Жена на месецот: Славица Ангелова - млада надеж која го освои Балканот
Женски Магазин започна со претставување на дами кои се двигатели и најдобри во она што го создаваат и работат. За секој месец, до крајот на годината ќе ви претставуваме по една таква жена.
Овојпат, за жена за месец јуни 2023 година ја избираме Славица Ангелова.
Таа е девојката која ѝ го обели образот на нашата земја и победи во 16-тиот по ред натпревар на „Ѕвездите на Гранд“, како прва од 17 натпреварувачи од Балканот.
21- годишната струмичанка беше првиот кандидат за оваа сезона кој ги доби сите осум гласови од жирито и заслужен громогласен аплауз, уште при првото појавување кога ја испеа „Брод што тоне“ од Тамара Тодевска, па потоа се претстави со „Лутка за бал“ од „Парни Ваљак“ и покажа како се пее.
Скромна и секогаш тренди, таа во финалето доби 17 илјади гласови повеќе од кандидатот на Цеца. Низ целото натпреварување покрај од своето семејство, Славица добиваше несебична поддршка од нејзиниот ментор Ѓорѓе Давид, кој ѝ предвидуваше победа уште во јануари годинава.
Славица си дојде во Македонија наградена од продукцијата „Гранд“ со песна и спот, како и со маркетиншка кампања, а ѝ беше подарен и автомобил Фиат Типо.
Инаку Славица е студентка на медицина, а се има натпреварувано и во „Неки нови клинци“.
За Женски Магазин одговори на неколку прашања за нејзиниот живот:
* Како се чувствувате по победата, што Ве радува?
- Секогаш имам некоја доза на резерва, и тогаш кога ќе успеам во нешто ме прави среќна, оваа награда е нешто што одсекогаш сум ја посакувала. И навистина за мене поголема радост во моментот нема, посакувам секој да го осети тоа чувство без разлика на кое поле да биде.
* Која е Славица приватно, кога ќе се ислучат камерите? Опишете ни се со една реченица.
- Мислам дека живеам еден двоен живот. Приватно сум личност која многу ретко некој може да ме забележи, тивка и повлечена.
* Ваши идни планови. Каде се гледате за 10 години, во музиката или медицината?
- Мислам дека 10 години е долг период, оставам на времето... иако ги сакам и двете професии бескрајно...Уште сум млада и можам да се посветам во моментот повеќе на музиката, но секако медицината е онаа што многу го сакам уште од мала. Можеби ќе станам најраспеаната докторка.
* Koj и што Ве мотивира? Мисла која Ве води низ животот?
- „Секогаш биди своја“ е мислата која ме води, само така сметам дека може да успеам , секој треба да има визија за тоа како и каде се гледа во животот и со какви можности располага. Да се биде своја тоа значи да бидеш една карактерна и емпатична личност која без маска и добрина ќе чекориш кон целта.
* Што е за Вас дефиницијата за успешна и убава жена? На која таква се одгледувате?
- Жената е едно нежно, но најмоќно битие...Секоја жена треба да ја носи магијата на мудроста и таинственоста, упорноста но и женственоста. Има многу жени кои ги почитувам и им се восхитувам на моќта која ја поседуваат. Една од нив ми е Анџелина Џоли- вистинска дама, која фасцинира со нејзината сензуалност, и моќ во тоа што го работи. Голем хуманитарец и уметник во својата работа. Благородна во поглед на децата. Жена од која многу може да се научи.
Младата струмичанка ги воодушеви сите со нејзиниот финален настап пеејќи ја песната „Угаси ме“ од Парни Ваљак, како родена за сцена, без грам трема. Судејќи по реакцијата на жирито, сите членови уживаа во настапот на талентираната пејачка.
Сигурни сме дека ѝ претстои одлична кариера.
*Д. Караташова Илиоска*Ѓорѓе Давид за Женски Магазин: Не очекував ништо, Славица долго беше заспана, но покажа дека може