена да си

Кога од сите болки

Треба насмевка да исткаеш

Со плачот јадењето да го посолиш

Од снагата живот да извадиш

И за него повеќе од за себе да се грижиш

Та велат оти лесно е жена да бидеш

Оти шминката бледилото го крие

И црните кругови околу очите

Кои од наспаност не се

Та се чини оти најлесно е

Кога на раѓање женски плач се слуша

Оти ниту една од нас

Нема да заплаче пред туѓи очи

Туку болката ќе ја џвака во себе

И ќе ја исплука тогаш

Кога во самотија ќе се завитка

Без ниту еднаш да заофка

Или да се пожали некому на глас

Велат

Велат дека жена е лесно да се биде

И оти жените низ векот полесно врват

Небаре патот со рози ни е послан

И на него ниту едно камче нема

А јас знам

Знам по сите жени кои на мојот пат застанале

Дека силата нивна е поголема

Од кревкоста на нивните тела

И благоста која во себе ја носат

И дека плеќите од железо им се

Ама срцата меки ко памук

Ко облак бел на сино и чисто небо

Велат оти жена да си

Не е ништо особено

Ниту дека е тешко во наши чевли да се оди

Ама знам

Како што знае и секоја од нас

Дека најголемиот благослов и клетва е

Кога женско дете в куќа ќе се роди

Оти нејзината среќа лежи во туѓата

И дека од себе ќе земе

За на другите да им даде

Со сета леснотија

Во таа тежина жена да е

Жена да биде